„Колку ни беше убаво некогаш...“
29 мај 2014Белград во пролетта 2014. изгледа како што изгледаше и пред 20-ина години. Само фасадите во центарот на градот се дополнително пропаднати, а на пропаднатото сивило закачени се стотици нови клима уреди. Градот стагнира во безнадежност, фрустрација, но и со специфична гордост која се темели на пркосот пред политичката и економската апокалипса која избрка многу млади од Србија во странство, оставајќи го остатокот од урбаната популација да ја лечи бесперспективноста со црн хумор, забави по кафеаните и снаоѓање во сите правци - легални или нелегални.
Двата најголеми градови во поранешна Југославија, Белград и Загреб, денес се со години оддалечени, иако тоа е тешко замисливо за просечниот Хрват кој мазохистички се храни со мислата дека живее во слепата уличка на историјата и дека ништо полошо не може да му се случи. Треба најпрво да се дојде во Белград, и благо да се ревидираат сопствените комплекси. Од источниот ракурс, имено, Загреб делува како Виена.
„Кога за првпат дојдов во Загреб мојот впечаток беше: Леле, колку е се чисто и уредно. Но, не верувам дека каде било во регионов добро се живее“, вели Наташа, девојка која имала среќа да работи во белградската канцеларија на голема американска фирма.
Белград доцни во споредба со Загреб, вели оваа 26-годишна девојка. Но, не се работи толку за доцнење, колку за фиксацијата на минатото. Југоносталгијата е многу присутна во главите на генерацијата која од Југославија не доживеала ниту пет минути. На штандовите на Калемегдан се продаваат беџови со карта на Југославија и со натписи „Колку ни беше убаво некогаш...“ На фасадите по Кнезмихајлова се довикува Тито, телевизиите се полни со спотови на хрватски изведувачи, а концертите на хрватските изведувачи предизвикуваат одушевување. Наташа има објаснување за тоа: „Генерално живееме во минатото, а иднина никогаш не сме ни имале. Сега кога постои мала надеж, многу е тешко да се престроиш. Порано, како Југославија, бевме големи и никој не смееше да не задева. Сега сме како дечиња. Перцепцијата е дека Хрватите не напуштија“.
Комплексна енергија
Енергијата која струи од Белград кон Загреб е доста комплексна. Мешавина од фасцинација и ставот 'само опуштено'. И покрај тоа, многу потешко младите Срби ќе се одлучат на живот во Хрватска, отколку обратно. Ива е од Загреб и се омажила во Белград. Вели дека мнозинството хрватско-српски љубовни врски отпаѓаат на српски мажи и хрватски девојки. Генерално, белграѓани имаат и сопствен жаргон за Хрватите, ги нарекуваат: 'свилени'.
„Често одиме со мажот во Загреб и тој вели дека таму не би издржал. И во Словенија и во Србија, Хрватите ги доживуваат како хејтери, полни со гнев и комплекси, кои не признаваат ничиј успех. Не познавам никого во Белград кој би сакал да живее во Загреб“, вели Ива.
Никогаш непрежаленото одвојување на Хрватска од братската прегратка на источните соседи може да се види и во жалењето по Јадранот. Нема таксист, кому откако ќе му кажете од каде доаѓате, нема да започне тирада за прекрасните лета и идилата на хрватското крајбрежје. Оној кој сака да го вкуси Јадранското море денес веројатно ќе отиде до Истра или Кварнер, од страв дека во Далмација ќе му ги дупнат гумите или ќе му ја проверат издржливоста на стаклата. Иако парадоксално, доколку треба да се бараат пандани на белградската состојба на свеста, тие побрзо би се нашле во Далмација.
Чудна аура
Колку новите белградски генерации го сакаат и го разбираат Загреб, е под голем прашалник. Впрочем, белградските деца родени во 90. години израснаа во информациска блокада и практично немаат поим за воените случувања. Поимот на војна го поврзуваат со бомбардирањето на НАТО на Белград и со Косово. Хрватска им е најблиската, далечна земја, дел од ЕУ, која, тоа исто така треба да се каже, ја гледаат со неодобрување и чувство на неприпаѓање. Истовремено, Хрватска е и земја со чудна аура на привлечност. Очигледниот јаз на сензибилност, секако, само ја интензивира таа перцепција.