Конституиран парламентот, Хамас доби мандат да формира влада
18 февруари 2006Веќе оваа прва седница, отворена со свечено пеење на стихови од коранот, беше засенета од заострениот конфликт на новото парламентарно мнозинство со израелската влада. Пратениците од појасот на Газа не можеа да учествуваат на седницата, и беа вклучени со видео-врска. Во Газа остана и Исмаил Ханија, кој според предвидувањата треба да биде иден премиер. Израелската армија рано изутрината во голема мера го отсече Рамалах од другиот дел на светот и постави блокади на патиштата за да ги спречи членовите на радикалното исламистичко движење Хамас да стигнат во градот. Но, најголемиот дел од избраните пратеници беа пристигнати веќе пред неколку денови, така што салата беше добро исполнета кога одекна палестинската национална химна.
Пратениците положија колективна заклетва; од 132-ца, 74 се од Хамас, 45 од движењето Фатах, останатите главно од 4 помали партии. 13-мина од избраните пратеници и натаму се наоѓаат во затвор во Израел, меѓу нив и Марван Баргути, кој беше врвен кандидат на Фатах, а е осуден на пет казни доживотен затвор поради учество во терористички акти против Израел.
Хамас има апсолутно мнозинство, па претседателот на Палестинците Махмуд Абас во говорот со кој ја отвори седницата му додели мандат за формирање влада. Според палестинскиот закон, тоа треба да уследи во рок од три, до најмногу пет недели. Израелската влада, пак, најави дека ќе воведе санкции против Палестинците откако новоизбраниот парламент ќе положи заклетва. Списокот од мерки, за кои решение треба да биде донесено утре, е подготвен – предвидено е покрај другото на автономните власти да им се запре дотурот на пари од данокот.