Коментар: Победничко славје среде војна
10 мај 2014Втората светска војна заврши пред 69 години, кога Советскиот сојуз и западните сојузници ја поразија Германија предводена од Адолф Хитлер. Потоа со децении Русија и Украина заедно го славеа Денот на победата над фашизмот – 9-ти мај.
Денес, многу Руси и Украинци меѓусебно се гледаат како непријатели. Милиони Украинци се прашуваат себеси – дали ќе има војна со Русија? Тоа истовремено е и апсурно и реалистично. Многу Украинци го споредуваат рускиот претседател Владимир Путин со нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер – компарација која исто така е апсурдна и се рефлектираше посебно на одбележувањето на вчерашниот ден.
На вчерашниот ден Путин го реализираше својот личен сон, кој очигледно го делат и многумина од неговите сограѓани – обновено проширување на руската империја. Нема ни два месеца од руската анексија на украинскиот полуостров, а шефот на Кремљ славеше во Севастопол како победнички генерал. Таму имаше воени бродови, борбени авиони и советска музика за марш.
Крим е руски, а победникот се вика Путин – таква беше пораката. Таа е насочена и кон Украина и кон Западот и гласи: „Еј, погледнете, не можете ништо да направите околу ова“. Путин очигледно смета дека провоцирањето е забавно.
Заканувачка поделба на источна Украина
Но, она што Русите ги прави среќни за Украинците е најлош кошмар. Тие го сметаат руското расположение за славје како апсурдна забава во времиња на епидемија на чума. Украина можеби ги живее последните денови на обединета држава. По Крим, и други делови на истокот на земјата би можеле да бидат исто така отцепени. Проруските сепаратисти во Луганск и Доњецк се подготвуваат за „референдум“ на 11 мај. Киев него не може да го спречи.
Вчера, на Денот над победата над фашизмот, повторно загинаа луѓе во Украина. Во битките меѓу сепаратистите и украинските безбедносни сили во јужниот украински град Мариупол загинаа најмалку 20 лица. Тоа се нема случено од крајот на Втората светска војна.
Војната се врати
Многу Украинци имаа помешани чувства за Денот на победата над фашизмот. Многумина се сеќаваа на своите загинати или ранети дедовци, како што правеа и порано. Но, она што беше ново е гледајќи ги Русите како слават, многумина се чувствуваат тажно, а неки дури и бесно. Никој не сака да замисли дека Русите се очигледно подготвени да го свртат оружјето кон поранешните украински браќа. Поинаку и не може да се толкува одобрувањето од стран на рускиот парламент на воената интервенција во Украина.
Тоа шокираше многу Украинци. „Никогаш не си помислував дека би можел самиот да го доживеам она што го доживеале моите предци“ – ова е типичната реченица која се слуша во украинските кујни и кафулиња.
Се’ уште е нејасно дали ќе дојде до масивно распоредување трупи меѓу Русија и Украина. Но, луѓе веќе загинаа. Војната се врати во Украина. А, овојпат таа доаѓа од Исток.
Роман Гончаренко, авторот на овој коментар, е Украинец и е уредник во главниот оддел за Европа во Дојче веле.