1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Концентричните кругови на Виктор Орбан

9 мај 2020

Според извештајот „Држави во транзиција“ Унгарија доживеа стрмоглав пад и од предводник во демократијата сега е рангирана како хибриден режим. Сепак, многумина во регионот во Орбан гледаат лидер што треба да се следи.

Ungarn Budapest Parlament | Viktor Orban, Ministerpräsident
Фотографија: picture-alliance/AP Photos/MTI/T. Kovacs

Вмровскиот крал во егзил, Никола Груевски, пишува историски ламентации за одбрана на Македонците и македонската национална кауза. Како и секој крал во егзил, тој треба да биде снабдуван со информации и документи за борбата што се води во неговата напуштена татковина за да биде во тек со настаните за кога ќе се врати да прогласи триумф. Тој сигурно не избега во ноќта со историски материјали во бегалскиот куфер и поминуваше редица граници за кога ќе се скраси во Будимпешта да ја почне научната работа за историјата на партијата и историјата на земјата. Логично е сите факсимили, страници од книги, извештаи на ЦИА, да пристигнуваат од Скопје за да може кралот „у време доколице“ да ја проучува историската борба на неговиот народ. И да ја осудува експанзионистичката и негаторска политика на Бугарија.

Во исто тоа „време доколице“ Груевски, меѓу двата чаја додека ги пишува ламентациите, може да прочита како неговите љубезни и издашни домаќини, кои му го обезбедија егзилот, го поттикнуваат експанзионизмот и копнежот по времињата кои исчезнаа пред точно сто години. Груевски можеше да ја прочита Фејсбук пораката на неговиот голем пријател и мецена, Виктор Орбан, која тој пред некој ден им ја испрати на унгарските ученици кои се подготвуваат за матура, заедно со глобус на кој е прикажана мапата на „Голема Унгарија“ пред Тријанонскиот договор од 1920 година. На таа мапа (иако историски не е најточна за тоа време) огромни делови од Хрватска и Романија, а помали од Словенија, Словачка и Србија, се прикажуваат како дел од унгарската држава, која тогаш беше дел од Австро-Унгарија. 

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Што објави „Њујорк тајмс“ за ослободувањето на Пиринска Македонија од Ванчо Михајлов

-Автократите ја сакаат пандемијата

-Политиката се врати

Можеби Груевски уште не научил да чита на унгарски, но можеше едната реченица на Орбан да ја прочита и на српски или хрватски – регионот се крена на нозе по овие експанзионистички пораки. Иако на Орбан не му е прв пат да претставува карта на Унгарија пред Првата светска војна во рамките на заедничка австроунгарска империја. Во таа војна Австро-Унгарија беше поразена, многувековната империја се распадна, Австрија територијално се сведе на „државичка“, а Унгарија загуби две третини од својата територија. Австрија живее со таа историска последица, но Унгарија не може да ја заборави „големината“. Можеби тој копнеж за „големината“ на Унгарија новиот жител на Будимпешта, Груевски, го потсетува на копнежот на „големината“ на санстефанска Бугарија. Еден миг од пред 150 години кој исчезна за неколку месеци. Но непријатно е да им се забележува на домаќините за нивниот копнеж, но може на оние во Софија за бугарскиот копнеж.

Одговорот на Милановиќ

Не само Груевски, туку и многумина овде, во Македонија, можеа да го прочитаат уметничкиот одговор на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој на извонреден начин одбра да возврати на провокативниот гест на Виктор Орбан. Милановиќ во четвртокот (ден по пораката на Орбан) ги повика матурантите во хрватските училишта да не објавуваат стари карти што ја прават Хрватска да изгледа поголема отколку што е сега. Овој одговор може да стане и некаков вид образец со разни варијации во регионот за митовите од минатото, за секоја држава подеднакво. Еве што напиша Милановиќ:

„По повод картата/глобус на која се гледа хипертрофираната Унгарија, инаку наша соседна и во поновата историја, пријателска земја, која моментно е во цврст стисок на хронични ‘картомани’, моја порака за охрабрување до хрватските ученици пред матурата: Хрватска е модерна европска држава и нација. Во нашите плакари и архиви има бројни историски карти и мапи кои ја покажуваат нашата татковина многу поголема отколку што е денес. Плакарите на повеќето европски земји кријат слични содржини. Немојте да ги ‘шерувате’ и да ги ставате на вашите профили. Денес тие воопшто не се актуелни или остварливи, а, уште поважно, бескрајно ги иритираат вашите соседи. Отприлика онака како што нас нѐ иритираат, но и секогаш одново нѐ зачудуваат ‘историските’ карти кои како мречен фетиш пригодно и предвидливо излегуваат од страниците на некои ‘водачи’ во соседството. Ова се провокации на оние кои многу добро знаат дека овие карти и натаму ќе останат само во плакарите. Учете од историјата, но гледајте во иднината“.

Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Ова е навистина ингениозна порака за иднината за младите луѓе во регионот. Можеби Груевски ја прочитал оваа порака на Милановиќ и ги подгризнал усните, помислувајќи на соништата за минатото на неговите домаќини. А можеби ги подгризнал устите пред три недели кога десетици и десетици европски интелектуалци и политичари напишаа отворено писмо во кое предупредуваат на погубната политика која ја води неговиот домаќин, Виктор Орбан. Во него тие велат дека унгарската борба против пандемијата на Ковид-19 го контаминираше целиот проект на Европската унија со исвојувањето на законот со кој се суспендира парламентот и на владата ѝ се дава моќ без временско ограничување да владее со декрети. „Ситуацијата во Унгарија е резултат на десетгодишното кокетирање со авторитаризмот, што е голема опасност за целата ЕУ... Апелираме до граѓаните на ЕУ она што се случува во Унгарија да го доживеат како внатрешна, а не надворешна закана кон нашата заедничка цел. Дојде часот да се обединиме во заедничка борба. Она што сега е ставено на коцка не е само нашето здравје, туку и нашите идеали и опстанокот на ЕУ и демократскиот процес“, пишува, меѓудругото, во отвореното писмо. Под него се потпишани личности како Жан-Клод Јункер, Ги Верховштат, Карл Билт, Славој Жижек, Уфе Елеман-Јенсен, Бернар-Анри Леви, Твртко Јаковина, Александар Квашњевски, Сесилија Малстром, Маргот Валстром, Ласло Андор... и уште многу други. Кој знае, може ова писмо не му се видело интересно на Груевски и оние што го наследија во неговата партија овде во Македонија. Можеби повеќе ги заинтересира едно друго писмо, она на Виктор Орбан до лидерите на политичката групација на Европската народна партија (ЕПП). Во него тој ја обвинува ЕПП за ширење лажни вести околу законот за корона вирусот. И Груевски и ВМРО-ДПМНЕ гледаат во партијата на Орбан, Фидес, како модел што треба да се следи во развојот и владеењето со државата, а во ЕПП незаменливо европско семејство. Но, ете, таму се ширеле лажни вести. Неговите наследници овде неколкупати се сретнаа со Орбан (последниот пат на почетокот на март) за да разговараат „за соработката во рамките на ЕПП“. На Фидес уште од март 2019 година ѝ е замрзнато членството во ЕПП, а неодамна петнаесетина партиски лидери во групацијата побараа писмено таа конечно да се исклучи од Европската народна партија. „Тоа е најциничното нешто што сум го искусил, затоа што владата, која беше цел, очајно се бореше за спасување на човечки животи“, им напиша Орбан на лидерите на ЕПП. Орбан додаде дека „европратениците испаднале смешни, како и институцијата на која ѝ припаѓаат“ со „цитирање на некои од овие лаги“ осврнувајќи се на резолуцијата на Европскиот парламент со која се осудува законот за корона вирусот на Унгарија.       

Имитација на демократија

Но, можеби ни ова не го заинтересирало премногу, туку фокусот го насочил на неодамнешниот судир на Унгарија и Романија околу автономијата на Унгарците кои живеат во покраината Секелифолд во рамките на регионот Трансилванија. Партијата на унгарското малцинство побара да се прогласи автономија со закон во парлементот, но тој предлог беше одбиен. Во Романија живеат 1,2 милиони Унгарци и тие генерално политички се поврзани со Фидес, а многу од нив имаат и унгарско државјанство. Претседателот на Романија, Клаус Јоханис (самиот етнички Германец) вака грубо го оквалификува ова барање: „Додека се бориме против пандемијата (опозициската) социјалдемократска партија се бори да ѝ ја даде Трансилванија на Унгарија“. Унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто, го обвини Јоханис дека „поттикнува омраза“ и дека неговите изјави се „посебно нецивилизирани“, но романскиот претседател ги обвини социјаледмократите, кои донеодамна владееја со земјата, дека имаат таен договор со Орбан. Социјалдемократите настапија со контраобвинување дека Јоханис имал тајни врски со Ангела Меркел. Бурата наместо да стивне (како што се обиде да го направи со подипломатски изјави Виктор Орбан) таа се разгоре со објавата на глобусот/мапа на унгарскиот премиер. Неговиот романски колега, кој го носи истото презиме, Лудовик Орбан, саркастично го прокоментира ова со една романска поговорка: „Врапчето сонува за тесто“.

Повеќе на темата:

-Унгарија ја користи пандемијата за да го прошири влијанието во регионот

-„Дали со овластувањата Орбан поефикасно се справува со коронавирусот?“

-Страв од „Ковид-диктатура“ во Европа

Но кога ќе се поттикнуваат соништата од центарот на власта, тие тешко се запираат. Неодамнешното истражување на познатиот американски центар „Пју“ покажа дека две третини од Унгарците сметаат дека деловите во соседните земји треба ним легално да им припаднат.

Ако и ова не било интересно за Груевски и неговите наследници во партијата тогаш можеби им паднал во очи главниот заклучок на „Фридом хаус“ за чиј извештај многу се зборуваше овде. Во извештајот „Држави во транзиција“, кој покрива истражување за 29 земји се наведува дека Унгарија веќе не е демократија. Дека таа паднала во групата на хибридни режими како последица од владеењето на Виктор Орбан. Вакво драматично назадување нема забележано ниедна земја во Европа. Во извештајот се наведува дека сега има помалку демократии во регионот отколку во 1995 година, кога првпат беше објавен овој годишен извештај.

Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Soos

„Усвојувањето на законот за вонредни состојби во 2020 година, со кој владата може да владее со декрети на неодредено време, дополнително го изложи недемократскиот карактер на режимот на Орбан. Падот на Унгарија е најстрмниот досега забележан во ‘Државите во транзиција’. Унгарија беше една од трите демократски предводници од 2005 година, но во 2020 година стана првата земја што се спушти за две категории и ја напушти групата демократии во целост“, пишува во извештајот.

Кој би знаел, можеби на Груевски му одговара да живее во таков режим. Па тој предводеше сличен таков 11 години. Но неговата партија треба да се замисли кога постојано повторува за пријателството со Фидес – тоа ли е водилката што треба да се следи.

Концентричните кругови на Виктор Орбан стигнуваат далеку. Србија и Црна Гора, двете земји од регионот што веќе преговараат со ЕУ, се спуштија за една категорија подолу и сега се наоѓаат во категоријата на транзициски/хибридни режими. Во таа група сега се сите земји од Западен Балкан. И ним им се приклучи Унгарија. Во извештајот се наведува дека само Македонија и Косово забележале напредок, но не доволен да излезат од оваа категорија.  

Фамозната „Бакенферде дилема“ вели: „Либералната, секуларизирана држава живее од предуслови што не може самата да ги гарантира“. Падот на демократскиот поредок е смртоносна закана за ЕУ, но не само за неа, туку и за оние држави коишто претендираат да станат нејзини членки. Значи, во основа, на целата Европа. Многу лидери во регионот веќе не претендираат да се грижат за демократијата или владеењето на правото. Концентричните кругови не се шират само од Будимпешта, туку и од Варшава. И тие влегуваат во резонанца со авторитарната музика што доаѓа од Русија, Кина и Турција. А демократијата станува само имитација. Токму таква имитација каква што во Македонија имаше 11 години и чиј главен креатор избега во Будимпешта – онаму каде што сега најубаво може да продолжи да го живее својот „кралски“ сон.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми