1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку празници ѝ се потребни на Македонија?

Свето Тоевски17 јануари 2016

Во РМ неработни се 11 државни, 9 верски и 7 празници на националните малцинства. Толкав број празници ја намалува конкурентната способност на стопанството, предупредуваат работодавачите и експертите.

Фотографија: MIA

Во Македонија и годинава ќе се одбележуваат вкупно 27 државни, национални и верски празници. Во врска со нив Министерството за труд и социјална политика вели: „Со Законот за празници се утврдуваат државните празници на Република Македонија и другите празници и се определуваат неработните денови на празнувањето. Во неработните денови работникот има право на надомест на плата, односно на зголемена плата во согласност со закон и колективен договор.“

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија и директор на Акционерското друштво „Мода“ од Свети Николе, во изјавата за ДВ е категоричен: „Големиот број на државни и верски празници во никој случај не можат да бидат во функција на подобро извршување на работните процеси во претпријатијата и институциите на системот. Државните празници се наменети за празнување на одредени значајни датуми, но нивниот број треба да зависи од бројот и значењето на тие празници за граѓаните на одредена држава. Големиот број на вакви денови само ја намалува конкурентната способност на нашето стопанство на глобалниот пазар. Резултатот не е само намалени производно-финансиски резултати во компаниите и помал брутодомашен производ на земјата, туку во краен случај влијае и на помалите плати на вработените.“

Според Илија Ацевски од државниот Институт за социологија од Скопје оценува дека нема потреба од толкав број и такви празници и „тоа не е придонес кон мултиетничкиот, меѓуверскиот и мултикултурниот соживот“, туку причина за нешто друго: „Со тоа само се продлабочува на јазот по овие основи во општеството, на тој начин само се нагласува и се продлабочува различноста на ’другиот’. Наместо да се гради единството на државата, на долг рок тоа се поткопува и се доведува во прашање унитарниот карактер на Македонија како држава. Дали сите македонски граѓани го чувствуваат 8 Декември - 'Св. Климент Охридски', како свој празник? Прогласувањето толкав број етнички и верски празници од страна на политичките елити претставува тешко манипулирање со националните и религиските чувства на граѓаните. Така политичките елити имаат и поводи да се појавуваат во црквите и џамиите и да им се додворуваат на граѓаните, заради остварувања свои одредени цели.“

Не се 30-тина, туку се 60-тина денови

Алифета Селими, експерт за макроекономија и проректор на Државниот универзитет во Тетово се надоврзува кон овие погледи на Ацевски: „Потребно е сегашнава прекумерна бројка на празници да се намали само на неколку државни празници, кои ќе се однесуваат на сите нејзини граѓани. Мултиетничноста на Македонија треба да се почитува и да се одбележува во други ситуации, во други општествени сфери и на други начини, не така што тоа ќе се одразува негативно врз рентабилноста, економичноста и продуктивноста во економијата. Особено во овој сегашен момент, кога претпријатијата се соочуваат со бројни тешкотии и предизвици во своите деловни активности треба работното време да се користи максимално ефективно, а не фиктивно, а уште помалку треба да има толку неработни денови. Така само се нарушува ритамот на работењето на економијата и се губи во производството. Но, не се работи само за 30-тина празнични денови, туку можеби и за 60-тина денови, оти на вработените им треба време да се вратат повторно во истиот ритам на работење. И најновите, најмодерни економски теории ја истакнуваат потребата за целосно искористување на расположливите човечки ресурси, оти само со работење се создаваат нова акумулација и нови вредности во општеството.“

Во РМ неработни се 11 државни, 9 верски и 7 празници на националните малцинстваФотографија: Colourbox/PetraD

Димитров го конкретизира мислењето на професорот Селими од гледна точка на стопанството: „На пример, во текстилната индустрија преголемите празнувања претставуваат значаен проблем, затоа што се работи за трудоинтензивна дејност, каде што учеството на трудот во создавањето на новата вредност е од огромно значење. За фабрика од 100 работници празнувањето на 5 работни дена во годината значи изгубени 4 илјади работни часови или годишно производство во вредност од околу 16 илјади евра. Но, во билансот на компанијата тоа е загуба од околу 27 илјади евра, затоа што работниците за време на празниците се плаќаат, а нема никакво производство. Ако се земе предвид бројот на можните работни часови во 2016 год. кој изнесува 2088 часа, тогаш намалувањето на празниците за 5 дена би значело зголемување на вкупните работни часови во текот на годината за 2 процента. Ова значи 2 процента поголемо производство, 2 процента поголем извоз, но и за најмалку 3 проценти подобри финансиски резултати. Со оглед дека се планира раст на брутодомашниот производ се околу 3 проценти, ова намалување на празниците за 5 дена може да биде од многу големо значење за растот на македонската економија.“

Европска споредба

Еве две споредби на бројката од 27 - те државни, национални и верски празници во Македонија со бројот на јавни празници во земјите во ЕУ и со 9-те земји во светот, кои имаат најголем број јавни празници. „Јавни празници“ означуваат празнични денови со државен, етнички, верски и друг карактер, кои се едновремено и неработни, како и во Македонија. Бројот на јавни празници во 28-те земји - членки на ЕУ во 2015 година („Official Journal of the European Union“ - C 463/17. 23.12.2014: Public holidays in 28 states of EU in 2015 - 2014/C 463/05) изнесува: Белгија: 12, Бугарија: 15, Чешка: 12, Данска: 14, Германија: 14, Естонија: 12, Ирска: 10, Грција: 10, Шпанија: 8, Франција: 11, Хрватска: 14, Италија: 11, Кипар: 17, Латвија: 15, Летонија: 13, Луксембург: 10, Унгарија: 15, Малта: 13, Холандија: 10, Австрија: 13, Полска: 12, Португалија: 9, Романија: 13, Словенија: 12, Словачка: 14, Финска: 13, Шведска:13 и Обединето Кралство (Англија): (a)Велс: 8, (б) Северна Ирска: 10, (ц) Шкотска: 9.

Според анализата на интернет порталот „Галф бизнис“ од 15.1.2015 година, ова е редоследот на 9-те земји во светот со најголем број јавни празници: (I)Индија, Кина и Хонг Конг: 21, (II)Колумбија и Филипини: 18, (III)Тајланд, Турција и Пакистан: 16, (IV)Јапонија, Аргентина, Малезија и Виетнам: 15, (V)Индонезија и Чиле: 14, (VI)Јужна Кореја и Тајван: 13, (VII)Русија: 12, (VIII)Сингапур, Канада, Обединети Арапски Емирати и Мароко: 11 и (IX)САД, Австралија и Нов Зеланд: 10.

Се наметнува заклучокот дека Македонија се вбројува меѓу земјите во Европа и светот, кои имаат голем број празници. Сериозно отежнатата ситуација во стопанството на земјата сама по себе го актуелизира прашањето: дали бројот на нејзините празници би требало да биде помал, како тој да се оптимизира рационално и согласно со реалните потреби на државата, на нејзините граѓани и етнички заедници? ДВ му го постави ова прашање на Министерството за труд и социјална политика, кое вака одговара: „Секогаш кога работодавецот ќе процени дека отсуството од работа на вработените ќе предизвика деловни последици по неговото работење има право да го задржи работникот на работа и за време и на државни и на верски празници и со тоа да ги намали последиците од неповолни репродукциони и економски финансиски ефекти. Работникот има право на отсуство од работа со надоместок на плата за празниците на Република Македонија, коишто се определени како слободни денови од работа и за другите со закон определени слободни денови. Ова право на работникот може да му се ограничи, ако работниот (производниот) процес се одвива непрекинато, или ако природата на работата бара нејзино вршење и на празничен ден. Во овие случаи работодавачот е должен за секое воведување работа на државен празник претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот.“

Фотографија: MIA

Во врска со прашањето како бројот на празници во државата да се сообрази со нејзините реални можности и потреби, Сојузот на стопански комори посочува: „Во зимскиот период, особено во декември и јануари, кога има најголем број на празници, продуктивноста на стопанството во зависност од секторот осцилира. Но, ова не е нова состојба и бизнисмените секоја година однапред подготвуваат стратегија и во договор со деловните партнери прават план во својата работа, заради навремена испорака и реализирање на обврските. Работодавачите ги почитуваат празниците и обичаите кои се традиционални, но некогаш, ако има потреба, работат и во празнични денови. За тоа има соодветно регулирани законски можности.“

Има можности за намалување на бројот на празници

Димитров напоменува: „Ако подетално се анализираат државните празници и празниците на верските заедници, ќе се утврди дека некои од нив воопшто не се празнуваа во минатото, а некои се користеле за одделни партиски пазарења. Реално е дека меѓу нив постојат и такви, кои не се од толку големо значење за граѓаните и верските заедници. Не може да бидат од исто значење за граѓаните на Македонија 2 Август - Денот на Републиката и 8 септември - Денот на независноста со 23 октомври - Денот на Македонската револуционерна борба, или 8 декември - Свети Климент Охридски. Проблематично е што се празнува Бадник - првиот ден на Божик како државен празник и плус Бадник - ден пред Божик како верски празник. Или, се празнува вториот ден на Велигден како државен празник и Велики петок како верски празник. Постојат можности за намалување на вкупниот број на празници и тоа може да се направи врз база на една поширока јавна расправа, во која ќе учествуваат сите заинтересирани страни.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми