1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кон што ќе цели „Таргет“ на СЈО?

БГ
18 ноември 2016

Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик и Тендери се осумте случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се десетици актуелни и поранешни државни и локални функционери.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Специјалното Јавно обвинителство за денеска најави прес-конференција на која ќе биде претставена нова истрага под кодно име „Таргет“. Јавноста во 11ч. ќе дознае кој е цел на оваа истрага и за какво обвинение се работи. 

Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик и Тендери се осумте случаи кои досега ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Осомничени или обвинети се десетици актуелни и поранешни државни и локални функционери. Во двете досега поднесени обвиненија, во првиот предмет обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.

Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај „Титаник“, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката  Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...

Во предметот „Тврдина“ кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување. 

На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.  

Обвинителките Ленче Ристоска, Катица Јанева и Фатиме ФетаиФотографија: DW/P. Stojanovski

Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Случајот „Транспортер“ во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.

„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.

Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми