Колку е стабилно кинеското стопанство?
9 јули 2014
Голем број високи облакодери, секој има 20 ката. Кој сака да знае зошто Кина троши 60 проценти од светското производство на бетон и вградува 60 проценти од вкупно сите произведени лифтови, одговорот може да го најде во предградието на градот Хангжу на истокот на земјата. Тука се наоѓаат стотици нови згради. Но кога ќе се погледне подобро, во очи паѓаат празните прозорци, исто како и деловните простори. Во зградите недостасуваат станари. „Поголемиот број од становите ги имаат купено луѓе од околните градови за да вложат пари. Тие не живеат тука. И не ги изнајмуваат, бидејќи становите се’ уште не се завршени. Тука нема ни внатрешни врати, ни бањи“, објаснува посредничката за продажба на недвижности Ху Меијун. Вели дека се населени само 30 проценти од новите станови.
Цените почнуваат да паѓаат
Становите кај Кинезите се омилена инвестиција. Тоа не е чудно, бидејќи со години цените на недвижностите постојано растеа, по 20 проценти годишно. Секако поради оваа побарувачка постојано се градеа нови згради. Денес е јасно: во многу градови при тоа е занемарена вистинската потреба за станбени и деловни простори. Во 2013. година во Хангжу е продадено градежно земјиште со вкупна вредност од 16 милијарди евра. „Тоа е нов рекорд“, вели стручњакот за недвижности Динг Јианганг и додава: „Тука повеќе од 10 големи градежни проекти ќе ги загубат вложените пари. Пазарот за недвижности во Хангжу има сериозни проблеми.“
Вложувачите станаа повнимателни и помалку купуваат. Цените почнуваат да паѓаат. Според податоците од 100 кинески града, во 71 град становите се поефтини. Стручњаците предвидуваат дека овој тренд ќе продолжи и ќе доведе до корекција на постоечката нереална состојба. Единствено се’ уште не е можно да се предвиди колку ќе паднат цените. Големите метрополи како Пекинг, Шангај или Шенжен нема да ги погоди овој тренд бидејќи тука станови се’ уште се бараат, вели претседателот на Европската трговска комора во Кина Јерг Вутке.
Едноставен рецепт
Мислењето на стручњаците се разликува кога станува збор како ќе се одрази оваа криза на пазарот за недвижности на кинеската економија. Многу работи се ризични. Трговијата со недвижности сочинува околу една петина од кинескиот бруто општествен производ. Голем дел од градежните проекти се финансирани со кредити од нерегуларни банки, кои парите ги позајмуваат и на оние за кои не е сигурно дека ќе можат да ги вратат. Ако таквите „банки во сенка“ не успеат да ги наплатат своите побарувања, тоа сериозно ќе го разниша овој нерегулиран банкарски сектор. А кризата сигурно ќе се пренесе и на државните банки. Кинеската влада би можела да ја спречи оваа криза со подобро регулирање на „сивиот“ банкарски пазар, но тогаш ќе пресушат и кредитите, што пак негативно ќе се одрази на економскиот раст. Стручњаците велат дека рецептот е едноставен. За да се спречи кризата, мора да се намали градењето на нови станбени и деловни простори. Но локалните управи, кои во голем дел се финансираат од таквите проекти, и натаму продаваат градежни земјишта. И ризикот расте. На крајот би можела да избие економска криза. Секако, во случај на криза на пазарот за недвижности тоа никој не го смета за економски колапс на Кина. Но официјалната цел, економски раст од 7,5 проценти, во тој случај ни одблизу нема да се оствари.