1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроверзи околу филм за антисемитизам

Надин Војчик
15 јуни 2017

Германско-француската телевизија „Арте“ одби да емитува еден документарен филм за антисемтизам. Булеварскиот весник „Билд“ го стави филмот онлајн за период од 24 часа.

Symbolbild Mann mit Kippa
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Ossinger

Со тоа весникот „Билд“ презема правен ризик, зашто правата за премиерно емитување ги има „Арте“, која и дала налог за снимање на филмот. „Борбата против антисемитизмот во Германија е од извонредно голем интерес“, ја образлага првиот човек на главното уредништво на „Билд“, Јулијан Рајхелт, одлуката за ставање на 90-минутниот документарен филм онлајн на 13 јуни, а за период од 24 часа. Булеварскиот весник сака на тој начин граѓаните сами да си изградат мислење за филмот.

„Избрани и издвоени - омразата кон Евреите во Европа“ е налогот кој од „Арте“ преку „ВДР“ стигнал до продуцентот Јоахим Шредер. Авторот во 2013. година за „АРД“ веќе има снимано филм со наслов „Антисемитизмот денес - колку Германија е непријателски настроена кон Евреите?“ Неговиот проект за антисемитизмот во Европа е одобрен од страна на Програмската конференција на „Арте“ во 2015 година, а филмот има добиено „виза“ од надлежната уредничка во „ВДР“, Сабине Ролберг, во декември 2016. година, по што филмот му е доставен на „Арте“.

Но, програмскиот директор на „Арте“, Алан Ле Дибердер, одбива да даде дозвола за емитување на филмот. Причина: филмот, како што се вели, премногу отстапувал од нарачаниот концепт. Темата требало да биде третирана во повеќе европски земји, а филмот се ограничувал само на Германија, Франција и Блискиот Исток.

Продуцентот и режисер, е во потрага по одговори заедно со коавторката Софи Хафнер - кај десницата, како и на Антифа-демонстрациите во Германија, кај пратеници во Бундестагот, кај невладини организации во Газа и Рамала кои се наводно непријателски настроени кон Израел, во париското предградие Сарсел, каде има голема еврејска заедница.

Со делумно саркастичен призвук и подвлечено со електронска музика, Шредер, меѓу другото, критикува што се злоупотребувала европска финансиска помош за политика која е непријателска кон Израел, што и Антифа и десните јавно прокламираат антисемитистичка идеологија како да е тоа нешто што се подразбира само по себе, или објаснува колку загрозени се чувствуваат Евреите во Франција.

Широка дебата

Во соопштение за медиумите телевизијата „ВДР“ објаснува: „Жалиме што редакцискиот преглед во ВДР очигледно не ги исполнил вообичаените стандарди кои важат во нашата куќа.“ Дневниот весник „ТАЦ“, кој исто така го имаше филмот на увид, смета дека ваквата аргументација е неуверлива, затоа што се работи за професионалци, а особено уредничката која била задолжена да даде зелено светло - Сабине Ролберг, која има многугодишно искуство. „Што навистина има Келнската хиерархија против филмот?“, гласи прашањето во текстот на „ТАЦ“.

Историчари, како Михаел Волфзон и Гец Али го пофалија документарниот филм и го осудија одбивањето за негово емитување. „Работата смрди до небо“, напиша Али во „Берлинер цајтунг“ и го обвини „Арте“ за цензура. Слично аргументираше и претседателката на Израелската културна заедница во Баварија, Шарлоте Кноблаух, која ѝ напиша писмо на „Арте“, во кое оцени дека телевизијата е на „опасен погрешен пат“. Таа изрази надеж дека на „Арте“ ѝ е важно „расветлувањето на феноменот антисемитизам во Европа“ и затоа моли за неодложно емитување на филмот.

И продуцентот и режисер упати тешки обвиненија на сметка на телевизијата. Весникот „Велт“ го цитира Јоахим Шредер, кој вели дека причините за неемитување на филмот кои се изнесени „се користат како изговор за да не се прикаже филмот“. Тој вели дека уште од почетокот имало „голем отпор“ кон филмскиот проект.

Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Rothermel

Сите против „Арте“?

Односот кон документарниот филм предизвика голема дебата. Филмот доби пофалби како од експертот за исламизам, Ахмад Мансур, кој ја придружуваше и продукцијата, така и од повеќе регионални ограноци на деснопопулистичката партија АфД.

Коментаторите на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), на „Тагесшпигел“ , на „Келнер Штатанцајгер“ и на „ТАЦ“ му дадоа поддршка на авторот на филмот. Така, на пример, „ФАЦ“ ја критикува аргументацијата на телевизијата: „Оваа 'урамнотеженост' ни изгледа исклучително лицемерна. Ние тоа би го нарекле поинаку: кукавичлук. Тоа е плашливост за соочување со растечкиот антисемитизам кој допира во корените на германското и на француското општество.“

Многу Твитер-корисници се согласуваат со критиките: „Благодариме #BILD! Тоа е храбро, консеквентно и достоинствено. Новинарството + медиумите се обврзани да објавуваат и некомотни вистини!“

„Арте“ останува при одлуката

Телевизијата која ги поседува правата за премиерно емитување на филмот смета дека постапката на весникот „Билд“ е „чудна“, но очигледно не размислува за тужба. Во соопштение на „Арте“ се вели дека таа „нема против јавноста да си создаде свое мислење за филмот“.

Сепак, телевизијата останува при својата одлука - филмот и натаму нема да се емитува. „Инсинуацијата дека филмот од политички причини не одговара на програмата е едноставно апсурдна. Програмскиот предлог, прифатен од страна на Програмската конференција, предвидува третман на темата антиземитизам скриен под плаштот на критиката кон Израел - соодветно на уредничката линија на 'Арте' како европски медиум, но не на Блиски Исток, туку во Европа.“

Дали „ВДР“, која исто така го придружуваше проектот, и натаму нема да го прикажува филмот, сѐ уште не е разјаснето.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми