Кол ги опоменува евроскептичарите
28 февруари 2012Сегашната криза во ЕУ треба да се сфати како „шанса“ и таа ја покажува неопходноста од „повеќе, а не помалку Европа“, пишува денеска во статија во весникот „Билд“ поранешниот германски канцелар Хелмут Кол.
„Треба да ја искористиме кризата како шанса. Токму сега имаме потреба од повеќе, а не од помалку Европа“, тврди поранешниот канцелар, кој е на возраст од 81 година.
„Европа е нашата иднина и таа нема алтернатива. Ги имаме сите основи за да бидеме оптимисти и, ако тоа го сакаме, Европа ќе излезе од сегашната криза посилна. Да не запаѓаме во хаос“, подвлекува Кол.
„Иднината не им припаѓа на скептиците, туку повеќе на луѓето кои ги туркаат работите напред со јасна цел пред себе“, дополнува политичарот.
По две ужасни светски војни јасно е дека единствено обединета Европа дава можност за траен мир и слобода, смета поранешниот канцелар на Германија.
„Лошите сенки на минатото всушност и не се избркани, тие се‘ уште можат да се вратат. Тоа значи дека Европа се‘ уште е прашање на војна и мир, а идејата за мирот е движечката сила на европската интеграција“.
Оние кои сега, во периодот на криза, се‘ уште се сомневаат, Кол ги прашува: „Каде ќе бевме денеска ако се повлечевме пред малодушноста и скептицизмот и не ја имавме наметнато европската идеја и покрај значителниот отпор?"
Автор: ЖА/СН/билд/миа
Редактор: Симе Недевски