1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контролирана независност на Косово-најмало од сите зла

Нада Штајнман28 март 2007

Интервју со д-р Улф Брунбауер,приватен доцент и асистент на Слободниот универзитет во Берлин,на Институтот за Источна Европа,кое го води Нада Штајнман

Косово би ја променило констелацијата во регионот
Косово би ја променило констелацијата во регионотФотографија: picture-alliance/dpa

Специјалниот пратеник на ОН Марти Ахтисари на Советот за безбедност му го достави својот план за Косово.Сега Советот треба да одлучува.Како што знаеме планот предвидува независност на Косово од Србија.Што значи тоа?Дали ќе има две албански држави во регионот?

Да,се укажува на тоа дека во регионот ќе има две албански држави.Во основа,прашањето со Косово за регионот е нова ситуација.Било какво решение би ги налутило или косовските Албанци или од друга страна Србите и би водело кон нови напнатости.Како што се чини,меѓународната зедница или голем дел од неа е на мислење дека најмал проблем би бил условна независност на Косово под надзор на меѓународната заедница.

Што се случува сега,дали се менува политичката карта на Балканот?

Да,тоа ќе претставува големо менување на констелацијата на просторот на поранешна Југославија и воопшто во цела Југоисточна Европа.Од една страна,веројатно ќе постои нова држава,што претставува голема промена само по себе,а за првпат на просторите на бивша Југославија една покраина,значи,не поранешна република,ќе стане независна држава.Во оваа смисла со ова решение веројатно нема да биде практикиван стариот принцип на меѓународната заедница да не се менуваат државните граници.А како што знаеме прашањето со Косово е многу тесно поврзано со натамошниот развој на Македонија,на Србија,но и со натамошниот развој на албанската држава,така што ќе се создаде динамика чии резултати е тешко да се предвидат.Она што може да се очекува е се разбира големи реакции од страна на Србија.Заменикот претседател на Српската радикална партија веќе најави дека Србија нема без борба да дозволи Косово да се оддели.Тоа се разбира е политичка реторика,но мораме да имаме во предвид дека дел од Косово,северниот,е населен со Срби и де факто се наоѓа надвор од контролата на косовската влада и не е предвидливо како влада на независно Косово би можела да ја етаблира таму контролата.Оттаму,постои потенцијал за насилни конфликти,кои е можно да ги вовлечат и соседните држави,како Македонија,каде односите меѓу македонското мнозинско и албанското малцинско население не се непроблематични.

Што би значело тоа за Македонија,дали таа е доведена во прашање како држава?

Не,непосредно не,Македонија се наоѓа во навистина тешка ситуација,зашто за неа постојат проблеми и при независно Косово и ако тоа не е независно.Генерално,Македонија мора да има интерес од стабилност во регионот,а се чеини дека прогласувањето независно Косово е можеби подобро отколку сегашната ситуација.Од друга страна,не се знае како ќе реагира албанското малцинство на независноста на Косово.Непосредно,се чини дека Македонија не е доведена во прашање,но тешко е да се предвиди среднорочниот и долгорочниот развој.Во меѓувреме на Косово постојат и радикални струења кои бараат голема Албанија.

На Балканот се шири страв од голема Албанија.Посебно Грците во последниве месеци стравуваат од евентуални промени на границите.Дали се тие стравови оправдани?

Оваа опасност не треба да биде посматрана како актуелна,но не се знае како ќе се одвива ситуацијата во следните децении.Во основа,сега на потег е ЕУ.Јасно е дека само интеграцијата на регионот,интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ,навистина би можела да обезбеди подолгорочен мир,а таа интеграција би требало да се случи брзо,кога велам брзо,мислам на следните години,а не следните децении.Ако не псотои европска перспектива за засегнатите држави и за народите во регионот,тогаш на иднината треба да гледаме песимистички.Во тој случај може да се појави опасност од голема Албанија,во секој случај да стане барем политички проект.Јас лично не верувам дека тоа ќе стане реалност,затоа што владата и политичката елита на Албанија воопшто не се заинтересирани за тоа.

Велите дека историјата се манипулира и таа се креира според потребите на актуелната политика. Ако се навратиме на историјата,од кога се зголеми рапидно бројот на Албанците и тие станаа мнозински народ на Косово?

Тешко е точно да се каже,зашто токму етничките и демократските структури на Косово се различно интерпретирани,еднострано од страна на српските од една и албанските историчари од друга страна.Релевантен е во основа историскиот период кога Косово станало српско,говорам за нова српска држава,не за средновековна.Тогаш кога српските трупи во првата балканска војна го освоиле,а претходно било под османлиско владеење,тогаш веројатно мнозинското население било османлиско.Во таа смисла не постои во поновата историја ниеден момент каде човек може да каже дека Косово станало дел од Србија по демократски пат.Тоа било освоено од српските трупи,без согласност на тогашното население,кое тогаш се сметало себеси повеќе за муслиманско отколку за албанско.

Српскиот претседател Борис Тадиќ одбива одделување на Косово од матичната држава.Зошто Србите гледаат на Косово како на дел од сопствената држава?

Тоа е силно поврзано со митовите за Косово,со битката на Косово поле 1389 година,која за српската национална митологија има извонредно значење,поразот на српските трупи против Османлиите.Втор важен фактор е што во средновековната српска држава,која опфаќала голем дел од Балканот,Косово претставувало една од централните провинции,така што таму има многу културни споменици од српската религиозна традиција,цркви,манастири,објекти.Откога постои независна српска држава од 19 век,овие косовски митови се присутни и повторувани како дел од српската национална култура.

Ако ја погледнеме поновата историја,како е третирано косовското прашање во времето на Титова Југославија?

Се работи за најинтересниот развој кој во извесна смисла е клучен за денешната ситуација.Косово непосредно по етаблирањето на Титова Југославија стана автономна покраина како дел од Србија,но до крајот на 60-те години таа автономија всушност беше само на хартија и постоеше силен политички притисок врз косовските Албанци.Не смее да се заборави дека Албанија и Југославија по 1948 година се наоѓаа во длабоко непријателство,дека од одредени политичари предводени од тогашниот министер за внатрешни работи Ранковиќ,косовските Албанци беа сметани како потенцијална петта колона на Албанија и на Советскиот сојуз.Кон крајот на 60-те години,ситуацијата се промени,а во 1974 година со новиот устав двете покраини Косово и Војводина добија широки автономни права,беа речиси изедначени со републиките,со мали разлики,а до крајот на 80-те косовските Албанци можеа самите да го управуваат политичкиот живот на својата покраина.Имаа доминантна позиција во државните институции таму.

До кога Србите беа мнозинство на Косово?

Тоа е навистина тешко да се каже,во основа ова прашање речиси не може да се одговори.Во смисла на постоење свест за припаѓање кон одредена нација,кај Србите и кај Албанците за тоа може да се зборува во 19 и 20 век.Односно,побрзо би рекле дека може да се зборува за муслимани и за христијани.Претпоставувам дека поточни бројки не можат да се најдат,но најмалку до 17 век постоело веројатно христијанско мнозинство во овој регион,православно христијанско мнозинство.

Каква улога игра Русија и какви интереси застапува?

Ова е се разбира многу важно прашање.Русија во основа заради свои интереси не сака промена на државните граници.Историски,Русија се чувствува во извесна мерка како пријателска држава со Србија.Иако,овие заеднички словенски корени,православието и т.н. во реалната политика,а претседателот Путин води реална политика,не играат улога.За Русија е важно од една страна да не ги оптоварува односите со западните сили.Руското раководство знае дека вето во Советот за безбедност веројатно не би водело до поинаква ситуација,тоа беше покажано и при интервенцијата на НАТО во 1999 година,кога Русија беше само тигар од хартија.Но,од друга страна Русија не е подготвена да се согласи на создавање нова држава од сегашните делови на Србија.Затоа веројатно ќе биде тешко да се најде консензус во Советот за безбедност.Но,како што е често случај во дипломатијата,може да се претпостави дека ќе дојде до меѓусебни зделки при што интересите на засегнатите не се од клучно значење.

Дали предвиденото решение за Ксоово го сметате за добро?Дали според Ваше мислење ќе доведе до стабилност?

Да донесе стабилност,тешко е да се рече,било кое решение кое би било најдено сега не би водело веројатно непосредно кон стабилност.Но,постојат лоши и уште полоши решенија,а контролирана независнсот на Косово е веројатно најдоброто од лошите решенија и единствено реално,зашто не треба да се случи да дојде до насилни акции на Албанците на Косово.

Дали тоа значи легитимирање на насилството заради спроведување политички одлуки?

Бланко дозвола не,но тоа е се разбира трагична лекција која овде ја научивме,за жал не за првпат,дека во меѓународната политика насилството се исплати.Тоа е грешка која започна во 1999 година со интервенцијата на НАТО,што беше испровоцирано од УЧК,со што западна Европа и САД се доведоа во ситуација од која во моментов нема други решенија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми