1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Копнежот на Москва за ракување со Трамп

Никита Гончаренко
6 јули 2017

Првата средба меѓу Путин и Трамп на маргините на самитот на Г20 би требало да биде кратка. Москва се надева на преврт, кој досега изостана. Руските експерти предупредуваат дека не треба да се има преголеми очекувања.

Kombobild Trump Putin

Британската премиерка Тереза Меј, германската канцеларка Ангела Меркел и на крајот дури и украинскиот претседател Петро Порошенко- по инаугурацијата во јануари новиот претседател на САД Доналд Трамп се ракуваше со многу шефови на влади и држави. И во Вашингтон и во странство, долго и срдечно или кусо и службено. Но, едно ракување досега изостана, она со Владимир Путин. На маргините на самитот на  Г20 во Хамбург двајцата државници за првпат ќе имаат можност да го сторат тоа. Путин ќе се сретне со Трамп во петок, на првиот ден од самитот, беше соопштено од Министерството за надворешни работи на Русија.

Трпението на Путин со Трамп

Очекувањата од првата средба на двајцата претседатели во последно време беа ретко толку големи. Москва би сакала ова ракување со Трамп да се случеше многу порано. „Станува збор пред сѐ за нормализирање на дијалогот“, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Русија се надева на нов почеток во напрегнатите односи кои од руската анексија на Крим се развиваат негативно. Трамп на Москва ѝ даде позивни сигнали така што за време на изборната кампања повеќепати го фалеше Путин како силен лидер и ветуваше подобар однос со Москва.

Но, промена досега нема. Трамп веќе со месеци на внатрешнополитички план е изложен на притисок поради наводното вмешување на Русија во изборната кампања во негова полза, што и Трамп и Москва го негираа. Новата американска администрација ги остави во сила санкциите против Русија, кои го воведе предходната влада на Барак Обама и неодамна воведе дури и нови.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј ЛавровФотографија: Getty Images/AFP/N. Kolesnikova

Москва досега покажа разбирање за Трамп и неговата воздржаност ја објаснуваше со внатрешнополитичката борба за моќ во САД и со притисокот на неговите противници. „Ние имаме трпение“, таа реченица Путин секогаш одново ја повторуваше кога стануваше збор за односите со Вашингтон. Факт е дека Русија избегнуваше да упати какви било критики во насока на Трамп и се откажа од нови контрасанкции. Кога Трамп за време  на самитот на НАТО во Брисел во мај зборуваше за „руската опасност“, Путин реагираше крајно опуштено. Тоа не е ништо посебно, изјави рускиот претседател во едно интервју.

Намалени очекувања

Но зад кулисите се шири отрезнување, уверена е Лидија Шевзова, експерт за надворешна политика од Москва. Таа вели дека, веќе на крајот на февруари во кругови во Кремљ се чувствувале песимистички ставови. „Путин стоеше со подадена рака и чекаше на иницијатива на Трамп“, вели Шевзова која актуелно работи за британскиот тинк-тенк  „Четам хаус“. „Но, веројатно е видливо дека Трамп е непресметлив политичар кој остро ќе се однесува кон Москва.“ Така, продолжува Шевзова, претседателот на САД веќе за време на нападите со ракети на Сирија покажа оти се одалечува од воздржаноста која ја практикуваше администрацијата на Обама за прашањето за Сирија. Но, и како енергетска суперсила, како што е испораката на течен гас во светот, Трамп има намера да ѝ конкурира на Русија, вели Шевзова.

„Станува збор за прва средба на маргини на еден самит- не за билатерална средба“, вели Иван Тимофеев од Рускиот совет за надворешна политика, единствена мрежа на стручњаци која ја започна владата во Москва. Притоа, директен разговор меѓу Путин и Трамп „одамна требаше да се случи“, вели тој. „Најважно е лично да се сретнат и да се воспостави контакт“, вели Тимофеев, но воедно и додава дека поголем чекор во Хамбург не може да се очекува.

И Лидија Шевзова вели оти едно ракување и договор за понатамошно негување на контактот би било успех. Таа додава дека токму состанокот на работ на Г20 ќе покаже дали на двајцата шефови на држави ќе им појде од рака да создадат еден механизам за надминување на меѓусебната недоверба.

Лавров со американскиот ресорен колега ТилерсонФотографија: picture-alliance/dpa/AP/I. Sekretarev

Тероризам, Сирија, Украина

Приоритетите на Москва на таа средба во Хамбург откриваат желба прво да се бара она што е заедничко и да се избегне конфликт. Така Путин со Трамп во прва линија ќе зборува за борбата против тероризмот, рече еден од портпаролите на руското Министерство за надворешни прашања и додаде: „Без соработка меѓу Русија и САД, тешко дека може да се победи тероризмот.“

Притоа би требало да стане збор за заедничката борба против терористичката организација „Исламска држава“ (ИД) во Сирија и во Ирак. Неодамна дојде до тензии, кога западната алијанса под раководство на САД собори еден сириски воен авион. Русија, која воено го помага сирискиот претседател Башар ал Асад, демонстративно се откажа од заедничкиот договор со САД за меѓусебно информирање за движењата на воените авиони над Сирија. Поради тоа, за време на средбата во Хамбург, би било важно Путин и Трамп да постигнат согласнот за тоа повторно да се започне со почитување на тој договор, смета Лидија Шевзова.

Според неа Русија со таканаречените „зони на деескалација“ за Сирија веќе им направи „услуга“ на САД. „Но, Америка тоа не го сфати како подарок и сѐ уште не е подготвена да го поддржи“. Освен тоа, Москва во Хамбург има намера да говори и за темата на нуклеарното вооружување. Иван Тимофејев поаѓа од тоа дека двете страни се заинтересирани за разговори поради Северна Кореја. Во случајот на Украина овие двајца експетри не очекуваат исчекор. Решението на тој конфликт за кој Киев и Западот ја обвинуваат Москва сѐ уште не е на повидок.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми