1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку џамии има во Германија?

24 ноември 2018

Можеби е тоа чудно за земја која прецизно се грижи за статистичките податоци, но за бројот на исламските објекти во Германија малку се знае. За тоа никој не води статистика- постојат само проценки.

Deutschland Moschee der Ahmadiya-Gemeinde in Berlin-Wilmersdorf
Џамија на заедницата Ахмадија во БерлинФотографија: picture-alliance/akg-images/H. Champollion

Колку џамии или муслимански верски заедници има во Германија- тоа во земјата никој со сигурност не го знае. Затоа е лесно да се тврди дека наводно ги има „премногу“ или дека се „отвораат се повеќе“. Од избивањето на спорот околу џамијата во Келн, исламските објекти повторно се во центарот на вниманието на јавноста. Бидејќи, многумина со репрезентативната џамија ја поврзуваат демонстрацијата на моќта на турската држава. Имено, со џамијата управува турската организација Дитиб, која е под директно влијание на турската државна установа за вера, а таа пак под контрола на претседателот Ердоган.
За бројот на џамии и простори за молитва или исламски верски здруженија во Германија постојат само проценки. За тоа постои едноставна правна причина, објаснува експертот за религија Михаел Блуме. „Согласно германскиот Устав не постои обврска за регистрација на верски заедници. Тоа значи: се додека една верска заедница или верски сојуз не стекне статус на јавна установа, нема да ја има во статистиката“.
Затоа никој не знае ни колку будистички храмови има во Германија, нагласува Блуме. Џамиите во Германија се регистрираат според Законот за здруженија. Ним им е препуштено дали ќе се приклучат кон некој поголем сојуз или ќе бидат самостојни.
За разлика од нив, за католичката и евангелистичката црква, како и за еврејската заедница податоците ги води Сојузниот завод за статистика.

Слаба организираност

Сепак, некои бројки за џамиите постојат. Централниот совет на муслиманите во Германија на почетокот на септември соопшти дека во земјата има околу 2.500 џамии. Многу се наоѓаат во дворови на згради, околу 900 можат да се препознаат однадвор. Во Исламот е можно неколкумина верници едноставно да прогласат нешто за свето. Така во Берлин една феминистичка правничка основаше „либерална џамија“.
Експертите во Бундестагот говорат за „најмалку 2.350 до 2.750 џамии или исламски верски здруженија“. Вкупниот број на муслимани во Германија се проценува на меѓу 4,4 и 4,7 милиони, а тие им припаѓаат на различни насоки во исламот, различни се по националност и според политички определби. Само 15 до 30 отсто од муслиманите се организирани во верски здруженија.

Во Келн годинава беше отворена една од најголемите и најубави модерни џамии во ЕвропаФотографија: DW/Julia Vergin

Странско финансирање

Малубројните репрезентативни џамии воглавно се финансираат од странство. Тоа се однесува пред сѐ на Турција и на Саудиска Арабија. „Голем проблем на исламските заедници е што тие немаат доволно пари“, вели Блуме, објаснувајќи го тоа со фактот дека само мал број муслимани се сметаат за членови на некој џемат. За изградба на мала џамија некако и можат да се соберат донации. Но, проблем е плаќањето на аџилакот или на лица кои работат со младите. „Затоа турската држава е толку влијателна“, заклучува Блуме. Имено, Турција го плаќа аџилакот.
Михаел Блуме пред неколку години објави книга под наслов „Исламот во криза“. Тој го смета за проблематично и тоа што не се знае колку точно муслимани има во Германија. „Ние знаеме релативно колку лица потекнуваат од земји во кои исламот е доминантна религија. Но се побројни се оние кои не сакаат да имаат никаква врска со религија. Други пак велат: јас сум муслиман, но не и припаѓам на ниту една заедница или здружение. Само мал број луѓе се вклучува во здруженијата кои основаат џамии“, вели Блуме и додава дека државата треба да ангажира научници кои ќе се позанимаваат со таа тема.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми