Осомничениот напаѓач во Колорадо е уапсен
23 март 2021Само една недела по атентатот во Џорџија, нов напад во САД: во супермаркет во Болдер, во сојузната држава Колорадо, вооружен напаѓач уби најмалку десет луѓе. Осомничениот напаѓач е уапсен, соопшти полцијата. На снимки од Болдер се гледа како полицијата спроведува маж белец на средна возраст, кој крвари, но засега не дава потврда дека тој е осомничениот напаѓач. Полицијата само соопшти дека уапсила тешко повредено осомничено лице. Засега нема наводи ниту за мотивот за нападот.
Нападот се случил во текот на попладневните часови по локално време. Во супермаркетот се слушале пукотници кои станувале сѐ погласни и се приближувале сѐ повеќе, раскажа за телевизијата Си-Би-Ес, Невин Слоун, кој со својата сопруга успеал да избега преку излезот за итни случаи. „За малку ќе загинев додека купував сок и чипс“, рече Рајан Боровски за Си-Ен-Ен.
Полицијата интервенирала со голем број полицајци. На местото на убиствата има припадници на специјалните сили, оклопни возила, како и возила за брза помош. Меѓу десетте жртви е и 51-годишниот полицаец Ерик Тали, соопшти шефицата на полицијата во Болдер, Марис Херолд. Таа го истакна „херојството“ на полицаецот кој бил еден од првите кои пристигнале на лице место. Херолд додаде дека смета со „многу комплексна истрага“ во наредните денови.
Пред само една недела се случија напади врз три студија за масажа во сојузната држава Џорџија, при што беа убиени осум лица, од кои шест жени со азиско потекло. Американскиот претседател Џо Бајден во февруари се изјасни за заострување на законите за оружје во земјата. Тој апелираше до Конгресот да постигне согласност за „разумна“реформа во таа сфера.