1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Колкави се разликите меѓу вакцините против корона?

Фабијан Шмит
23 декември 2020

Има ли разлики меѓу различните вакцини против коронавирусот? Како функционира логистиката за вакцинирање? Колку бргу луѓето може да се вакцинираат? Овде одговори на најважните прашања:

Coronavirus | Impfzentrum Deutschland | Köln
Фотографија: Jens Krick/dpa/picture alliance

Две вакцини против коронавирусот во моментов се актуелни во ЕУ и САД - вакцината на Бионтек и Фајзер и вакцината на Модерна. Непосредно пред добивање дозвола се и други фармацевтски компании. Еве одговори на некои од најважните прашања.

Која е разликата помеѓу двете, во моментов, најважни вакцини?

Двете вакцини се т.н. мРНА (мРНК) вакцини. Тие во човечките клетки размножуваат одделни протеини, кои се типични за вирусот. Телото на тоа реагира со создавање имунолошка одбрана. Најважна разлика помеѓу вакцините: онаа на Модерна може да се чува до 30 дена во нормален фрижидер за домаќинства. Значи, не мора да се чува на -70 степени Целзиусови како вакцината на Бионтек и Фајзер.

Зошто некои вакцини мора да се даваат во центри за вакцинирање?

Само на тој начин може да се осигура, на пример, вакцината на Бионтек и Фајзер, која се чува на многу ниска температура, да биде стручно подготвена и непосредно потоа да се изврши вакцинирање.

Тоа, меѓу другото, е и причина зошто матичните лекари при домашните посети не можат со оваа вакцина да ги вакцинираат сениорите кои живеат сами дома. Системот на центри за вакцинирање помага и за тоа - прво да се вакцинираат оние на кои вакцина им е најпотребна.

Двете дози од вакцината треба да се добијат со временско растојание од три неделиФотографија: Ariel Schalit/AP Photo/picture alliance

Кога треба да добијам вакцина?

Двете дози треба да се добијат со временско растојание од три недели (кај Бионтек помеѓу 17 и 21 ден). И по истекот на овој рок можно е вакцинирање со втората доза, но тоа  треба да се направи најбрзо што е можно.

Дали како втора доза може да се добие друга вакцина?

Не! Првата и втората доза секогаш треба да се вакцини препорачани од истиот производител и агенција за лекови. Нема искуства и тестови за случаи на вакцинирање со различни супстанции, затоа никој не би требало да презема таков ризик.

Треба ли да се вакцинирам иако имам прележано Ковид-19?

Оној кој има прележано инфекција со коронавирусот, може сепак да се вакцинира и треба тоа да го стори. Имено, не е сигурно дали прележана инфекција нуди доволна заштита од нова зараза. Постојат ретки случаи на повторна инфекција.

Сепак, лекарите не смеат да вакцинираат никого кој во моментот е болен од Ковид-19, или има грип, или настинка. Во таков случај, вакцинирање треба да се изврши откако пациентот ќе оздрави.

Истото важи и за луѓето кои се во карантин поради тоа што имале контакти со лица инфицирани со коронавирус. Тие би требало да се вакцинираат по завршување на карантинот. Во случај да се инфицирани, вакцината би дошла и онака предоцна.

Германските здравствени власти сметаат дека во првиот квартал на наредната година ќе бидат дадени 13 милиони дози од вакцината на Бионтек и ФајзерФотографија: Robbin Utrecht/picture alliance

Колку време ќе помине додека се вакцинираат сите што тоа го сакаат?

Додека сите луѓе во светот добијат вакцина против коронавирус, ќе минат години. Дури и во високо развиените индустриски земји вакцинирањето на сите заинтересирани ќе се оддолжи до 2022 година.

На пример,Германија: здравствените власти сметаат дека во првиот квартал на наредната година ќе бидат дадени 13 милиони дози од вакцината на Бионтек и Фајзер. Тоа, ако се има предвид дека секој треба да прими две дози, не е доволно ниту за една десеттина од вкупното население.

Но, можно е да се успее во намерата - до лето да бидат вакцинирани најмногу загрозените категории, како старите лица и пациенти со други болести.

Кој не би требало да се вакцинира?

Секој лекар би требало пред вакцинирањето да види дали пациентот има други заболувања кај кои вакцинирање не се препорачува. Тоа особено би можело да биде случај со луѓе кои имаат алергии, кои се алергични на одредени супстанции или кои веќе имаат доживеано анафилактичен шок.

Најголемиот дел од луѓето со алергии, како оние алергични на прехранбени намирници, животни или полен, ќе може да се вакцинираат.

Дали децата може да се вакцинираат?

Досегашните вакцини против коронавирусот се дозволени за употреба за лица над 16 години.

Со кои нуспојави треба да сметам?

Кај најголемиот дел вакцинирани лица по примањето на вакцината доаѓа до нуспојави кои се движат од лесни до средно тешки. Тоа може да бидат оток на местото каде што се прима вакцината, привремени главоболки и болки во екстремитетите, треска, замор. Вообичаено, првите нуспојави се јавуваат во првите три дена по вакцинирањето и почнуваат да исчезнуваат за околу два дена.

Во случај на тешки компликации, вакцинираните лица би требало да се јават во центрите за вакцинирање, односно кај лекар. Во таков случај, за нуспојавите мора да се информираат властите кои даваат дозвола за вакцината во одделна земја.

Дали вакцините делуваат и против мутираниот вирус?

Веројатно двете вакцини делуваат и против последната мутација на коронавирусот.Основачот на фармацевтската компанија Бионтек,Угур Сахин, изјави дека неговата фирма ја тестирала вакцината на 20 мутации на вирусот. Веќе се вршат тестови и на дејството на вакцината против најновата мутација која се појави во Велика Британија.

Колку треба да чекам пред да се вакцинирам против други болести?

Доколку треба да се примат други вакцини, како вакцина против грип или заушки, морбили или рубеола, или тетанус, тоа треба да се направи 14 дена пред или по вакцинирање против коронавирус. Таквото временско растојание се смета за чиста мерка на претпазливост. Медицинарите сметаат дека и истовремено вакцинирање не е проблематично, но со оглед на тоа што нема податоци на располагање кои покажуваат дека истовремено вакцинирање со други вакцини не остава никакви последици, подобро е да се оди на сигурно.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми