Колкава е навистина просечната плата во Германија?
Дуња Драгојевиќ-Керстен
6 ноември 2019
Врежано е мислењето дека во Германија се високи платите. Тоа е причина зашто многумина, меѓу нив и македонски државјани решаваат да дојдат и да работат тука. Но, колку се тие навистина високи? И колку „зема“ државата?
Реклама
Бројките не лажат - но треба да се знае правилно да се „читаат“. Така, на пример, треба да се знае, кога во Германија ќе ги прашате луѓето колкава им е месечната плата, да добиете одговор за бруто, а не за нето износ. Статистиките, пак, зборуваат дека просечната месечна бруто плата во Германија во 2018 година изнесувала околу 2.950 евра. Просечната нето плата која им била исплатена на вработените во Германија, меѓутоа, е значително пониска, поточно 33 отсто пониска - и изнесувала 1.945 евра. Зад тие речиси 1.000 евра разлика меѓу бруто и нето износот стојат давачките кон државата во вид на данок и придонеси за разни осигурувања. Висината на данокот, кој месечно се одбива од платата, притоа, зависи од даночната класа на вработениот (1-6), која пак, зависи од тоа дали тој живее во брачна заедница, дали е самохран родител, дали работи неговиот брачен партер, заработува ли едниот брачен партнер значително повеќе, дали работи на повеќе работни места...
Нето и бруто платата во Германија
За да покажеме како тоа изгледа во пракса, пресметавме бруто и нето плата во два случаја: за еден брачен партер кој повеќе заработува од другиот, има 2 деца и просечна плата од 2.948 евра месечно и за самец без деца кој има иста плата.На таткото или на мајката на двете деца - откако ќе им се одбијат 167 евра данок, 215 евра (7,65%) придонес за здравствено осигурување, 274 евра (9,2%) за пензиско осигурување, 36 евра (1,25%) за осигурување во случај на невработеност и 45 евра (1,525%) за осигурување за нега во староста - на сметката остануваат 2.029 евра. Кај лицето, кое живее без брачен партер и нема деца, на сметката на која се уплаќа месечната плата во бруто износ од 2.948 евра ќе се најдат само 1.944 евра, бидејќи данокот кој мора да го плати е значително повисок. Освен тоа, мора да плати и 22 евра данок за солидарност од кој мајката или таткото со двете деца од претходниот пример се ослободени. Ако притоа е и член на католичката или протестантската заедница, тогаш на неговата сметка ќе се најдат уште 40 евра помалку.
Најдобро и најлошо платени професии
Просечната плата, меѓутоа, е апстрактен статистички податок кој не зборува многу за тоа колку добро или колку лошо се платени вработените во одделни бранши. Разликата меѓу оние кои се на врвот на листата на примања и оние кои се на нејзиното дно е огромна. Докторите примариуси заработуваат во просек над 120.000 евра годишно, значи, над 10.000 евра бруто месечно, малку помалку менаџерите во трговскиот и финансискиот сектор, а 30-тина илјади евра годишно помалку докторите специјалисти - и тоа без кадровска одговорност.
Оние на крајот на листата се жалат дека едвај составуваат крај со крај. На неславното последно место се наоѓаат помошниците во кујните, кои заработуваат во просек помалку од 2.000 евра бруто месечно, додека келнерите и фризерите, заработуваат 10-50 евра повеќе. Меѓу најлошите платени професии се агентите во кол-центрите, куварите, помошниот персонал во стоматолошките ординации, негувателите и возачите на камиони. Значително пониска од просечната германска плата имаат и медицинските сестри со мало работно искуство (во јавните здравствени установи), како и негувателите во градинките.
Каде е поевтино: во Македонија или во Германија?
Нашиот заклучок: без оглед на огромната разлика во животниот стандард и просечната плата, цените во Германија во најголем дел се поевтини. Во Македонија осетно поевтини се само солта, кафето, овошјето и зеленчукот.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Леб
Во просек, векна бел леб од 750 грама во Германија чини 0,85 евра (51 денар), а француски багет од 250 грама чини 0,60 центи (36 денари). Векна бел леб од 250 грама во Македонија чини 27 денари, а некаде достигнува и 39 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Масло за јадење
Еден литар од најевтиното сончогледово масло за готвење во Германија чини околу 1 евро (60 денари). Во Македонија еден литар од најевтиното масло чини 65 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Млеко
Еден литар кравјо трајно млеко со масленост од 3,2 проценти во Македонија може да се најде за најниски 38 денари, а просечната цена се движи околу 45 денари за литар. Во Германија, најевтиното млеко започнува од околу 0,55 центи (33 денари), а поскапото „Алпско“ млеко е околу 1 евро.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Кашкавал
Кашкавалот од типот Гауда и Едамер во Македонија чини од 350 до 370 денари за килограм. Во Германија, холандската Гауда ќе ве чини околу 5 евра за килограм (300 денари), а Ементалер околу 5,4 евра (330 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Сол и шеќер
Сол во Германија чини околу 1,38 евра за килограм (85 денари), во Македонија 28 денари.
Килограм шеќер во Германија чини околу 0,69 центи (42 денари), а во Македонија најевтиниот кој го најдовме во супермаркет беше 38 денари за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Ориз и брашно
Домашен ориз од втора класа во Македонија за 900 грама чини 46 денари. Во Германија, ориз од прва класа чини од 0,80 центи (48 денари) за килограм.Најевтиното брашно од Тип 400 во Македонија може да се најде за околу 24 денари за килограм. Истото во Германија чини од 0,30 центи (18 денари) за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Јајца
Мала табла со шест јајца во Македонија чини околу 50 денари, а во Германија околу 1 евро (60 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Зеленчук
Доматите во Македонија чинат меѓу 80 и 120 денари за килограм, а во Германија - 2,50 евра (150 денари). Краставиците чинат 192 денари за килограм во Македонија, а во Германија 0,70 евра (42 денари) е едно парче кое вообичаено тежи меѓу 250 и 300 грама.
Килограм пиперки во Германија ќе ве чини околу 2,50 евра (150 денари), а во Македонија 125 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Овошје
Јаболката во Македонија се продаваат од 23 денари за килограм, па нагоре. Во Германија најевтините домашни јаболка не можете да ги најдете за помалку од 1 евро за килограм, а увозните достигнуваат и до 3 евра. Мандарини во Македонија чинат околу 45 денари за килограм, а во Германија 1,33 евра (80 денари) за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Пиво и алкохол
Просечната цена на пивото е нешто пониска во Македонија и тоа само за домашните марки. „Хајнекен“ од 0,33 литри во Македонија чини 55 денари. Во Германија нешто под 1 евро, доколку купите „сикспек“. Поеетиното виски од 0,75 литри како „Џони Вокер“, „Балантајн“ или „Џејмисон“ во Македонија чини околу 1.000 денари. Во Германија истото има просечна цена од 10 евра (600 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Вино
Цените на виното во Македонија се релативно високи во споредба со она што се нуди на европските пазари. Најевтиното сортно македонско вино започнува од 170 денари за шише, а поквалитетното се нуди во просек за 500 денари. За споредба, македонско вино флаширано во Германија во овдешните супермаркети чини 1,6 евра (100 денари). Врвните сорти во Германија можат да се купат за просечни 6-7 евра.
Фотографија: DW/B. Georgievski
Шампони за коса и гел за туширање
Разликите се големи и во цените на шампоните за коса меѓу двете земји иако се работи за истиот маркет. Шампон „Пантен Про-В“ од 200 милилитри во Македонија чини 208 денари, а во Германија 1,45 евра или околу 90 денари. Гел за туширање од 250 мл на „Балеа“ во Македонија во просек чини околу 120 денари, а во Германија поголемо количество од 300 мл чини 0,55 евра или малку над 30 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Течен сапун и детергент
Течен сапун „Балеа“ во моментов се нуди на попуст во Македонија за 79 денари, а редовната цена му е 105 денари. Во Германија редовно се продава за 55 центи или за нешто повеќе од 30 денари, а на попуст и поевтино. Детергент „Персил“ за 20 перења во македонскиот ДМ чини 365 денари. Во германскиот ДМ истиот детергент по редовна цена се продава за 5,15 евра или околу 320 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
13 фотографии1 | 13
Повисоки од европскиот просек, пониски отколку во Швајцарија
Значи, дали се високи платите во Германија? Од македонска перспектива и тоа како. Треба притоа да се нагласи, дека тука секогаш станува збор за уредно регулираните, пријавени и платени работни односи. Работењето „на црно“ е надвор од сите овие статистики - и закони. Платите во Германија се значително повисоки од европскиот просек, но пониски отколку во Швајцарија, Луксембург и Данска. Тоа го зборуваат „голите“ статистики и бројки. Но, кога зборуваме за висината на платата, секогаш е важно да се гледа и поширокиот контекст: колкави се животните трошоци, пред се за храна и домување, каква е ситуацијата на пазарот на труд, колку се платени одделни професии. Корисно е, на крајот, да се знае и овој податок: во 2017 година едно германско домаќинство во просек потрошило 2.517 евра, од кои 897 евра само за стан и режиски трошоци.