1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на „мрсните години“ за германската економија?

Хенрик Беме
23 јули 2019

Лошите вести од германската економија во последно време драматично се множат. Но до сосема мрачно сценарио не треба да дојде, смета Хенрик Беме.

Autokrise in Europa - Produktionsstopps und Bangen um Jobs
Фотографија: picture alliance/dpa

На почетокот на неделата беше објавено предупредување за пад на профитот од страна на германскиот хемиск концерн БАСФ. Тоа не е каков било концерн, туку најголемата хемиска компанија во светот, со 122.000 вработени низ целиот свет. Ако таква компанија толку драстично ја спушта својата прогноза за тековната фискална година - имено, дека може да се очекува пад на добивката од повеќе од 30 отсто - тогаш треба, всушност, да се запалат сите црвени светла.

Зошто? Бидејќи еден таков хемиски концерн прв чувствува кога на другите им оди лошо. И една таква хемиска компанија има клиенти во многу, или речиси во сите индустриски гранки. Во автомобилската индустрија, на пример, на која ѝ испорачува лакови и пластика. Таму, образложува БАСФ во своето предупредување, загубите во глобалниот раст се особено силни. Друго образложение: светските трговски конфликти. Кој сѐ уште смета дека станува збор само за иритации кои по следниот твит од г-дин Претседател повторно ќе се смират - сега би требало да знае подобро. Вистинско решение за трговските конфликти не е на повидок, но штетата очигледно е веќе огромна. Зашто ако компаниите се плашат од нешто како од чума, тоа е несигурноста.

Лошиот р-збор

Сега веќе може да се зборува и за рецесија. Но, тоа не е само БАСФ. Лоши вести од германската економија ќе има сѐ повеќе, буквално секој ден ќе се вртат нови проблеми. Нарачките за германската индустрија продолжуваат да опаѓаат. Расположението во компаниите се врти кон негативно. 

Повеќе:

-Странските инвеститори губат интерес за Германија

-Изненадувачки удар за германското стопанство

-Автоиндустријата пред дилема: трансформација или пропаст

Минхенскиот Ифо-Институт за економски истражувања, кој редовно го мери пулсот на компаниите неодамна мораше да ги прошири ваквите лоши вести, гарнирани со лошиот р-збор: Производствениот сектор ориентиран кон извоз (кој генерира една четвртина од германскиот брутодомашен производ) е заглавен во рецесија, истакнаа научниците. Германски компании за машиноградба, покрај производители на автомобили, кои се вториот главен столб на економијата во оваа земја, се очекува во тековнава година да забележат пад на производството од два процента.

Хенрик Беме, автор на коментарот

Уште пред БАСФ други компании објавија лоши вести: Сименс бележи „неочекувано слаб прилив на нарачки“, а и кај индустрискиот концерн ТисенКруп, аналитичарите очекуваат наскоро да биде објавено предупредување за пад на добивката. Во исто време, се множат и извештаите за планирани отпуштања: БАСФ сака да укине 6.000 работни места; Конкурентот Бајер уште пред некое време објави укинување на 12.000 работни места, а и кај Сименс, ТисенКруп, Фолксваген очигледно завршија „мрсните години“. Таму се подготвуваат за вистинска бура што надоаѓа.

Враќање кон нормалноста?

Добрата вест, по многуте лоши информации, е таа дека германскиот пазар на труд е во толку робустна состојба, што ќе може да го издржи актуелниот бран. Бројот на доставени апликации за скратено работно време значително порасна во изминатите недели. Тоа значи дека бројни претпријатија отпуштаат вработени само ако не оди поинаку. Многу од нив се обидуваат преку инструментот за скратено работно време да ги задржат своите стручни кадри за кои морале многу силно да се борат. А многу стручни кадри, кои сепак морале да бидат отпуштени, без проблеми наоѓаат работа на друго место.

Инструментот за скратено работно време, впрочем, ѝ помогна на германската економија брзо да се врати на старите патеки по тешката рецесија во 2009 година, кога како последица на светската финансиска криза таа забележа пад од пет проценти). А од еден таков драматичен пад светската економија е прилично оддалечена. По годините на висока конјунктура со делумно презагреана германска економија, сега во најдобар случај следува фаза на нормализирање. Кон тоа се вбројуваат и циклусите на пад и раст. Навистина лоши вести звучат поинаку. 

Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми