1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е голем Стратфор-скандалот на Викиликс?

28 февруари 2012

Викиликс започна со објавување на мејлови на американскиот истражувачки центар Стратфор, но „големата приказна“ допрва следува, порача основачот на оваа интернет платформа.

Интернет страницата на СтратфорФотографија: AP

На прес-конференцијата во понеделникот (27.02.2012) основачот на Викиликс, Џулијан Асанж изнесе тешки обвинувања против Стратфор: Американската фирма води матни бизниси. По платена нарачка на пример врши надзор над активистите кои во индискиот Бопа се занимаваат со хемиска катастрофа, или пак по налог на Кока Кола ги набљудува членовите на организацијата за заштита на животните- Пета.

Новите документи сега треба да покажат како Стратфор ги регрутира неговите информанти и како ги плаќа. Според Викиликс електронската пошта која сега постепено ќе биде објавувана потекнува од периодот меѓу јули 2004. и крајот на декември 2011. година. На 26. декември американската советничка фирма за стратегиски прашања- Стратфор беше цел на интернет напад за која одговорноста ја презеде хакерската група Анонимус.

Што се крие зад Стратфор?

Во Германија, Стратфор кој порано се нарекуваше Strategic Forecasting е релативно непознат. Во медимите најчесто се опишува како „приватна воено-советничка фирма од САД“. Според сопствените наводи Стратфор лиферува геополитички анализи.

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, на пресконференцијата во ЛондонФотографија: Reuters

„Во САД Стратфор малку го привлече вниманието на јавноста, кога во доцните 90. години и на почетокот од новиот век објави прогнози поврзани со Ирак и со Ал Каеда, кои потоа се обистинија. И од тогаш наваму многу Американци веруваат дека Стратфор испорачува добри анализи“, вели Даниел Хамилтон од Универзитетот Џон Хопкинс од Вашингтон

Во принцип претпријатието собира информации и ги продава на своите клиенти. „Фирмата може да се распореди некаде меѓу приватно разузнувачко претприатие и безбедносна компанија“, смета политикологот од Келн, Томас Јегер. „Она што пред се’ го прави фирмата се геополитички и безбедносно политички анализи и тие вообичаено ексклузивно им се доставуваат на претплатниците на Стратфор“.

И токму за едно претпријатие кое критичарите радо го нарекуваат приватна тајна служба е исклучително засрамувачки, кога ќе му бидат „украдени“ приватни податоци. Самиот Стратфор за онлајн-кражбата на милиони мејлови вели: „Тоа е жалосно, несреќно и илегално нарушување на прифатната сфера“. Инаку Стратфор не сака да заземе став за содржината на електронската пошта ниту пак за автентичноста на документите.

Наместо тоа фирмата се обидува да ги смири пред се’ нејзините бројни клиенти, вели Јегер. „Ако одите на интернет страницата на Стратфор, можете да видите дека сега се преземени значителни напори за претплатниците да бидат уверени во тоа дека се’ уште е сигурно и добро да се преземаат нивните анализи“.

Инаку пред некое време веќе беа објавени броевите на кредитните картички на претплатниците на Стратфор, меѓу нив и некои навистина високорангирани личности, како на пример Хенри Кисинџер. И тоа значително придонесе за доведување на угледот на претпријатието до степен на кој тој треба да биде повторно воспоставен.

„Актуелните објавувања на Викиликс натамошно тешко го оштетуваат угледот, а се’ уште не се јавно достапни сите документи“, истакнува Јегер.

Експлозивноста на објавените документи

Интернет платформата Викиликс соопшти „Електронската пошта ја прикажува мрежата на информанти на Стратфор, структурата на хонорари, практиките на перење пари и психолошките методи“. Во повеќе од 4000 имејли на фирмата станувало збор и за Викиликс и за неговиот основач Асанж. Тие содржеле и информации за постапувањето на владата на САД против Асанж, велат во Викиликс.

Фотографија: picture alliance/dpa

Ова би можело да биде и причината зашто Викиликс го одбрал Стратфор за своја следна „жртва“. „Според она што досега го прочитав изгледа како Викиликс целно да постапувал против Стратфор, зашто Стратфор од своја страна целно правел анализи за Викиликс“, вели американскиот политиколог Хамилтон. Тој во објавувањето на електронската пошта на Стратфор од страна на Викиликс гледа еден вид реванш.

Колку навистина е експлозивен материјалот во моментов не може точно да се процени. Хамилтон меѓутоа смета дека тој може да има слична димензија како објавувањето на тајните депеши на американските дипломати во 2010. година.

Засега меѓутоа не се објавени сите документи. Викиликс, според наводите на неговиот основач, повеќе месеци заедно со 25 медиуми од целиот свет внимателно ги следел активностите на Стратфор. Од тоа произлегол скандал со огромни размери, истакна Асанж. Но тоа допрва треба да се покаже. Асанж меѓутоа веќе најави „Големата приказна ќе излезе за околу три до четири денови“.

Автор: Марко Милер/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми