Колку ќе чини Ајфонот произведен во САД?
24 ноември 2016Компанијата Епл ги развива новите модели на Ајфон и останатите производи во своето седиште во калифорнискиот град Купертино. Тука работат голем дел од вкупно 116.000 вработени во компанијата. Меѓу нив има инженери, дизајнери, програмери и маркетинг експерти. Освен тоа, само во САД, Епл има 288 продавници во кои исто така се вработени Американци.
Но, најпознатиот прозвод на Епл -„Ајфон“, се произведува во Кина, како и речиси сите други паметни телефони од другите брендови. Мобилните уреди на Епл се прозведуваат во две компании кои имаат седиште во Тајван: Фокскон и Пегатрон. Овие две компании годишно произведуваат околу 200 милиони ајфони.
„Јас ќе ги натерам Епл своите компјутери и ајфон производи да ги произведуваат во нашата земја, а не во Кина“, неколку пати повторуваше Трамп во предизбрната кампања. Главната порака е: така се создаваат работни места во САД за Американците и така земјата повторно ќе стане „моќна“.
Сметката, ве молам!
Според информациите на јапонскиот весник на англиски јазик „Никеи Азиан Ревју“, Епл побарал од Фокскон и Пегатрон да ги пресметаат трошоците за преместување на производството во САД. „Фокскон веќе го направи тоа“, гласи изјавата на анонимниот извор на јапонскиот весник. „Пегатрон одби да го стори тоа со образложение дека таквата пресметка би била прескапа“. Од истиот извор, јапонскиот весник дознава и за резултатот на пресметките на Фокскон: „Произведувањето на Ајфон во САД би ги дуплирало трошоците“.
Најновиот смартфон на Епл, Ајфон 7 со капацитет од 32 гигабајти се продава по цена од 649 американски долари. Информативниот сервис ИХС Маркет проценува дека трошоците за производство на еден таков уред се 220 долари, од кои 5 долари отпаѓаат на трошоците на трудот.
Фокскон, како главен произведувач на Ајфон во Кина, не е доверлив извор што се однесува на наводното дуплирање на трошоците во случај на преместување на производството во САД. Џејсон Дедрик, професор на универзитетот Сиракуза во Њујорк дојде до други бројки.
Кој ги сноси трошоците?
„Кога Ајфонот би се произведувал во САД, а сите потребни компоненти би се увезувале, тогаш трошоците за производство би пораснале за 30 до 40 долари“, вели Дедрик за Дојче Веле. Како причина за пораст на трошоците се наведува повисоката цена на трудот во САД и зголемените трошоци за транспорт и логистика.
„Кога сите поединечни делови би биле произведени во САД и кога Ајфонот би се склопувал тука, тогаш цената на производството ќе се зголеми за најмалку 80 до 90 долари“ тврди професорот. Во тој случај, според Дедрик, Епл или ќе мора да ја зголеми цената на Ајфонот или ќе мора да се согласи на помала заработувачка.
Но Дедрик не верува дека е можно целосно преместување на комплетното производство во САД: „Краткорочно и среднорочно би било невозможно да се создаде инфраструктура која е неопходна за производство на стотина милиони Ајфони годишно“.
Предноста на Кина
Фабриките во Кина се етаблирани во производството на паметни телефони. Таму не само што се склопувааат уредите на речиси сите производители, туку во Кина се наоѓаат и најголемиот дел на добавувачи на делови, како и преработувачи на ретка руда која пред сè се ископува во Кина и без која не може да се произведува ниту еден мобилен телефон.
„Освен тоа, компанија како Фокскон има опрема, знаење и искуство што ѝ овозможува во краток рок да го зголеми производството од нула на неколку милиони единици, што е важно за Епл и неговата конкурентност“, објаснува Дедрик.
Повеќе роботи
Исто така спорно е дали преместувањето на производството во САД навистина ќе доведе до отворање на работни места. „Таму производството најверојатно ќе биде автоматизирано“, смета професорот.
Доналд Трамп како претседател нема да може да ги присили Епл и другите компании да го преместат производството во САД. Но, тој во предизборната кампања говореше за зголемување до 45% на царините за увоз од Кина, што значително би ги зголемило цените. На ваквите тврдења на Трамп, забелешка до него упати новинарот на американската телевизија НБЦ, укажувајќи му дека правилата на Светската трговска организација (СТО) забрануваат зголемување на царините. На тоа Трамп одговори: „Тогаш ќе преговараме повторно или ќе го откажеме членството. СТО е катастрофа“.
САД во основа има слободна и отворена трговска политика, вели Дејвид Флет, професор по економија на државниот универзитет во Северна Каролина. Доколку тоа се смени во мандатот на Трамп, тоа нема само да ѝ наштети на Америка, туку и на благосостојбата низ светот. „Изолацијата на САД е измислица на глупавите, а не остварлива цел“, заклучува Флет во разговорот со ДВ.