1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Колинда дели бакнежи за народ

Зоран Арбутина
17 јули 2018

Хрватите беа поразени во финалето на СП, но сепак се чувствуваат како емоционални фудбалски прваци, благодарејќи и на својата претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ.

Russland WM 2018 Frankreich gegen Kroatien | Grabar-Kitarovic und Dalic
Фотографија: Reuters/D. Sagolj

Емануел Макрон немаше никаква шанса. Совладана од своите емоции по впечатливата игра на хрватската репрезентација, хрватската претседателка на трибините го прегрна силно францускиот претседател. Ни трага од државничка дистанца. Макрон, во стил на вистински џентлемен, се повинуваше. Подоцна таа го повтори гестот, долу на теренот, кога двајцата, комплетно прокиснати од дождот, ги поздравуваа екипите.

Но, Колинда не остана на тоа. Разнежнета и понесена од успехот и добрата игра на нејзините Хрвати, таа го прегрнуваше и бакнуваше речиси секој кој се најде во нејзина близина. Прво фудбалските судии, потоа 22 хрватски играчи заедно со тренерот и на крајот - скоро целата француска репрезентација. При прегратката со најдобриот играч на Првенството, Лука Модриќ, на Колинда ѝ потекоа и солзи.

Хрватската претседателка се расплака честитајќи му на МодриќФотографија: Reuters/

Кралица на срдечноста...

Со брзина од неколку секунди, хрватската претседателка стана хит на социјалните медиуми- низ цел свет. Во црвено-бел дрес наместо скапа гардероба, таа се претвори во медиумска ѕвезда. Хрватската претседателка нѐ учи како треба да се биде „отворен и скромен“, пишуваа едни, таа е „чиста емоција и топлина“, дополнуваа други. А Твитер-корисник пак кулминираше со изјава: „Двете најголеми откритија на СП беа Килијан Мбапе и Колинда Грабар-Китаровиќ. Поради неговите голови и овие прегратки, ова СП во фудбал е најинспиративниот настан на сите времиња.“

Дури и српските медиуми, обично критички и одбивачки настроени кога станува збор за соседот Хрватска, восхитено пишуваа дека хрватската претседателка во Москва приреди засенувачко шоу. А германски медиуми објавија еден Твитер-цитат како наслов: „Кога ќе пораснам, ќе се оженам со хрватската претседателка“. Одамна не се пишувало толку добро за Хрватска.

...или сепак само срамотија?

Меѓутоа, не се сите одушевени од настапот на претседателката - дури ни во Хрватска. Многумина нејзините емоционални напади ги доживееја со чувство на засраменост. Не треба да се прави смешна и да ги потврдува сите клишеа за бесрамните и недистанцирани Балканци, критикуваа некои.

Зашто, не само при финалниот натпревар, туку и во текот на СП, Колинда Грабар-Китаровиќ бодеше очи со своите танцувачки изблици на радост на почесната бина при секој постигнат гол на Хрватите. Некои подбивно зборуваа за „главна чиерлидерка“. Други иронично го фалеа рускиот домаќин што „ангажирал пејачка за да ги забавува господата во почесната ложа“. А еден хрватски спортски коментатор, по бакнувачката оргија на завршната церемонија, зајадливо изјави дека е штета што ненадејно заврна дожд, инаку претседателката сигурно ќе ги изгушкаше и избакнуваше и момчињата кои ги собираат топките покрај теренот.

Постојани изблици на радост на почесната трибинаФотографија: Reuters/H. Romero

Умешна тактичарка

Танц по работ меѓу национален кич и здрав патриотизам, помеѓу сериозна политика и популизам и инаку е препознатлив знак на Колинда Грабар-Китаровиќ. Таа радо ужива внимание среде масите, се презентира како претседателка - народен човек, која ја критикува и се обидува да ја коригира владата, оддалечена од народот.

Таа е политиколог, течно зборува англиски, шпански и германски, а студирала во повеќе европски земји и во САД. Претседателка на Хрватска е од 2015. година, а претходно работела како дипломат и заменик-генерален секретар во НАТО во областа на односите со јавноста.

Претседателот во Хрватска се избира на директен начин и претставуваше изненадување кога тогаш малку познатата политичарка од вторите редови на демохристијански ориентираната Хрватска демократска заедница (ХДЗ) однесе тесна победа над популарниот социјалдемократски шеф на државата, Иво Јосиповиќ.

Оттогаш Грабар-Китаровиќ се обидува да се профилира во улогата „мајка на нацијата“, зашто претседателската функција во Хрватска не е само чисто репрезентативна. Заедно со исто така директно избраната влада, таа има задача да ја обликува надворешната политика, да ги раководи тајните служби и е врховен заповедник на војската.

Повеќе: 

Хрватска прослави шампионски

Речиси гротескната фудбалска тајна на Хрватска

Хрватска- убава, луда приказна

А наскоро ќе има повторно избори

Колинда Грабар-Китаровиќ весело се вмешува и во дневната политика, а радо дува и во националистички рог. Таа се поставува како заштитничка на Хрватите во БиХ, барајќи зајакнување на нивната позиција во нестабилната соседна држава. Во Аргентина таа се среќава со отселени Хрвати, кои до денес го немаат прежалено фашистичкиот усташки режим од Втората светска војна, фалејќи го нивниот патриотизам. Или, без да трепне со око, бара формирање комисија за пронаоѓање на вистината за поранешниот концентрационен логор во Јасеновац, ревизионистички игнорирајќи го фактот што одамна на оваа тема се наполнети цели библиотеки и со име и презиме се познати преку 83.000 жртви.

Носена од популистичко расположение, Колинда Грабар-Китаровиќ својата улога ја разбира како трет центар на власта, независен од владата и парламентот. За таа цел ниедна теза не ѝ е преконтроверзна, не се срами од ниедна чудна акција. А во моментов во Хрватска нема ништо подобро за јакнење на сопствената популарност отколку јавање на бранот на фудбалската еуфорија. Претседателката тоа го прави исклучително умешно. Ах, да, следната година во Хрватска се одржуваат претседателски избори. Колинда Грабар-Китаровиќ уште не се изјаснила дали ќе се кандидира повторно за функцијата, а има право на уште еден мандат.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми