1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку германски пари ќе „изгорат“ во Грција?

Ролф Венкел/Ж.А.13 јуни 2015

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис не им остава голема надеж на германските граѓани дека повторно ќе ги видат своите милијарди позајмени на кризната земја. За колку пари се работи?

Фотографија: picture-alliance/dpa/Berg

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис, според неговите зборови, не верува германските даночни обврзници некогаш повторно да ги видат парите дадени како помош на Грција. „Германците дадоа веќе премногу пари. Но, тие се загубени, тие исчезнаа во црна дупка“, изјави Варуфакис за „Тагесшпигел“.

Останува прашањето - колку пари исчезнаа во црната дупка и колку тоа ќе ги чини германските граѓани?

Во секој случај, германските банки речиси целосно ги повлекоа своите ангажмани од Грција. Навистина, тие таму, според состојбата од септември 2014 година, „во оган“ имаат вкупно 23,5 милијарди евра. Но, од тоа само околу 4,6 милијарди евра отпаѓаат на банки и 3,6 милијарди евра на претпријатија и приватни лица. Најголемиот дел, околу 15,2 милијарди евра се побарувања кон јавните буџети, кои речиси исклучиво се однесуваат на германската државна банка КфВ. Притоа, станува збор за кредитите на КфВ од првиот пакет финансиска помош за Грција, за кои германската држава гарантира во целосен износ.

Германските банки речиси незасегнати

Дојче банк, според сопствени наводи, во Грција била ангажирана со околу 300 милиони евра, а Комерцбанк со 400 милиони. Според аналитичка студија на ЏиПи Морган, германските банки, покрај француските, се најголеми доверители. Но, експертите сепак го укинуваат сигналот за тревога: при излез на Грција од еврозоната (грексит), последиците по финансиските институции, со оглед на ниските суми, ќе бидат ограничени, пишува на пример аналитичарот Кијан Абухусеин. „Главниот ризик и натаму останува опасноста од ’зараза’ за државите на периферијата“, вели тој, што важи посебно за Италија.

Јанис Варуфакис „ги израдува“ ГерманцитеФотографија: J. Thys/AFP/Getty Images

За германската држава постои опасност да не бидат вратени парите платени во рамките на пакетот за помош. Минхенскиот Ифо институт максималниот ризик за загуби на Германија го проценува на 87 милијарди евра, состојба во март, во случај на државен банкрот на Грција и истовремен излез на земјата од еврозоната. Во оваа сума, меѓу другото, се и веќе споменатите 15,2 милијарди евра кредити од КфВ.

„И вака и така, парите ги нема“

„Овие пари, што се во ’оган’, краткорочно нема да ги добиеме во никој случај, а во најдобар случај, можеби долгорочно,“, рече за Дојчландфунк Томас Штраубхар, професор по меѓународни економски односи на Универзитетот Хамбург, уште во јануари. Грција и така и така нема да може да ги врати своите долгови, сеедно дали земјата ќе остане во еврозоната или ќе истапи од неа. „Трошоците за Германија се гигантски“, истакна тој.

Сепак, ако сумите се стават во корелација со вкупниот брутопроизвод на земјата, Германија и покрај апсолутните бројки на гарантните ризици, не спаѓа во најголемите губитници. Економската институција Блумберг направи анализа на грчките долгови кон земјите во еврозоната во однос на нивната економска продуктивност. Според овие пресметки, Словенија, Малта, Шпанија, Италија и Естонија би загубиле околу 2,8 проценти од својот брутодомашен производ, а Германија и Франција се наоѓаат во средината на листата, на седмо и осмо место. Германија, во случај да ги загуби парите дадени на Грција, би била погодена со максимално 2,37 проценти од БДП, пресметаа аналитичариет од Блумберг.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми