1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Недостатоците на патот „Струма“ не ја предизвикале несреќата

ДТЗ
30 ноември 2021

Обележувањето на патот, заштитните огради и дозволенатa брзина на движење се дел од проблемите кои се утврдени при увидот. Но, тие не го предизвикале запалувањето на автобусот.

Bulgarien | Busunfall
Фотографија: Valentina Petrova/AP Photo/picture alliance

На патот „Струма“ во Бугарија се утврдени серија недостатоци, но тие, според надлежните, не се причина за несреќата. Возачот на македонскиот автобус не возел брзо, а состојбата на патот е во добра состојба, оцени министерката за регионален развој на Бугарија, Виолета Комитова, која денеска ги презентираше резултатите од увидот на патниот правец Драгичево - Долна Дикања, каде се случи несреќата во која се запали автобус од Република Северна Македонија.

Увидот на делницата беше извршен откако беа констатирани проблеми во патната инфраструктура што можело да придонесе за кобната несреќа во која загинаа 45 лица.

Проблеми има со обележувањето на патот, кој не е завршен, како и со заштитните огради, кои не се заменети веќе 20 години според нови стандарди. Ова се само дел од регистрираните проблеми на коишто се посочува, како и дозволена брзина на коловозот, која првично била 90 километри на час, но од 2013 година е зголемена на 120 километри на час. 

На прес-конференцијата учествуваа и замениците министри Валентин Граматиков и Иван Шишков, шеф на Советот за национална безбедност, Влади Калинов и професор Божидар Јанев, кој предава на Универзитетот Колумбија и 30 години работи на полето на одржување на мостови во Њујорк.

Заштитна ограда

Министерката Комитова вели дека недостатоците во знаците и заштитната ограда не се причина за пожарот во автобусот. „Патот има долга историја. За жал жртвите не можеме да ги вратиме. Ова е невообичаена катастрофа. По магистралите сме виделе многу катастрофи, превртени камиони, но овде имаме пожар кој, според мене, е прва причина за толку загинати, кој не знаеме како настанал“, вели Комитова.

Министерката и архитектите по анализата веќе предложиле  поставување на светлечка сигнализација на сите места каде има места за одмор, заградени со заштитна оградаФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Заштитната ограда во која удри автобусот е според стандардите кои важеле во 2002 година, кога се реконструирал патот. Во 2021 година има нови норми за поставување на заштитната ограда, но тие важат за тие кои ќе се градат од 2021 година па во иднина. 

„Градежните стандарди се менуваат многу често“, објасни министерката Комитова. Таа наведе пример со стари згради кои не ги исполнуваат новите стандарди за земјотреси, што не значи дека треба да се урнат.

Брзина на движење

Увидот покажал дека брзината на движење по патот исто така не е причина за несреќата, иако тие предлагаат таа веднаш да се намали и да се ограничи на 90 километри на час. „Во 2002 година бил одобрен проектот. Реализираното е според проектот, разликата е минимална. Тој пат ‘де јуре’ не е автомагистрала, туку пат“, вели архитектот Владо Калинов.

Министерката и архитектите по анализата веќе предложиле  поставување на светлечка сигнализација на сите места каде има места за одмор, заградени со заштитна ограда. Тие предлагаат краткорочни и долгорочни мерки до бугарското Министерство за внатрешни работи. Во план е и поставување рефлектори на секои 10-12 метри во самата заштитна ограда, како и замена на опасните заштитни огради, но само во спротивна насока. 

„Имаме 11 институции за безбедност на патиштата. Не е ова оправдување. Ние се фокусиравме на делот кој ние можеме да го направиме, тоа е да се заврши маркирањето, да се поправи заштитната ограда и да ја намалиме брзината на патот од 120 на 90 километри на час“, вели Комитова.

Заштитната ограда што ја дели кривината од главниот пат ќе остане, но ќе биде од друг тип, објаснуваат од Министерството за регионален развој и јавни работи. „Што можеме да направиме годинава, ќе направиме“, децидни се надлежните во Бугарија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми