Компјутерски џин во Германија
6 октомври 2009
Кои се најчестите заболувања на човечкиот мозок? Какво е влијанието на почвата, биосферата и атмосферата врз климата? Ова е само дел од прашањата на кои научниците се обидуваат да најдат одговор во еден од најголемите научни центри во Европа, Јилих, што се наоѓа во близина на градот Ахен во Германија.
Научниот центар е комплекс од повеќе згради обиколени со шума, кој погледнат од воздух изгледа како своевиден остров. Во центарот Јилих работат 4.400 научници и научни соработници. Нивна основна цел е да бараат решенија за големи и важни општествени предизвици во областа на здравството, енергијата, животната околина и на информативната технологија. Тие испитуваат како нашите идни генерации да се обезбедат со еколошка, евтина и, пред сé, безбедна електрична енергија. Научниците за животна околина го набљудуваат влијанието на техничките процеси врз климата и животната околина и истражуваат како растенијата реагираат на променети климатски услови. Специјалистите од областа на наноелектрониката испитуваат и развиваат нови материјали и производни процеси за идните генерации компјутери.
Технологија на иднината
Несомнено е дека во речиси сите научни области работата е незамислива без компјутерска поддршка. А, токму по тоа е познат Јилих. Овде, имено, се наоѓа најбрзиот супер-компјутер во Европа наречен „Јуџин“. Тој е третиот најбрз компјутер во светот. Неговиот работен капацитет се мери во петафлопови што значи дека може да извршува една билијарда односно милион милијарди компјутерски операции во секунда. Само за споредба, за да се постигне тоа што може да го прави „Јуџин“, треба да работат околу 50.000 обични компјутери заедно.
Во халата од околу 1.000 квадратни метри, кадешто е сместен џиновскиот компјутер, е многу бучно. Не треба ни да чуди, бидејќи овде истовремено работат околу 300.000 компјутерски процесори, сместени во 72 кабини, каде постојано се ладат, за да не се прегрее компјутерот. Затоа и температурата во халата е секогаш околу 16 степени целзиусови. Секој процесор поединечно има меморија нешто поголема од онаа што ја имаме на домашниот копјутер, објаснува др. Норберт Атиг од компјутерскиот центар во Јилих: „Овие процесори имаат вкупна меморија од 6 петабајти. На вашиот домашен компјутер имате околу 300 гигабајти, или пак можеби неколку терабајти. Ова што ние го имаме е нешто поголемо. Меѓутоа, 6 петабајти не се доволни за нашата работа и затоа во моментов го прошируваме капацитетот на тој начин што имаме еден робот, односно дополнителен оф-лајн апарат, на кој се наоѓаат податоци за кои нема место во компјутерот. Роботот и процесорите се поврзани, и доколку корисникот има потреба од некои податоци, тие може веднаш да ги повика од оф-лајн апаратот.“
Компјутерски симулации во сите научни области
Со „Јуџин“ се пресметуваат најразлични работи од областа на нанотехнологијата, наноелектрониката, геолошките истражувања и инженерските истражувања. Од супер-компјутерот особено профитираат физичарите што ги истражуваат елементарните честички и астрономите. Доколку, на пример, сакаме да знаеме како настанале галаксиите, имаме можност тоа да го видиме во вид на компјутерска симулација. Со компјутерот се прават и различни симулации за климатските промени, како и за влијанието на загадувањето на воздухот врз климата. Секој научен институт во светот има можност да го користи „Јуџин“ за своите намени и експерименти, откако тоа ќе го одобри посебен одбор на институтот.
Освен „Јуџин“, најбрзиот компјутер во Европа, кој е инаку произведен од американската компанија „Ај-Би-Ем“, во Јилих се наоѓа и вториот најбрз компјутер „Јуропа“. Но, тој е од „домашно производство“ - компјутерскиот систем е развиен од научниците во центарот Јилих. По што друго тој се разликува од „Јуџин“, објаснува др.Атиг: „Јуропа“ се одликува со тоа што има различна архитектура од „Јуџин“. Во него се вградени релативно силни процесори. Има вкупно 17.000 процесори, а секој процесор има фреквенција од 2,93 гигахерци. Сите овие процесори можат да се користат паралелно. На овој компјутер работат апликации што на почетокот не користат повеќе од еден до две илјади процесори паралелно. Тие апликации, ние потоа ги прилагодуваме за да можат да се интегрираат во системот Јуџин.“
По истражувањето следува конкретна примена
Импозантни бројки, но што точно значи тоа во практиката и каде овие супер-компјутери наоѓаат примена? Др. Атиг наведува еден пример за тоа каде компјутерот конкретно се користи во медицината, имено, во процесот на изработка на пумпи за крв:
„Се работи за апарат што ја помага работата на срцето додека пациентот чека на трансплантација на ново срце. Со оглед на тоа што најчесто постојат долги листи на чекање, пумпата го продолжува животниот век на пациентите. Таа ја заменува функцијата на срцето и ја пумпа крвта во телото на пациентот. Во крвта се наоѓаат тромбоцити, а пумпата како и вообичаено работи со пропелер што всушност ја пумпа крвта во телото. Во зависност од тоа колку брзо се врти пропелерот и под кој агол се наместени неговите перки, можно е тој при вртењето да ги оштети тромбоцитите во крвта. За да не дојде до тоа, ние со помош на супер-компјутерот правиме симулации со кои се испитуваат ефектите на различни форми на пропелерите. Откако ќе се направат симулации на илјадници различни форми, на крајот се одбираат десетина со најдобри особини. Тие потоа морa да се испитаат во практична употреба кај пациентите“, објаснува др. Норберт Атиг.
Автор: Бисера Огњановска-Митров
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска