1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Eurovision Song Contest

5 мај 2011

Одбројувањето почна - уште само неколку дена до почетокот на овогодинешната Евровизија, која се одржува во Дизелдорф, Германија. Колку ќе чини целиот спектакл?

Фотографија: RIA Novosti

Откако младата Лена минатата година и‘ ја донесе победата на Германија, за домаќини на најголемиот европски музички фестивал се натпреваруваа градовите Хановер, Хамбург, Берлин и Дизелдорф. Последниот е победник и Изборот за песна на Евровизија го организира на фудбалскиот стадион. За тоа да биде можно, стадионот беше затворен цели шест недели пред одржувањето на музичкиот спектакл. Затоа и фудбалскиот клуб Фортуна на некое време се пресели во соседството, па кога е домаќин на натпреварите се игра на просторот на една швајцарска фирма, која има изградено свој стадион, се разбира многу помал, со капацитет од 20.000 места. Трошоците за сето тоа - 2,8 милиони евра.

И, тоа е само дел од она што Дизелдорф оваа година го инвестира во Изборот на песна за Евровизија. „За натпреварот од буџетот на градот се одвоени 7,8 милиони евра“, вели раководителот на проектот Андре Бошем.

Осло за пример

Кога стана познато дека Евровизијата доаѓа во Дизелдорф, претставници на градот отпатуваа во Осло, минатогодишниот домаќин на фестивалот. Бошем вели дека поради настанот, во Осло е забележано значително зголемување на бројот на туристи, а освен тоа голем е и ефектот од присуството на националните и интернационалните медиуми пред, во текот и по настанот. Ако биле платени сите текстови во весниците, тогаш Осло ќе морал да даде околу 200 милиони евра.

Стадионот е пренаменет за одржување на спектаклотФотографија: picture alliance/dpa

„По Олимписките игри и Светското фудбалско првенство, Изборот на песна за Евровизија дефинитивно е трет по големина телевизиски настан во светот“, вели одговорниот во германскиот јавен радиодифузен сервис АРД, Томас Шрајбер, додавајќи: „Ќе вршиме пренос во повеќе од 50 земји во светот, се` до Австралија, Нов Зеланд и САД.“ Се смета дека спектаклот ќе го следат 125 милиони гледачи ширум светот. Сето тоа, се разбира, чини многу пари. Досега во АРД се молчи околу вистинските трошоци. Само се соопштува дека „АРД ќе има околу една четвртина трошоци помалку, отколку норвешките колеги во Осло“. Медиумските експерти оценуваат дека вкупните трошоци во Осло се движеле околу 25 милиони евра. Од тоа, околу 16 милиони евра дала норвешката телевизија НРК. Значи, ако се следи оваа логика, германската телевизија годинава ќе плати 11 или 12 милиони евра.

Евровизијата ќе чини околу 25 милиони евраФотографија: NDR/Rolf Klatt

Најважно е да се има перфектно шоу

Ако се пресметаат парите од Европската радиодифузна унија, парите од спонзорства и реклами, и оваа година Евровизијата ќе чини околу 25 милиони евра. За луѓето од германските медиуми, сепак, не се трошоците во прва линија, туку најважно е да се одржи перфектно шоу. Шефот на забавната програма на АРД, Томас Шрајбер, прашањето околу финансиите го одговара вака: „Изборот на песна за Евровизија не е манифестација што се организира за да се заработат пари.“

Автор: Клаус Улрих / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми