1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Колку е месото опасно по здравјето?

Јулија Вергин
7 мај 2022

Големо количество месо се консумира особено во Европа, САД и Австралија. Масовното консумирање предизвикува болести, предупредуваат нутриционистите. Кога станува збор за јадење месо, помалку е повеќе.

Grillfleisch
Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Сендвич со салама за појадок, гулаш за ручек и скара со пријателите навечер - во ваков еден ден на чинијата може да заврши многу месо. Во САД и Австралија секој човек просечно консумира по 100 килограми месо годишно, во Европа - околу 80 килограми, а во Германија околу 60 килограми по глава на жител годишно.

Тоа е премногу. Премногу за животната средина, за што не се работи во овој текст. Премногу за  да може да се чуваат како што треба животните кои се одгледуваат за да се задоволи огромната глад за месо. Но, во текстот не се работи ни за тоа. Количеството на месо што се јаде во индустријализираните земји е премногу и за сопственото здравје.

Германското здружение за исхрана (ДГЕ) затоа препорачува консумирање најмногу 600 грама месо неделно. Според најновиот објавен извештај за исхрана на ДГЕ, мажите во Германија консумираат речиси двојно повеќе. Мета-анализите вклучени во студијата покажуваат дека големата потрошувачка на црвено и преработено месо има прилично неповолно влијание врз одредени ризици од болести, пишува ДГЕ во соопштението за печатот што го придружува извештајот.

Кои болести ги предизвикува месото?

Волтер Вилет веќе 40 години се занимава со поврзаноста меѓу исхраната, болеста и здравјето. Тој е професор по епидемиологија и исхрана на училиштето за јавно здравје Харвард Т.Х. Чан во Бостон.

На прашањето за главните здравствени проблеми кои ги предизвикува јадењето месо, тој ги именува кардиоваскуларните болести и дијабетес тип 2. Особено голема штета предизвикува црвеното месо, значи месото од говеда, свињи, јагниња или кози.

Вегански стек од 3Д-печатач

01:37

This browser does not support the video element.

„Црвеното месо е богато со заситени масти, што го зголемуваат ЛДЛ-холестеролот во крвта и кои се дефинитивна причина за срцеви удари“, вели Вилет. Во исто време, црвеното месо речиси не содржи полинезаситени масни киселини. Тие пак го намалуваат нивото на маснотии во крвта, а со тоа и ризикот од срцеви заболувања.

Црвеното месо го зголемува факторот на ризик - триметиламиноксид, или скратено TMAO. Тоа доведува до абнормална акумулација на холестерол и други масти во артериите, што се нарекува атеросклероза (форма на артериосклероза). Според едно американско истражување од 2019 година, првите знаци на атеросклероза стануваат забележливи по краткотрајно екстремно консумирање црвено месо. Екстремно значи две порции месо дневно. Многу Европејци консумираат толку месо.

Истражувачите исто така се сомневаат дека јадењето црвено месо влијае и врз работата на бубрезите. Тие забележале дека по оброк со месо бубрезите биле помалку ефикасни во чистењето на TMAO.

Во цивилизација, а во склад со природата

03:47

This browser does not support the video element.

Месото го зголемува ризикот од дијабетес тип 2

Волтер Вилет бил лично вклучен во некои студии кои ја испитувале врската помеѓу јадењето месо и дијабетес мелитус, познат и како дијабетес тип 2.

Според истражувањата, црвеното месо особено го поттикнува развојот на дијабетес. Во друга студија, Вилет и неговите колеги откриле и врска помеѓу зголемениот ризик од дијабетес и месото на скара или месото печено на висока температура. Резултатот се однесува не само на говедскиот стек, туку и на пилешкиот бут.

Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека во Европа од дијабетес страдаат околу 60 милиони луѓе. Тој број и натаму се зголемува. Дијабетесот „може во голема мера да се избегне со здрава исхрана и доволно вежбање“, информира СЗО на својата веб-страница.

Се разбира, месото притоа е само една варијабла. „Да не се консумира месо, а да се пијат засладени пијалоци, не носи ништо, ниту една здравствена придобивка“, вели Вилет. Оној кој се храни од помфрит и кока кола, може да биде и вегетаријанец и дијабетичар во исто време.

Чинија што раскажува приказна

03:32

This browser does not support the video element.

Дали месото предизвикува рак?

Во различни студии ризикот од развој на одредени видови на рак е поврзан со консумирањето месо. Притоа, како особено проблематични се нагласуваат црвеното и преработеното месо, како колбаси, шунка и салама.

Меѓутоа, во 2019 година, публикацијата на тим научници од таканаречениот NutriRECS конзорциум се најде на насловните страници со својата препорака возрасните да продолжат да консумираат црвено и преработено месо како досега.

- повеќе: Колку сол е здраво да се внесува дневно во организмот

Публикацијата наиде на критики од експерти бидејќи, како што дури пишуваат и самите автори, препораките се засновале на исклучително слаби докази. Три од петте мета-анализи кои авторите на конзорциумот ги користеле како основа за својата препорака покажале дека црвеното и преработеното месо доведуваат до поголема смртност од рак.

Друга мета-анализа од 2021 година дојде исто така до заклучок дека големата глад за месо значително го зголемува ризикот од рак на дојка и на дебелото црево, на пример. Освен тоа, при пржењето се создаваат и други канцерогени материи.

„Најдоброто нешто е исхрана заснована претежно на растителна основа“, вели Волтер ВилетФотографија: Silas Stein/dpa/picture alliance

Може ли да се откажам од месо?

Многу луѓе се убедени дека месото е едноставно дел од здравата исхрана. Навистина, ова е точно во регионите каде што е тешко да се одгледуваат зеленчук и мешунки и каде што луѓето се упатени на хранливите материи што ги обезбедува месото од нивните животни.

„Се разбира, месото има и вредни состојки“, вели Волтер Вилет. Пилешкото месо е помалку штетно од црвеното месо, а рибата исто така може да придонесе за здрава исхрана. Никој не мора целосно да се откаже од месо и животински производи за да остане здрав. И обратно - вегетаријанците и веганите исто така можат да бидат здрави.

„Најдоброто нешто е исхрана заснована претежно на растителна основа“, вели нутриционистот. Јаткастите плодови, мешунките и производите од соја се добри извори на протеини. Зеленчукот содржи и многу растителни влакна и фитамини кои го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни болести, дијабетес и дебелина.

Диета заснована претежно на растителна исхрана придонесува и за заштита на животната средина и за благосостојбата на животните. Затоа Волтер Вилет смета дека кога се одговара на прашањето колку месото е опасно по здравјето мора да се земат предвид и еколошките последици од неговото консумирање. „Нема здрави луѓе без здрава планета“, потенцира тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми