1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку смее НАТО да се шири во правец на Русија?

Силвиа Штребер/ард/ Жана Ацеска 25 јуни 2014

Министрите за надворешни работи од НАТО во Брисел денеска (25.06) го подготвуваат самитот во септември, а тема е ветеното членство за Украина и Грузија дадено во 2008 година. Ветување, кое не може да се одржи.

Фотографија: Reuters

Украина и Грузија ќе станат членки на НАТО. Иако од денешен аспект звучи утопистички, ваква одлука донесоа НАТО-членките во 2008 година на самитот во Букурешт. Тоа предизвика дебата, при што тогашната американска министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс се сеќава на најжестоките дискусии кои ги доживеала за време на својот мандат. Во своите мемоари таа наведува и дека Франк-Валтер Штајнмаер, тогаш првпат германски министер за надворешни работи, тоа го споменал како свое најбрутално тогашно искуство.

Тогаш, како и денес, НАТО-членките беа поделени околу прашањето: колку да се проширува Алијансата во правец кон Русија? Денес две работи се поинакви отколку пред шест години: американската влада веќе не е за прием на поранешните советски републики. Тоа јасно го кажа американскиот претседател Барак Обама на крајот на март. На своите позиции останаа земјите како Шведска, Полска и балтичките републики. Но, за прием на Украина, со оглед на актуелната ситуација во источна Украина, и така веќе нема збор. Ни старата, ни новата украинска влада досега нема таква одлука. Народот по ова прашање е исто така поделен.

Пофалби за Грузија

Поинаку е во Грузија: таму владејачката коалиција, која стапи на власт во 2012 година, ужива поддршка кај народот за влез во НАТО - мнозинство од 4,5 милиони жители се „за“. Земјата уште од 1990 година, под водство на претседателот Едуард Шеварнадзе, има прозападна ориентација.

Во Брисел и Вашингтон освен тоа се слушаат пофалби за воените реформи во Грузија, која учествува и во воената мисија во Авганистан со 1.500 војници - 29 таму го загубија животот. 150 грузиски војници се во рамките на ЕУ-мировната мисија во Централна Африка.

Фотографија: Reuters

Во НАТО постои согласност дека овие напори на самитот на Алијансата во септември во Велс треба да бидат вреднувани. Прашање е само - како? Грузија посакува Акционен план за членство, а тоа што во 2008 година не и‘ беше понуден, се должи првенствено на отпорот од Германија и Франција.

Акционен план за членство

Акционен план за членство во НАТО ги подготви балтичките држави, Бугарија, Романија, Словачка и Словенија во 2004 година, како и Албанија и Хрватска во 2009 за влез во НАТО. Но, тој не е никаква гаранција за безбедноста на државите-кандидати, ниту гаранција за прием. Македонија, на пример, уште од 1999 година е членка на Акциониот план, но до денес, поради спорот за името со Грција, не е примена во НАТО.

Германската канцеларка Ангела Меркел, дури и да почне процесот на прием на Грузија преку Акционен план, не ја гледа темата нејзин прием на агендата на самитот во Велс. Таа тоа го истакна на прес-конференција со грузискиот премиер Иракли Гарибашвили во јуни во Берлин. Уште поголема политичка размена на мислења, уште повеќе реформи, тоа беше барањето што кај грузиските политичари не наиде на одушевување. Ќе се реформираме до смрт, се велеше фрустрирано. Се‘ почесто се поставува прашањето: колку е уште веродостојно ветувањето на НАТО за прием на Грузија.

Незадоволство предизвика посебно позицијата на германскиот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмаер. Тој рече - се‘ додека една држава има нерешени територијални конфликти, не смее да влезе во НАТО. Уште во 2008. година Штајнмаер претрпе остра критика. Крајно, Германија при својот прием во НАТО уште беше поделена држава, беше истакнувано.

Дел од суштинскиот проблем е конфликтот во врска со отцепените провинции Јужна Осетија и Абхазија, што значи, Русија. Уште за време на самитот на НАТО во Букурешт, таму избувна војна, по чиј крај Грузија конечно ја загуби контролата врз Јужна Осетија и Абхазија, која ја презеде Русија.

Едуард ШеварнадзеФотографија: DW

Русија си обезбеди индиректно право на вето

Тогашниот грузиски претседател Михаил Сакашвили сноси свој удел во тоа. Но, отпосле станува се‘ појасно дека руското раководство под палката на тогашниот премиер Владимир Путин го искористи овој конфликт за своја корист. Од една страна таа војна нему му користеше како тест - колку вреди ветувањето на НАТО на Грузија за прием без безбедносни гаранции.Од друга страна, војната служеше за изговор во Јужна Осетија и Абхазија да се инсталира опсежна воена инфраструктура.

Контролата врз отцепените региони на Русија, освен тоа, де факто и‘ обезбеди право на вето кај прашањето за прием во НАТО. Ова се однесува и на поранешните советски републики Азербејџан, Ерменија, Молдавија и сега на Украина, во кои Русија има влијание, односно контрола преку територијалните конфликти.

Ако НАТО сака да прими во свое членство некоја од овие држави, тогаш Алијансата, според членот 5 од Вашингтонската спогодба, би требало да ја почитува одредбата за обврска, во случај на воена опасност и загрозен територијален интегритет, да пружи воена помош. Тоа, порано или подоцна, би значело воена конфронтација со Русија. Но, тоа е црвената линија која во 2008 година во текот на војната во Грузија не ја пречекори дури ни бившиот американски претседател Џорџ Буш.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми