1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку Германците се плашат од Русија?

Никита Жолквер
1 ноември 2016

Во Германија редовно се спроведуваат анкети околу соработката со Москва и односот на германските граѓани кон Русија. Резултатите често се пренесуваат бомбастично, а вистината останува во втор план.

Symbolbild Deutschland Russland Freundschaft
Фотографија: imago/HRSchulz

„Секој трет Германец смета дека е можна војна со Русија“ - така гласеше насловот во медиумите кои пред неколку дена ги објавија резултатите од анкетата. Агенцискиот наслов се ширеше по социјалните мрежи. По некој зборот „можна“ го замени со „веројатна“. Се создаде впечаток како третина од Германците да одобрува можна војна со Русија.

Но, ако ја погледнеме изворната анкета која институтот Форса ја спроведе за неделникот Штерн, ќе видиме дека во нејзе воопшто не се работи за можен германско-руски воен судир, ниту за каква било војна. Прашањето гласеше: „Дали поради моменталната напрегнатост во односите сте загрижени дека би можело да дојде до вооружен судир на Русија и Западот?“ На така формулираното прашање 32% од испитаниците одговориле потврдно, а 64% одговориле со „не“.

Во ноември 2015 година, Турција собори руски борбен авион на турско-сириската граница, што би можело да се означи како „вооружен судир“ на една од членките на западната воена алијанса и Русија. Ситуацијата во самата Сирија е многу лоша. Таму можноста од инциденти е и натаму голема. Кога сето тоа е познато, тогаш излегува дека 32% Германци кои се загрижени е прилично мал број. Воените стручњаци и аналитичари во Германија, што се однесува до ова прашање, се многу повеќе загрижени.

Страв од агресија?

Бројот на Германците кои сметаат дека загрозеноста од Русија е поголема од загрозеноста од исламистички тероризам не е голем. Фирмата Civey е специјализирана за анкети на интернет. Според истражувањето спроведено во септември, само 15,6% од испитаниците смета дека опасноста од руска агресија е поголема, додека 30,9% се на мислење дека далеку пореална е опасноста од исламистички терор, на кој НАТО би требало да биде подготвен.

Забележително е дека постарите граѓани имаат помалку страв од Русија. Во групата испитанци на возраст меѓу 50 и 64 години, поради Русија се „загрижени“ само 13 отсто од луѓето, а испитаниците на возраст поголема од 65 години речиси и не се воопшто загрижени - од нив загрижени се само 4,4%.

Мислењето на Германците за Путин не е високоФотографија: picture-alliance/AA/M. Gambarini

Германците не му веруваат на Путин

Главно трезвениот однос на Германците кон можната опасност од Русија не значи дека тие имаат позитивно мислење за внатрешната и надворешната политика на Кремљ или на рускиот претседател.

Форса наведува дека многу висок или висок степен доверба во Путин имаат само 13% од Германците. Меѓу нив, дури 35% се приврзаници на деснопопулистичката партија Алтернатива за Германија (АфД). Четири петтини од Германците не му веруваат на Путин, а 64% се на мислење дека Русија со Путин на чело веќе не е партнер од доверба. Само 6% од Германците сметаат дека ЕУ и Русија имаат добри односи. Пониска е довербата само во руско-американските односи, зашто нив како добри ги оценуваат само 4 отсто од испитаниците.

Наспроти сѐ, 84% Германци не сакаат прекин на дијалогот со Русија и, исто како и канцеларката Меркел, се залагаат за продолжение на дијалогот, без преголема надеж во позитивни резултати наскоро.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми