Коронавирусот галопира: 14 починати и 870 новозаразени
28 октомври 2020
Пандемијата со коронавирус зема се поголем замав во С.Македонија. Министерството за здравство вечерва објави дека во изминативе 24 часа дури 870 граѓани се заразиле со Ковид-19, а биле тестирани 2647 лица.
Како последица на вирусот, починале 14 лица. Тројца пациенти од Скопје на возраст од 51, 60 и 83 години, тројца од Куманово (65, 71 и 53г), еден пациент од Дебар (80г), двајца од Прилеп (55 и 56г), еден од Тетово (63г), еден од Велес (65г), еден од Струмица (68г), еден од Радовиш (72г) и еден пациент од Кратово (75г). Сите се починати во болнички услови.
Битката со опасниот вирус ја добиле 292 пациенти. Скопје и понатаму е на врвот на листата на градови кои најмногу се најдоа на удар на вирусот, со 422 новозаразени со Ковид-19. Следуваат Тетово - со 64 нови случаи и Струмица со 55 новозаразени со коронавирус.
Досега во земјата се направени вкупно 240.658 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 28.697, бројката на оздравени пациенти е 19.771, на починати е 963, а бројот на активни случаи изнесува 7.963.
Загрижувачката состојба со коронавирусот утре ќе биде тема на разговор и во Вилата Водно, каде претседателот Стево Пендровски го свика Советот за безбедност. На седницата, покрај редовните членови на Советот, на покана на претседателот ќе присуствува и министерот за здравство Венко Филипче.
Со цел справување со заразата, во моментов на сила се неколку мерки како намален капацитет на превозот на патници на 50%, скратено работно време на угостителските објекти до 23 часот, како и забрана за групирање на повеќе од 4 лица по 23 часот. На собраниската Комисија за здравство денеска на дневен ред беше расправата за проширување на ковид-мерките како што се забраната за семејни прослави и задолжителното носење маски и на отворено, но тие сè уште не се на сила, бидејќи за нив се потребни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести, кој е во собраниска процедура.