1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку пораки испрати Катица Јанева?

24 јули 2019

Ни по вчерашната изјава на обвинителката Јанева работите не станаа појасни, вели адвокатот Драган Малиновски. Аналитичарот Џелал Незири лоцира три пораки во нејзината изјава.

Mazedonien Katica Janeva neuer Generalbundesanwalt
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Освен демант на шпекулациите за нејзина наводна инволвираност во случајот „Рекет“,  дали Катица Јанева вчера испрати и други пораки-  и до власта, и до Обвинителството што го истражува случајот? Според коментарите на социјалните мрежи дел од јавноста и натаму останува скептичен, други веруваат дека таа не ја поминала црвената линија, но сите бараат цврсти докази и ефикасна и брза истрага.

„Ни по вчерашната изјава на обвинителката Јанева работите не станаа појасни, освен што имаше демант, кој јавноста го очекуваше веднаш по обелоденувањето на случајот 'Рекет'  а не по една недела, вели адвокатот Драган Малиновски.

„Во целиот случај не е најдраматично тоа што некој се повикувал на линкови на моќ, туку ако тоа резултирало со конкретно дејство од страна на СЈО. Ако некој или некои се повикувале, ред е и да се посочи како се повикувале и како го материјализирале тоа. Бидејќи, едно е да се повикуваш на некого, а друго е да има резултат од тоа повикување“, вели Малиновски. 

Што со сознанијата?

Бидејќи Јанева не одговори на новинарски прашања, остана нејасно: ако обвинителката имала сознанија дека не само едно, туку и други лица го злоупотребувале нејзиното име, во кој период ги добила тие сознанија, и што направила во врска со тоа? Според Малиновски, „лице на таква позиција нема право да одмолчи нешто што е поврзано со кривично дело“. 

Но, токму поради неодговорените прашања, вчерашната изјава на Јанева не ги елиминираше сомнежите во јавноста околу опсегот на лица инволвирани во „Рекет“. Притоа се отвори и прашањето: дали прекинот на боледувањето и враќањето на Јанева на должност сѐ до нејзиното разрешување, значи дека таа е сигурна дека не е на листата на потенцијално сомнителни?

„Дури и да има некакви докази, прашање е дали веднаш би можело тие да се процесуираат или можеби се тактизира, бидејќи со тоа би се довело во прашање функционирањето на СЈО, со оглед дека легитимитетот на институцијата произлегува од нејзиниот статус на специјален јавен обвинител. На пример, под претпоставка Јанева да биде суспендирана, тогаш никој не би можел да постапува. Дури и да им дала овластувања на обвинителите, тие овластувања ќе згаснат во случај таа да биде супспендирана. Во моментов нејзината соработка со другото Обвинителство е од извонредно значење. Најмалку што може и треба - е  целосно да соработува“,  вели Малиновски.

Граѓаните кои пред четири години во СЈО видоа надеж за враќање на правдата, се надеваат дека зборовите на Јанева се вистинити и не се празни фрази, бидејќи спротивното не би значело само крај на довербата во правосудството, туку и влез на државата во класична аномија.

Јанева алудира дека ударот против неа е удар против СЈО?Фотографија: DW/P. StojanovskiDW/P. Stojanovski

Три пораки

Сега сите очи се вперени во истрагата и во анализа на деталите од изјавата на специјалната јавна обвинителка. 

„Кратката изјава, без простор за прашања од новинари, имаше за цел да испрати три пораки", смета аналитичарот Џелал Незири.

„Првата -  дека е жртва на политичките игри или битки меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ;  втората - дека се познава со Бојан Јовановски, но дека ги знае и останатите кои имаат пријателство со него а сега бегаат од правдата користејќи ја нивната политичка моќ; и третата - дека Јовановски но и други го имаат злоупотребено нејзиното име за криминални цели. Преку оваа прес - конференција, Јанева се обиде да се претстави како жртва на политичката борба поради зафатот за да бори против високата корупција. Ова подразбира дека моќниците во и околу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ сториле сѐ да ја тргнат од СЈО, со тоа што самата институција да престане да постои", оценува Незири.

Според него, со тоа што побара  јавна, брза и транспарентна истрага и се стави на располагање на надлежните институции, Јанева сака и да го потврди демантот дека таа нема никаква врска со "Рекет".

„Јанева призна дека се познава со Бојан Јовановски, но истакна дека со него се познаваат и многу други носители на високи функции. Дали нејзиниот збор ‘познавање' значи ‘инволвирање' и дали со ова Јанева испрати порака до истите дека ‘ако падне таа ќе падне и Владата', може само да претпоставуваме. Она што можеше да се забележи е нејзината разочараност од СДСМ и Заев, за кој беше известено дека прв го пријавил случајот кај обвинителката Русковска. Ова можеше да се забележи и во делот каде ја образложува нејзината оставка, подвлекувајќи дека со ова одлука нема да остави простор некој да го користи случајот како алиби за евентуалното незапочнување на преговорите со ЕУ во октомври. Со оваа изјава Јанева успеа да ги ублажи критиките, но нејзината неподготвеност за новинарски прашања ги остава отворени сите сомневања за нејзина улога во  мега-аферата ‘Рекет'",  констатира Незири.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми