1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е важен германскиот јазик за мигрантите?

Дана Шерле / Елизабета Милошевска Фиданоска10 октомври 2012

Дијана Гунчева од Бугарија и Адријан Митроеску од Романија живеат и работат во Германија. Тие учеле германски, но за двајцата јазикот во секојдневието има различно значење.

Фотографија: Fotolia/HandmadePictures

„Германскиот јазик на почетокот не го сметав за убав“, се сеќава доцентката Дијана Гунчева. Имала 14 години кога во нејзиниот роден град Варна првпат дошла во контакт со германскиот јазик. „Дури кога во гимназија подоцна почнавме да ги читаме во оригинал делата на Бертолд Брехт и Јохан Волфганг фон Гете, ја открив убавината на овој јазик. На германски мислите може да се изразат многу попрецизно отколку на други јазици.“

Во меѓувреме, 31-годишната Гунчева толку добро зборува германски, што директно по студиите во Бон добила понуда за работа во училиште за јазици во овој град. Покрај фаховите славистика и источноевропска историја, Гунчева има и дополнителни квалификации како доцент за германски како странски јазик (ДАФ). „Јазикот е клучен - не можете да се чувствувате добро во една земја чиј јазик не го познавате.“

Да се избрише стравот од странскиот јазик

Младата доцентка им предава германски јазик на мигрантите, но им дава и совети за секојдневниот живот: „Како мигрант ги чувствувам нивните проблеми и можам да сфатам кои аспекти на германскиот јазик за луѓето на кои тој не им е мајчин јазик за нив се особено тешки.“ Дел од учениците се особено мотивирани кога имаат доцентка, која и самата е од странство: „Кога ќе слушнат дека и јас сум го учела германскиот како странски јазик, си мислат - и јас можам да успеам во тоа.“

Посебен предизвик за Дијана Гунчева се курсевите за описменување за мигранти кои не знаат да читаат и пишуваат. „Тоа често се луѓе од селски средини кои на почетокот многу се срамат поради својот аналфабетизам. Но им помага кога ќе видат дека не се сами.“ Тогаш своите први зборови тие ги пишуваат на германски, а не на својот мајчин јазик.

Дијана Гунчева ја открила убавината на германскиот јазик подоцнаФотографија: DW

Да се знае јазикот на земјата во која што се престојува е централен аспект за мигрантите, но не и единствен, вели експертот за интеграција Хачи Халил Услучан од Универзитетот Дуизбург-Есен: „Многу е важна вклученоста во пазарот на труд и на образование.“

Германски не е потребен за висококвалификуваните?

Ваквата вклученост некогаш, во некои сфери, може да функционира и без познавање на германскиот јазик. Има универзитети коишто нудат студии на англиски јазик и работни места на кои исклучиво се комуницира на англиски јазик, на пример во ИТ-браншата, во истражувањата или кај претпријатијата за логистика. Романецот Адријан Митроеску повеќе од две години работи во меѓународната фирма за логистика ДХЛ во Бон, во одделот за продажба. „Целото мое работно секојдневие се одвива на англиски јазик. Муштериите се од 220 земји“, вели 28-годишникот, кој студирал меѓународни односи и маркетинг во својот роден град Букурешт. „Тоа се должи на фактот што јас сум задолжен за меѓународната сфера. Ако работам во друга филијала на ДХЛ мора да работам на германски јазик.“

Познавањата на германскиот јазик се особено важни за лекарите. Неодамна Сојузот на клинички лекари јавно се пожали дека во соработката со странски лекари доаѓа до недоразбирања.

Јазикот е секогаш добивка

Од Адријан Митроеску никој не бара да учи германски, но тој тоа го прави доброволно. „Сметам дека е глупаво со години да се живее во една земја без да се учи јазик“, вели младиот Романец. Тој посетува најмалку еднаш неделно вечерен курс по германски: „Често ми е тешко по долг работен ден уште интензивно да се занимавам и со изучување на јазикот. Но многу ми е важно да знам германски колку што е можно подобро, сеедно дали ќе останам долгорочно во Германија, дали ќе се преселам во друга земја или некогаш ќе се вратам во Романија.“

Адријан Митроеску - иако германскиот јазик не му е неопходен на работното место, тој учи доброволноФотографија: DW

Ретко има прилика да вежба, зашто пријателите и колегите од Германија му се обраќаат веднаш на англиски јазик. „Но извесно време играв фудбал во еден локален тим и таму не знаеја сите англиски. Тоа беше добра можност за мене да вежбам германски и надвор од курсот!“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми