1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкав е „ќарот“ од субвенциите за странците во Македонија?

Костадин Делимитов19 октомври 2014

Привлекување странски инвестиции како стратешка владина политика дава резултати но и отвора дилеми. Зошто се субвенционираат странски инвеститори, колкав е вистинскиот „ќар“, колку ја чини Македонија оваа стратегија?

Фотографија: Fotolia/Alina G

Факт е дека агресивната промоција на условите за бизнис во комбинација со државна поддршка е привлечна за инвеститорите, чиј број е се` поголем во слободните економски зони. Десетина компании веќе работат со полна пареа, а уште најмалку толку се во најава или во финална фаза на подготовки за реализација на инвестицијата. Но од друга страна се` повеќе се актуелизира и прашањето: дали Македонија мора да им плаќа на странските инвеститори да отвораат фабрика во некоја од слободните зони? Има ли услови за напуштање на ваквата политика и промена на моделот, кој освен пофалби, е предмет и на критики, пред се‘ поради недоволната транспарентност, посебно во делот на субвенциите. Експертската јавност нема дилеми дека инвестициите и отворањето нови работни места и‘ се неопходни на Македонија. Но за реално да се процени дали е потребна промена на стратегијата или не, сметаат дека е неопходен детален отчет за трошоците што ги има државата по овој основ:

„Јасно е дека невработеноста во Македонија е висока и ни требаат 100.000 нови работни места. За таа цел и за решавање на овој проблем неопходни се инвестиции, домашни и странски. Оттука сметам дека определбата на Владата беше по секоја цена да се привлечат странските инвеститори, што значи дека и на добар дел од нив им се понудени и значителни олеснувања, односно ослободувања и помош. До кога да се продолжи или да се прекине со таквата политика? Во економијата е јасно правилото: кога маргиналните бенефити се поголеми од трошоците значи има оправданост од определена економска политика. Или, подобро кажано една ’кост бенефит’ анализа добро би покажала какви се негативните, односно позитивните страни на таквите активности на Владата. Се разбира, за таа цел се потребни релевантни и се‘опфатни податоци за тоа колкав е обемот на помошта, односно на олеснувањата и другите бенефиции што ги имаат компаниите. Во однос на ова прашање сметам дека сепак даночните обврзници заслужуваат целосна транспарентност и отчетност за буџетските трошења. Не верувам дека тоа мора да остане секогаш под објаснување дека мора да остане државна тајна. Се разбира дека демократските општества и развиените пазарни економии практикуваат детални анализи на секој потрошен буџетски денар“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Фабриката Џонсонс Контрол во БунарџикФотографија: DW

Бројни олеснувања за странските инвеститори

Ослободување од данок на добивка и данок на додадена вредност во период од десет години, помош за изградба на инфраструктура и објекти, поддршка за обука и усовршување на вработените, покривање на дел од трошоците за плати и придонеси, се редицата олеснувања за странските инвеститори во слободните зони. Надлежните сметаат дека силната конкуренција во регионот но и пошироко, ја прави неопходна политиката на поддршка на инвеститорите, иако досегашните искуства покажале дека таа не е пресуден фактор при носењето конечна одлука за реализација на инвестицијата:

„Секоја земја нуди свој пакет на поволности со кој се обидува да биде поконкурентна од другите земји. Но, освен пакетот на субвенции, она што е особено значајно за потенцијалните инвеститори се низата реформи и активности кои секоја држава ги прави на економски, образовен, инфраструктурен план. Самиот пакет и помош што ја нуди државата е само една од мерките и активностите кои влијаат врз конечната одлука, но нашето искуство покажува дека најчесто тоа не е одлучувачки фактор за компаниите. Бизнис климата и реформите на пазарот на трудот, работната сила, нејзиниот квалитет, расположливост и трошок, образовниот систем, даночната политика, инфраструктурата и технолошко индустриски развојните зони, грижата за инвеститорите , како и присуството на други инвеститори се дел од факторите кои влијаат на одлуката за инвестирање“, смета Виктор Мизо, директор на Технолошко индустриските развојни зони.

Позитивни искуства на компаниите како промоција

Тогаш зошто се инсистира на моделот на субвенционирање? Дали искуството на веќе присутните компании-гиганти од типот на Џонсон Контрол, Џонсон Мети, Дрекслмаер, Кромберг и Шуберт, само по себе не е доволно за натамошно промовирање? Ваквите дилеми според Мизо се оправдани но барем засега тешко остварливи:

Слободна индустриска зона кај ТетовоФотографија: DW

„Овие реномирани компании се активно вклучени во процесот на привлекување на нови инвестиции преку споделување на своите позитивни искуства, како при посетите на инвеститори во Македонија, така и со своите присуства на промотивни настани во странство. Но само нивната приказна не е секогаш доволна за некоја компанија да стане инвеститор во Македонија. Вакви позитивни искуства имаат и други земји конкуренти во процесот на привлекување на инвестиции. Поголемите, како Полска, Романија и Турција имаат многу повеќе вакви позитивни примери. Треба да се има во предвид дека секоја нова инвестиција подразбира големи трошоци за инвеститорот( изградба на објект, купување и трансфер на опрема, обука за вработените, трансфер на знаење и др.). Добивката од ваква инвестиција е подолгорочна, но постои потреба за помош од страна на државата во покривање и субвенционирање на дел од првичните инвестициски трошоци, Ние како држава континуирано ги следиме случувањата и трендовите во регионот и пошироко и соодветно ги адаптираме нашите политики за државна помош. Мора да се истакне фактот дека ваквата помош е пракса не само во многу поразвиени земји на ЕУ, туку и во земји како САД, Кина, Кореа и други“, смета Мизо.

Кромберг&Шуберт во МакедонијаФотографија: DW/A. Dimitrievska

Тешко остварливо се чини и барањето на домашната бизнис заедница која апелира ако не на ист, барем на сличен третман со оној што го уживаат странците. Иако и надвор од зоните има фирми што доминантно произведуваат за извоз, вакви бенефиции за нив нема. Законската рамка им дава можност и тие да инвестираат во зоните, но само доколку во неа започнат нова дејност, а не да ја пренесат веќе постојната со која оперираат во земјата, што за најголем дел од нив е тешко остварливо:

„Зошто и за нас кои работиме надвор од зоните да нема даночно олеснување и други поволности што им се нудат на странците? Мислам дека сме ставени во една нефер ситуација. Да, фирмите во зоните го ’билдаат’ извозот, но тоа е само статистика, зашто најголем дел од нивното производство е со репроматеријали од увоз. Единствениот реален бенефит од овие фабрики се вработувањата и платите што ги земаат луѓето што се таму вработени и ги трошат во земјава. Добро е што барем се обезбедија поволни средства преку Македонската банка за поддршка на развојот, но тоа не е доволно. “, коментира за Дојче веле сопственик на производствен погон чии производи главно завршуваат за извоз.

Дека е потребна поголема транспарентност на процесот за привлекување на сгтрански инвестиции и структурата на доделената државна помош и поддршка за оваа намена забележа и државниот ревизор во последниот годишен извештај за работењето на Агенцијата за странски инвестиции. Политиката за привлекување странски инвестиции е една од клучните на сите досегашни Влади предводени од премиерот Груевски. Во речиси сите досегашни кабинети по неколку министри со и без ресор меѓу другото се задолжени за инвеститорски лов и промоција на можностите што ги нуди земјава.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми