1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

ВМРО-ДПМНЕ бараше вонредна состојба, сега ја оспорува

1 октомври 2020

Уставниот суд ја потврди уставноста на одлуките за вонредна состојба што ги донесе претседателот Пендаровски, потсетуваат од неговиот Кабинет, откако опозицијата отпосле им најде забелешки на одлуките

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Петте одлуки на претседателот на државата за прогласување вонредна состојба, кои со двотретинско мнозинство треба да бидат потврдени од Собранието, ги доведе во прашање опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, соопшти дека тие ќе гласаат против одлуките за вонредна состојба, од три причини.

„Прво, одлуките за вонредна состојба беа донесени за подобро справување со пандемијата, а денес имаме многу полоши состојби. Втората основа за овие одлуки беше справување со економските последици од пандемијата, а денес имаме драстично влошување на економските состојби. Трето, двете основи за одлуките за вонредна состојба - справување со пандемијата и помош на економијата, Владата ги злоупотреби. Наместо да носи мерки посветени на овие теми, носеше уредби со законска сила кои беа злоупотребени за изборен поткуп или за менување на Изборен законик во 5 до 12, или за лиценци за марихуана, за брусење дијаманти и слично. Потврда дека ваквите одлуки за вонредна состојба беа злоупотребени од Владата е и фактот што Уставниот суд поништи десетина уредби донесени од владата во тој момент“, рече Милошоски.

Фотографија: Petr Stojanovski

Ако се има предвид дека Уставниот суд ја потврди уставноста на одлуките на шефот на државата, прашањето е со кого се пресметува опозициската партија - со претседателот или со Владата? Дотолку повеќе, што токму лидерот на ВМРО- ДПМНЕ на 18-ти март годинава се заложи за прогласување вонредна состојба. 

„Поради итноста и алармантноста на состојбите на терен, но и неопходноста да им се помогне на граѓаните, апелирам денес до претседателот Пендаровски да прогласи според Уставот вонредна состојба во Македонија, час поскоро. Да не се губи драгоцено време. Поважно од тоа дали е вонредна или кризна состојба, е тоа мерките и помошта да стигне до граѓаните“, рече Мицкоски на 18 март.

По свадба -тапани

Така беше пред седум месеци. Запрашани за коментар за сегашниот став на ВМРО-ДПМНЕ, од Кабинетот на шефот на државата потсетуваат поради кои причини беа донесени петте одлуки за вонредна состојба.

„Претседателот Пендаровски ги донесе одлуките за прогласување на вонредна состојба во врска со пандемијата на КОВИД-19 во согласност со Уставот, врз основа на образложени предлози од Владата во кои беа наведени фактичките услови за нивното донесување, а Собранието беше распуштено.  Дополнително, се одржуваа и тематски седници на Советот за безбедност, а во два случаи и средби на претседателите на политичките партии коишто самостојно освоиле мандати на последните парламентарни избори, на коишто се изгради недвосмислен политички консензус за прогласување на вонредна состојба. Посебно сакаме да нагласиме дека Уставниот суд ја потврди уставноста на одлуките што ги донесе претседателот Пендаровски. Потврдувањето на одлуките за постоење на вонредна состојба е во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија“, ни одговорија од Кабинетот на претседателот.  

Фотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Како што е познато, Уставот предвидува дека ако Собранието не може да се состане, одлука за вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе биде во можност да се состане. Според поранешната министерка за правда, Рената Дескоска, по завршувањето на вонредната состојба, одлучувањето на Собранието е беспредметно и личи како „по свадба - тапани“.

Повеќе:

-Заврши вонредната состојба, утре почнува кампањата

-Правен галиматијас пред истекот на вонредната состојба

-Коронавирус: Пендаровски прогласи вонредна состојба

„Целта на оваа одредба е Собранието да одлучи за траењето на вонредната состојба прогласена од претседателот- дали истата треба да продолжи или да биде прекината. Одлучување на Собранието за потврдување на одлуките на претседателот за прогласување вонредна состојба има логика само додека трае вонредната состојба. Правните норми треба да предизвикуваат правни последици, да имаат правен ефект, а ова одлучување во Собранието не би имало никаков правен ефект по однос на донесените одлуки - бидејќи тие престанале. Ниту пак непотврдувањето на одлуките би значеле постапка за одговорност на претседателот. Несомнено е дека претседателот бил обврзан да ги прати на потврда на Собранието своите одлуки, но Собранието не треба да почнува беспредметни постапки“, напиша Дескоска на Фејсбук.

Според неа, целокупната ситуација околку вонредната состојба покажала дека уставните одредби се многу скромни, често недоречени и непрецизни, што нужно ја наметнува потребата од итно носење на Закон за воена и вонредна состојба кој ќе ги реши отворените прашања. Таа смета и дека е неопходна измена на Законот за Влада, кој внесе дополнителна конфузија околу уредбите со законска сила. 

Хронологија и факти

Претседателот на Собранието на 18.3.2020 година достави известување до претседателот на државата, дека „согласно со одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, не може да свика седница на која ќе се разгледа предлогот за утврдување на вонредна состојба поднесен од Владата“. Поради таквата состојба, единствен надлежен за донесување на одлука за утврдување на вонредна состојба беше претседателот на државата (чл.125 и 126 од Уставот).

Во периодот од 18 март до 15 јуни 2020 година, претседателот донесе пет одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба, заради спречување на внесување, ширење и справување со Ковид -19. Првите две одлуки беа донесени за период од 30 дена, вторите две за период од 14 дена, а петтата одлука беше донесена за период од 8 дена. Меѓу сите одлуки има континуитет, односно нема прекин во течењето на вонредната состојба, освен со петтата вонредна состојба каде што се создаде пауза од еден ден, предизвикана од политичките несогласувања меѓу партиите за датумот на предвремените парламентарни избори. Сите одлуки беа донесени врз основа на претходни образложени предлози на Владата. На секоја одлука (освен на петтата) ѝ претходеше седница на Советот за безбедност, на која се разгледуваа мерките преземени од Владата за време на вонредната состојба, тековната состојба со епидемијата и потребата за утврдување на нова вонредна состојба.

Пред утврдувањето на првата вонредна состојба, имаше лидерска средба на која што се изгради политички консензус за потребата од вонредна состојба, а на посебна експертска средба на правници, се дискутираше за начинот на одложување на веќе закажаните предвремени парламентарни избори. Во четири одлуки за утврдување на вонредна состојба, таа се утврдува „заради заштита и справување со последиците од ширењето на Корона вирусот COVID-19“. Во петтата одлука се утврдува постоење на вонредна состојба „заради подготовка и спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието, со мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија на Ковид-19“.

Иницијативи до Уставниот суд

Вонредната состојба не беше продолжувана, туку со секоја нова одлука одново се воведуваше вонредна состојба. Со тоа се создаваше нова правна ситуација врз основа на нова фактичка ситуација, која со ширењето и последиците од пандемијата постојано се менуваше.

Партијата Левица поднесе иницијатива за оценување на уставноста на втората одлука за утврдување на вонредна состојба, со барање за изрекување и времена мерка. Партијата тврдеше дека втората одлука на претседателот е неуставна бидејќи „од иста фактичка и правна ситуација не може да се продуцираат две одделни вонредни состојби“, каква што, според партијата, била втората одлука. Партијата бараше поништување на втората одлука во целина. Уставниот суд на 12 мај 2020 година донесе Решение да не поведе постапка за оценување на уставноста на втората одлука, односно ја отфрли иницијативата на Левица.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во образложението на Решението, Уставниот суд заклучи дека „Уставот не ограничува, ниту тоа е можно, колку пати ќе биде прогласена вонредна состојба, доколку надлежните органи – Собранието или претседателот на Републиката, проценат дека се исполнети условите и потребата за нејзино прогласување“.

Во однос на петтата одлука, одделни иницијативи за поведување на постапка за оценување на нејзината уставност поднесоа Светскиот македонски конгрес и еден граѓанин. Уставниот суд на 8 јули 2020 година донесе Решение со кое ги отфрли и овие иницијативи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми