1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Комисија на последната шанса“

Кристоф Хаселбах / Превод: Жана Ацеска1 ноември 2014

Новата Европска комисија на чело со Жан-Клод Јункер ја презеде работата и цела Европа очекува значајни промени во однос на претходниците. Јункер е човек кој го разбира духот на промените, се надева Кристоф Хаселбах.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Жан-Клод Јункер е човек од старата европска школа: со децении е во политиката, на бриселската бина ги познава сите, неуморно работи на европската интеграција. Истовремено, тој е човек на компромис, кој своите демохристијански ставови за час може да ги поврзе со социјалдемократските или либералните позиции. Со други зборови, тој е вистински човек на бриселскиот систем. Тоа на многу европски влади посебно им се допаѓа. Но некои токму поради тоа го сметаат за непогоден. Сепак, изгледаше дека со Јункер барем знаеме на што сме, било кога се работи за добри или лоши прилики.

Многумина токму затоа се зачудија од новиот состав на Европската комисија, како од самите личности, така и од нејзината структура. Многу функции како да се доделени без оглед на вистинските квалификации на комесарите. Така, токму Французинот Пјер Московиси, кој како министер за финансии на својата земја ги прекрши правилата на Пактот за стабилност, станува еврокомесар за стопанство и монетарни прашања. Токму Британецот Џонатан Хил, интимусот на лондонскиот банкарски свет, треба да ги контролира европските финансиски пазари. Но, токму она што на многумина им изгледа како најлошо можно решение, се покажа како генијален шаховски потег. Зашто, секој во ЕУ ќе викне: „Фаул!“, штом се појави и најмал сомнеж дека некој од комесарите во ЕУ е „Тројански коњ“ на својата земја.

Заемна контрола

Освен тоа, новата структура би можела да донесе и одредена рамнотежа на силите во Комисијата. Зашто, освен стручните еврокомесари, тука се и седум потпретседатели со широко дефинирани ресори. Тие би требало да ја координираат работата на еврокомесарите. Ако стручниот комесар отиде предалеку, надлежниот комесар може да дувне во свирчето и да го врати назад. Навистина, може да се случи оваа структура со преклопување на надлежностите и хиерархиите да биде и хаотична. Допрва ќе се покаже дали новата организација на системот ќе му донесе и нова ефикасност или ќе го направи уште потром. Во секој случај, Јункер со својата нова Комисија знае дека не може безгрижно да ужива во едноставно бирократско егзистирање.

Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

Зашто, новиот претседател на Европската комисија можеби е растение од стариот систем, но не седи во кула од слонови коски. Јункер има чувство за длабоките политички и општествени промени кои се одразија и на резултатите од последните избори за Европскиот парламент. Во новиот Европарламент врие од пратеници кои сакаат да ја запрат или дури и да ја вратат европската интеграција. Граѓаните и‘ вртат грб на Европа и не знаат што да прават со европската идеја, немаат доверба во Брисел. Многумина Европа, посебно откако почна финансиската криза, ја поврзуваат со проблеми, а многу помалку со - шанси. Досегашниот претседател на ЕК, Жозе Мануел Барозо, на сите проблеми секогаш одговараше со формулата: „Повеќе Европа“. Можеби и беше во право, но на крајот сепак многу се оддалечи од општото расположение. Неговиот наследник својот тим го нарече „Комисија на последната шанса“. Таквата понизност е прв чекор кон подобрување.

Стар јаз меѓу Северот и Југот

Јункер сега сака да ја искористи шансата и Европа повторно да ја направи релевантна за младите луѓе. Најјасен знак за тоа треба да биде инвестициската програма од 300 милијарди евра, која тој сака да ја конкретизира уште пред Божик. Но, тука се крие и една стапица. Франција и Италија едвај чекаат повторно да трошат пари, овојпат од заедничката каса. А реформите - ги одлагаат. И новата Комисија веќе покажа великодушност кон овие земји кога се работи за почитување на критериумите на Пактот за стабилност. Токму таквиот став предизвикува недоверба кај земјите од северот, како Германија. Така и финансирањето на инвестицискиот пакет би можело повторно да доведе до распламтување на стариот спор меѓу Север и Југ, меѓу солидните и слабите.

Да не зборуваме притоа и за заканите од Велика Британија за истапување од ЕУ, што би било катастрофално за двете страни. И самиот тој проблем прилично ќе ја оптоварува Комисијата. Не, на Јункер и на неговиот тим не може да им се завидува на задачата за надминување на кризата, држењето на земјите во заедница, глобалното ангажирање на Европа. Голема разлика во однос на претходното време има во тоа што Европа веќе не е нешто што се разбира само по себе. Барозо бараше „повеќе Европа“, но она што стигна до граѓаните беше забраната на обичните сијалици. Комисијата на Јункер европската приказна ќе мора да ја раскажува - поинаку.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми