1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкава цена плаќа светот поради ЦО2 и екстремното време?

Геро Руетер
7 декември 2018

Многу од нашите секојдневни производи предизвикуваат огромни штети врз климата, а со тоа и трошоци. Дали е можно да се пресмета вистинската цена на продуктите кои се штетни за климата и како може да се намалат штетите?

Deutschland Umweltaktivisten im Hambacher Forst
„Нема планета Б“ - пишува на топката која еко-активистите ја поставија пред шумата Хамбах за време на еколошките протести во октомври годинаваФотографија: picture-alliance/dpa/I. Fassbender

Гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина и други отровни  материи му штетат на нашето здравје, го уништуваат екосистемот и ја зголемуваат земјината температура. Во светот има сѐ повеќе екстремните временски услови, кои предизвикуваат суши, поплави, уништување и многу човечки страдања. 11.500 луѓе во светот ги загубиле животите поради екстремни временски прилики во минатата година, вели индексот за климатски ризици. Материјалната штета се проценува на 375 милијарди американски долари. Досега оние кои предизвикуваат штети на климата, екологијата и здравјето речиси и да не плаќаат ништо. Погодените од овие неприлики честопати не добиваат никаква помош, а кога нешто добиваат, тогаш е тоа од заедницата или државата.

Кои последователни трошоци ги предизвикува еден производ?

„Треба да стигнеме дотаму цените на нашите производи да ја покажуваат еколошката вистина", вели Астрид Матеј од Сојузната агенција за екологија (УБА). Матеј и нејзините колеги според научни методи оценуваат колкава е штетата на поединечните производи за луѓето севкупно.

„Тоа подразбира штета по здравјето на луѓето, штета што настанува на зградите и инфраструктурата и на нашиот екосистем“, вели Матеј за ДВ. „Ако таквата штета ја пресметаме во пари, односно во евра, тогаш повеќето луѓе ќе имаат појасна претстава отколку кога им зборуваме за штета на екосистемот или за еден тон јаглероден диоксид".

Матеј со колегите неодамна ги објави најновите пресметки за Германија. Од нив јасно се гледа колкави се еколошките трошоци од струјата добиена од јаглен или ветер, колку е скапо греењето со нафта, гас или соларна енергија и колку нѐ чини едно патување со автобус, воз, автомобил или авион.

Пресметката помага при носење одлука

Еден тон јаглероден диоксид,според пресметките на Агенцијата, предизвикува штета од 640 евра во следните 10 години. „Со ставката од 640 евра за тон ЦО2 штетата за следните генерации има тежина колку и за денешните“, објаснува експертката Матеј.

Ако трошоците се пресметаат на пример за превозници, еден лет на кратко растојание од 1000 километри по глава на патник предизвикува еколошка штета од околу 235 евра, а автобус од само 26 евра, додека воз на електричен погон во Германија околу 46 евра.

Возењето автомобил е исто така многу штетно за животната средина. Делница од 1000 километри предизвикува долгорочна штета за околината од 193 евра содизел автомобил, 189 евра со бензинец и 152 евра со автомобил на електричен погон, ако се земе предвид актуелната просечна цена за електрична енергија од различните понудувачи во Германија. Следната година Агенцијата сака за првпат да ги објави и трошоците кои настануваат при земјоделското производство.

И електромобилите предизвикуваат високи еколошки трошоци - возењето со автобус, воз и велосипед е далеку помалку штетноФотографија: DW/G.Rueter

Која цена на ЦО2 е потребна за заштита на климата?

Експерти дебатираат како еколошките трошоци, особено во контекст на заштита на климата, може да се дефинираат во т.н. цена за ЦО2. Постојат многу предлози, меѓу кои и системи за трговија со јаглероден диоксид, даноци и минимум цени за ЦО2.

За да се достигне поставената цел, Комисијата за цени на јаглероден диоксид под водство на Николас Штерн и нобеловецот Јозеф Штиглиц пресметаа дека цената треба да биде помеѓу 35 и 70 евра за тон ЦО2 до 2020 година и од 44 до 88 евра за тон до 2030 година.

За да се намали уште повеќе штетата за околината, од 2030 година цената би требала да биде „околу 3-4 пати повисока отколку дотогаш“, се вели во извештај на Институтот за истражување на климата во Потсдам (ПИК) и на Институтот за истражување на глобални прашања и климатски промени Меркатор (МЦЦ).

Повеќе: Загадениот воздух е најголема опасност за здравјето на Европејците

Интелигентни даноци за заштита на климата

Многу климатски економисти предлагаат сеопфатни реформи на даночниот систем во цел свет. Цел би била во даноците да се додаде ставката за ЦО2, а да се намали за другите. Така би можело да се оди на поврат на даноци за граѓани и компании кои инвестираат во еколошка инфраструктура. „Приходите од плаќањето за ЦО2 би требало да се користат за тоа да се намалат другите даноци или да се овозможат инвестиции во итно потребни јавни добра“, вели Матијас Калкул од МЦЦ. „За да се избегне дополнителен товар преку таквите реформи за посиромашните домаќинства, може дел од средствата од данокот за јаглероден диоксид да се враќаат како што тоа се прави во Швајцарија.“

Таму пак има т.н. давачка за ЦО2 од фосилни средства за греење или индустриски погони во висина од 85 евра по тон. Така добиените средства се враќаат на граѓаните.

„Само социјално избалансирани реформи може да бидат општо прифатени“, вели Кристијан Хохфелдер од тинк тенкот Агора, алудирајќи на протестите на „Жолтите елеци" во Франција. Движењето беше формирано како реакција на планираните давачки за ЦО2 за бензините. Хохфелдер ја смета даночната реформа во сообраќајот за неизбежна, ако климатските цели се сфаќаат сериозно.

Повеќе: Помага ли бесплатниот јавен превоз во борбата против загадувањето на воздухот?

Социјални и еколошки реформи

За една еколошка и социјално праведна реформа се залагаат меѓу другото и реномираните климатски експерти Ханс Јоаким Шелнхубер и Клаус Легеви. Во својот неодамна објавен концепт тие предлагаат еден „Фонд за иднината“ со кој треба да се финансираат еколошките и општествените промени. Покрај воведување данок за емисија на ЦО2 гасови тие предлагаат и данок на наследство за побогатите.

Данокот за емисија на ЦО2 добиваат сѐ повеќе на важност пред сѐ во скандинавските земји, Франција, Велика Британија и Швајцарија. Од друга страна, во Германија сѐ уште нема широка дебата за тоа како државата преку оптимиран данок и политика на субвенционирање може да ги повлече продуктите штетни за климата и да промовира напредни технологии со кои затоплувањето на Земјата нема да се искачи над 1,5 степени.

„Во моментов владата ја премолчува оваа дебата и го турка во втор план определувањето на цената на ЦО2“, вели пратеничката од Зелените, Лиза Бадум за ДВ. „Покрај ефективна цена за ЦО2, потребни ни се и други климатско-политички мерки. Меѓу другото и откажување од јаглен до 2030 година, стопроцентни извори на енергија од чисти извори, како сонце и ветер, и инвестициски план за ефикасно и еколошко домување и санација.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми