1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се Македонците дигитално писмени?

Владимир Калински1 април 2012

Речиси во сите професии дигиталната писменост е непопходна за извршување на професионалните задачи, но и во социјализацијата на секој граѓанин.

Фотографија: Fotolia/pirotehnik

Дигитална писменост е способност граѓаните ефективно да користат компјутери на своите работни места и во секојдневниот живот. Дигиталната писменост е во фокусот на сите светски образовни институции. Професори, наставници, студенти со помош на компјутер и интернет ги унапредаат своите знаења, разменуваат искуства со своите колеги, креираат мултимедијални подготовки за часовите. За состојбите во Македонија околу дигиталната писменост, за Дојче веле зборува доцент д-р Љупчо Антовски од факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство:

„Луѓето од помладите генерации имаат основни познавања од ИТ технологија. Кај постарите генерации се‘уште постои одреден отпор кон користењето на компјутери и умни уреди. Тоа е и разбирливо, бидејќи првите се родени во период кога веќе широко се користеше ИТ технологија и нив жаргонски ги нарекуваме ’родени во дигиталното време’, додека вторите мораа да се адаптираат, да ги сменат своите навики да користат компјутери во секојдневиот живот и тие се таканараечени ’натурализирани во дигиталното време’".

Фотографија: Fotolia

Скоро во сите средни училишта и факултети се изучува предметот по информатика. За обуката што ја нудат факултетите во областа на информатиката разговаравме со неколку студенти. Тие велат дека факултетите треба повеќе да инвестираат во оваа област, а слабо ја оценуваат и работата на професорите: „Можам со сигурност да кажам дека колку што имав познавање од информатичка технологија пред да го изучувам предметот, имав и откако го положив!“, вели студент од Правниот факултет во Скопје.

Позитивни и негативни ефекти

Професор д-р Биљана Ванковска од Филозофскиот факултет активно го користи интернетот, социјалните мрежи, блоговите каде сервира податоци и статии кои ги смета за едукативни. Таа вели дека дигиталната писменост во Македонија е во раст, а ваквите знаења носат огромни можности, но и негативни ефекти:  

„Во областа на образованието, би рекла, студентите се пописмени од своите професори, и тоа се должи не само на познавањето на новите технолошки-комуникациски можности, туку и познавањето на англискиот јазик. Јас имам сериозен проблем со моите студенти и постдипломци, па и колеги, кои овие можности ги злоупотребуваат за плагијаризам, на пример. Поентата е дека колку што се полесно достапни податоците, толку некои луѓе стануваат помрзеливи - да ги споредат, да размислат, да ги оспорат. Позитивната страна е моќта на студентите да им презентирате предавање од странски професор кое се наоѓа на Јутјуб, a за кој немате пари да го поканите во земјата. Но, кога станува збор за мојата училница, главен хендикеп ми е слабата екипираност - со еден лаптоп и еден ЛЦД проектор, кој може да биде и расипан, тешко се воведуваат нови методи на работа и учење“, вели Ванковска.

Можности за невработените

Агенцијата за вработување во соработка со Семос Едукација спроведуваат обуки за компјутерско описменување за невработени лица. Кандидатите по положувањето на испитите се стекнуваат со соодветни титули, а веќе има и случаи на вработување, вели Дијана Василевска, раководител во Семос Едукација:

„Дигиталната писменост е една од основните писмености на денешницата. На секој кој е дигитално писмен, информациите му се на дофат во секое време. Сето тоа влијае врз целокупниот живот и работа. Таквото знаење може да се официјализира преку процес на сертификација која е меѓународно призната и на тој начин помага во градењето на кариерата, не само во државата туку и надвор од неа“.

Фотографија: picture-alliance/ dpa

Недостаток на образовни е-содржини

Истражувањето на невладината Метаморфозис за Отворени образовни ресурси, покажува дека е потребен понатамошен развој и обука на населението, вели  Филип Стојановски, програмски координатор во организацијата:

„За поголем дел од населението користење на е-пошта, пишување текстови е секојдневие. Дигиталната писменост опфаќа и други области за кои во Македонија има потреба од развој. Тоа се аспектите на приватноста при користењето на новите технологии, особено популарните социјални мрежи, но и општите поими за безбедност при ’сурфањето’. Истото се однесува и на непознавање на механизми за заштита  и на другите човекови права - како слободата на изразување, но и областа на авторски права - и од аспект на корисници и од аспект на автори“.

Стојановски додава дека во Македонија се‘уште има недостаток на образовни е-содржини, бидејќи дигиталното објавување не е системски решено како обврска на сите оние кои веќе користат буџетски пари да ги создадат таквите материјали.

„На пример во сферата на бесплатните учебници видлив е јазот помеѓу образовните содржини на пониски степени на образованието со оние повисоките“, вели Филип Стојановски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми