1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Контраофанзива на Исламска држава во Сирија

ЖА / агенции
25 јули 2018

Во повеќе експлозии во и околу градот Ал-Свеида во Сирија се убиени преку 70 луѓе. Одговорна за координираните самоубиствени напади е терористичката милиција Исламска држава.

Syrien Anschlag in Sweida
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/SANA

Сириската државна новинска агенција Сана јавува дека борците на терористичката милиција Исламска држава се обиделе да го нападнат градот Ал-Свеида. Еден атентатор-самоубиец се разнесол во воздух на пазар, а на безбедносните сили им успеало да убијат уште двајца други мажи пред да можат да го активираат експлозивот на себе.

Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека вкупно четворица напаѓачи требало да ги активираат експлозивните појаси. Еден жител на Ал-Свеида сведочи за избивање паника во градот, други пак јавуваат за експлозии кои ја потресле целата област.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон тврди дека истовремено со координираните напади во Ал Свеида, Исламска држава ставила под своја контрола повеќе села во околината. Портпаролот на Опсерваторијата, Рами Абдел Рахман изјави дека во нападите загинале вкупно 32 војници на страната на сириската влада, 22 цивили и 21 припадник на ИД. Организацијата со седиште во Лондон располага со раширена мрежа информанти во од граѓанската војна потресуваната Сирија, но нејзините наводи не можат да се потврдат од независни извори. Сириските државни медиуми јавуваат за загинати и ранети во Ал-Свеида и околните села, но без да наведуваат бројки.

Сириската армија и нејзините сојузници, првенствено Русија, во минатите недели во голем дел ја презедоа контролата врз јужниот дел од земјата, каде сѐуште водат борби со огранок на ИД, кој ја контролира областа кон границата со Голанската Висорамнина, окупирана од Израел.  ИД целосно ја загуби контролата на големи делови од сириската територија,  кои претходно беа во нејзини раце, но уште е активна во одделни места. Според Сана, нападите на ИД врз Ал-Свеида се обид за намалување на притисокот врз последните преостанати борци на ИД во зафрлените делови западно од Дара, на кои неминовно им се заканува пораз.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми