1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комесарот Хан во Скопје го чекаат големи главоболки

Катерина Блажевска8 јануари 2016

Власта и опозиција различно ги читаат обврските и редоследот од Договорот од Пржино, со што и различно го толкуваат она што значи исполнување на услови за фер избори

Фотографија: MIA

Дали до овој момент се исполнети условите кои гарантираат дека Македонија на 24-ти април ќе има фер и регуларни избори? Ова е прашањето што Дојче веле им го постави на четирите партии, потписнички на Договорот од 2 јуни/15 јули. Евалуацијата на неговата досегашна реализација е повод за претстојната посета на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, како и на тројцата европратеници - Едуард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит, кои беа први посредници во разговорите меѓу македонската лидерска четворка за излез од политичката криза во земјата. Кон крајот на декември комесарот Хан им испрати писмо на четворицата лидери, во кое изрази сериозна загриженост од неспроведувањето на преостанатите обврски од Договорот. Но, тоа не ги помести работите од мртва точка.


Главен услов - изборите!
Според одговорите што ги добивме од партиите, извесно е дека Хан ќе биде дочекан со целосно спротивставени ставови на власта и опозицијата, бидејќи тие различно ги читаат и толкуваат обврските од Договорот, и нивниот редослед во реализацијата. Во ВМРО-ДПМНЕ како главен услов од Договорот ги сметаат изборите закажани на 24-ти април и не ги споменуваат медиумските реформи и времето потребно за прочистување на Избирачкиот список, кои треба да бидат реализирани претходно.
„Суштината на Договорот од Пржино не е некој да стане технички министер без мандат од граѓаните, туку да се најде излез од политичката криза во која СДСМ ја втурна државата“, вели директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски.
„Излезот од таа криза е круната на Договорот, односно изборите кои треба да се одржат на 24-ти април. Граѓаните на Македонија очекуваат Договорот да биде реализиран и земјата да продолжи да чекори по патот на реформите. Секој обид да биде загрозена крајната цел на Договорот - изборите на 24-ти април, односно излегувањето од кризата, е загрозување на целокупниот Договор. Не беше дел од Договорот разорување на безбедносниот систем или системот на социјална заштита. Сепак, СДСМ во МВР внесе луѓе без еден ден искуство во полицијата и драстично го наруши системот на кариера граден во соработка со меѓународната заедница. Спротивно на законот унапредуваа луѓе блиски роднини на високи функционери на СДСМ, а без причина разрешија професионалци во кои со години е инвестирано од страна на меѓународните партнери“, вели Котевски.
Она што се повеќе се спомнува во партиските ешалони, е ставот дека ако нема избори на 24-ти април, освен што нема причина премиерот да се повлече од функцијата, туку и министрите на СДСМ ќе треба да ја напуштат Владата. Извесно е дека ВМРО -ДПМНЕ на еврокомесарот Хан ќе му го предочи незадоволство од одредени постапки на социјалдемократските министри и заменици - министри, како и сознанијата од истрагата за аферата „Фалсификувани лични карти“ и врските на дел од раководството на СДСМ со осомничените за фалсификувањето.


Решавање на системските слабости
Во опозициската СДСМ имаат дециден одговор на поставеното прашање.
„До овој момент не се исполнети условите за во април да имаме кредибилни избори“, велат од СДСМ.
„Не е почнато ни прочистување на Избирачкиот список, ни медиумските реформи. Тоа се двете теми за кои Македонија и досега постојано добиваше критики, како за крупни системски слабости. Не е логично и земјата да има толкав број на гласачи особено ако се има предвид колку од нив се иселиле од државата. Прочистување на избирачкиот список беше неопходно и без оглед на кризата и на сознанијата од 'бомбите' за изборни манипулации. Без решавање на овие прашања, разумен човек не може да очекува фер избори“, велат од СДСМ.
Според партијата, и годинава се повторува „однесувањето типично за ДПМНЕ, исто како на изборите и во 2011, и во 2013, и во 2014 година“.
„Од ДПМНЕ земаат обврска дека по изборите ќе ги решат овие прашања, но потоа ништо не прават. И така неколку изборни циклуси по ред. Сега го прават истото. Го влечкаат процесот за да нема време да се поправат тие системски слабости, а кога ќе им се спомне дека тоа не води кон фер избори, веднаш етикетираат - 'вие од СДСМ бегате од избори!' Тие сакаат избори, но без никакви промени претходно. Сите што сакаа фер избори на 24 април, се трудеа да ги испочитуваат роковите од Договорот. Оние кои не ги испочитуваа, беа ВМРО-ДПМНЕ. Ако овие прашања не се решат, многу јасно е дека нема да има никакви услови фер избори“, децидни се од СДСМ. Како аргумент ќе ги посочат и сознанијата за откриени лажни гласачи од Пустец на кои незаконски им биле издавани лични карти, чија конечна бројка ќе се знае по целосната проверка на списокот.
Од таму потенцираат и дека состојбата со медиумската сфера сега е полоша и од 2014 година. Како еден од примерите го посочуваат тоа што порталот „Курир“ и телевизиите “Сител“ и „Канал 5“ не биле подготвени да објават дури ни платен оглас од СДСМ.


Спорен резервниот датум

Од ДУИ официјално не одговорија на прашањето дали сметаат дека до овој момент се исполнети условите кои гарантираат дека Македонија на 24-ти април ќе има фер и регуларни избори, а од ДПА беа недостапни за коментар. Но, од партиски извори неофицијално дознаваме дека ДУИ по ова прашање ќе има ист став како коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ, а таква поддршка ќе стигне и од ДПА. Со тоа, во декларативниот став дека се исполнети условите за фер избори, соодносот на силите ќе биде „три против еден“. Никој не ги открива адутите како ќе го аргументираат тоа, со оглед дека не се започнати медиумските реформи и прочистувањето на Избирачкиот список. Во меѓувреме, се искомпликува и состојбата со составот на Државната изборна комисија, откако за Виолета Дума, избрана за член да ДИК по предлог на СДСМ, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утврди дека таа исполнува услови за старосна пензија. Комисијата донесе предлог-одлука за нејзино разрешување, за кое на пленарна седница треба да се гласа по божикните празници, а за да биде донесена одлуката потребно е двотретинско мнозинство. СДСМ, пак, побара од Комисијата да им овозможи увид на оригиналната факултетска диплома на членот на ДИК, Силвана Бонева, како и увид во документацијата за должината на нејзиното работно искуство по дипломирањето, кое е еден од основните услови за кандидирање и избор на член во ДИК. Со тоа, и една реализирана обврска, се враќа чекор назад.
Притоа, ниедна од партиите засега не сака да зборува дали одложувањето на изборите до резервниот датум - 26 јуни, кој неофицијално се спомнува, би овозможило доволно време за да ги реализираат сите обврски од Договорот. Но, неофицијално дознаваме дека партиите тој датум не го сметаат за најсоодветен, бидејќи се совпаѓа со почетокот на летните одмори и со сезоната на земјоделски активности, што може драматично да се одрази на одѕивот на гласачите. Според тоа, доколку воопшто се разговара за поместување на изборниот датум, најверојатно партиите ќе бараат тој да биде „нешто помеѓу“, односно најдоцна во првата декада на јуни.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми