1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Нови мерки за влез и излез од С. Македонија

ДТЗ
16 август 2021

За сите македонски и странски граѓани ќе се бара негативен ПЦР тест за коронавирус, доказ за прележаност или вакцинална потврда на граница.

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

За сите македонски и странски граѓани кои влегуваат и излегуваат од Северна Македонија, ќе се бара негативен ПЦР тест, доказ за прележаност или вакцинална потврда на граница. Ова е предлогот на Комисијата за заразни болести кој треба да биде разгледан од страна на Владата. Министерот за здравство Венко Филипче, најави дека утре ќе одлучува за овој предлог, како и за тоа од кога би важела оваа мерка.

Комисијата ја следи ситуацијата во Ковид-19 и се размислува да се ограничи работното време на локалите и да се редуцираат местата во јавниот превоз. Министерот најави дека Националниот комитет за имунизација ќе препорача трета доза вакцина за пациенти со имунокомпромитирачки болести. Со трета доза ќе бидат вакцинирани пациенти кои се на хронична дијализа и други категории со слаб имунитет.

-повеќе на темата: Индискиот сој ги врати стравувањата од нов есенски бран на Ковид-19

Со оглед на големиот број новозаразени, од денеска во функција за ковид пациенти се враќаат Монтажната болница до Инфективна клиника и Инфективното одделение во Градската општа болница „8 Септември“. Ќе има и тријажен центар на Институтот за туберколоза, а се планираат и два тријажни центри, најверојатно во поликлиниките „Јане Сандански“ и во „Ѓорче Петров“.

Венко ФилипчеФотографија: DW/P. Stojanovski

„Евидентно е дека расте бројот на нови случаи, се зголемува и бројот на пациенти на кои што им е потребна хоспитализација.  Најголем притисок има во болниците во Тетово и во Гостивар, во Струга исто така се засилува. Во Тетово се хоспитализирани 90 пациенти, во Гостивар 70 пациенти, нивните интерни инфективни одделнија се со исполнет капацитет и имаат простор за уште неколку дополнително делови од одделенијата. Болницата во Лешок е полна со пациенти на кои им е потребен прием и согласно на тоа, утрово направивме координација во однос на тоа каде да се праќаат пациентите“, рече Филипче.

Во однос на вакцинацијата во земјава, вакцинирано е 35 отсто од населението и околу 4.000 деца на возраст до 18 години. Филипче потенцираше дека во градовите каде има голем процент на вакцинирано население, како Охрид, Битола и Штип, нема притисок во болниците.

-повеќе на темата: Вакцини и мерки - алфа и омега против Делта!

Во однос на најавата на премиерот Зоран Заев дека земјата може да прими бегалци од Авганистан ако САД тоа го побараат, Филипче рече дека Владата ќе разговара за предлогот на здраствените власти, тие лица да одат во 14-дневен карантин и вакцинација.

Коментирајќи го вчерашниот антивакцинален протест, Филипче рече дека никој не е присилен да биде вакциниран. „Вакцините се безбедни. За 20 пати се намалува ризикот од смртен исход. Во иднина ќе има нови соеви и вака ќе се бориме и против нив. Во однос на протестот сум разочаран, Не слушнавме реторика или порака во однос на вакцините. За жал беше полн со навреди, закани и за здравствените работници кои ги ризикуваа животите за здравјето на пациентите и ги ризикуваат животите деноноќно. Верувам дека сепак пораката за безбедноста на вакцинацијата и важноста да се заштити јавното здравје како врвен приоритет ќе им биде јасна на граѓаните. Ќе побарам Лекарската комора да го осуди тоа што се случи на протестот“, вели министерот за здравство. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми