1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирусот ги запре возовите меѓу Италија и Австрија

БГ /АП
23 февруари 2020

Италијанските власти преземаат широки мерки за ограничување на ширењето на вирусот во северниот дел на земјата. Откажан карневалот во Венеција и спортски натпревари

Italien Coronavirus Castiglione D'Adda
Фотографија: Reuters/G. Mangiapane

Властите во Италија на сите начини се обидуваат да го сопрат ширењето на коронавирусот во земјата, откако бројот на заразените нарасна на 152 лица, а денеска почина и третата жртва. Соседните земји размислуваат за мерки за заштита, откако Австрија привремено го запре железничкиот сообраќај од Италија, а ја разгледува можноста да ја затвори и границата.

Според проценки на македонските медиуми, во регионот зафатен од вирусот живеат и околу 12 илјади македонски државјани, па властите во Скопје в понеделник ќе се консултираат дали да преземат дополнителни мерки. Засега не се преземени дополнителни мерки за заштита кои евентуално би ги опфатиле патниците кои пристигнуваат од Италија. Комисијата за заразни болести ќе дискутира на таа тема в понеделник (24 февруари), а министерот за здравство Венко Филипче уверува дека се преземаат сите мерки согласно препораките на Светската здравствена организација (СЗО).

Во Италија, властите денеска го откажаа популарниот карневал во Венеција, како и повеќе мечеви од првата фудбалска лига и други културни настани.

Вечерва, Австрија го запре сиот железнички сообраќај од и кон Италија по сомнежите дека двајца патници во еден воз се инфицирани со коронавирус. По четиричасовен прекин, сообраќајот продолжи откако беше утврдено дека двете лица не биле заразени со вирусот.

Непознат извор

Околу најмалку 10 градови во покраината Ломбардија италијанската полиција постави блокади на патот за да се спречи движење на луѓето. Во регионот не е дозволено ниту застанување на возови. Паралелно се дезинфицираат сите средства за јавен транспорт- автобуси, возови, дури и бродови во Венеција.

Карневалот во Венеција во меѓувреме е откажан.Фотографија: Reuters/M. Silvestri

Италијанските власти се фрустрирани поради неможноста да го утврдат изворот на вирусот на северот на земјата. Првиот случај минатата недела беше 30-годишен маж во градчето Кодоњо. Најпрво се претпоставуваше дека човекот се заразил од пријател со кого вечерал, а кој неодамна се вратил од патување во Шангај, Кина. Но подоцна е утврдено дека неговиот пријател не бил заболен. Потоа се испитуваа неколку кинески државјани кои го посетувале истиот локал како и заболениот, но и тие биле негативни.

„Загриженоста е разбирлива, но без паника“, порача италијанскиот премиер Ѓузепе Конте.
Во центарот на Ломбардија, Милано затворени се сите училишта, музеи, дискотеки, барови и театри во следните седум дена. Забраната за јавни собири ги опфаќа и црквите. Засега, сите случаи на КОВИД-19 се регистрирани во провинцијата, најголемиот дел во градчето Кодоњо и во девет околни места. Во тие градови отворени се само маркети и апотеки, и никој не смее да влезе во нив, ниту да ги напушти. 

Проценки на ризикот

Германското министерство за здравство соопшти дека за понеделник е планирана телефонска конференција на сите министри од земјите на ЕУ поради појавата на вирусот во северна Италија.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести денеска соопшти дека ризикот од нови случаи на територијата на Европа е „низок до умерен“. Ризикот од ширење на вирусот во други земји на ЕУ е низок, но не може да се отпише поради бројни фактори, велат оттаму.
Поради ширењето на вирусот во неколку земји надвор од Европа, сега е поверојатно дека патници и од други земји освен Кина би можеле да го донесат вирусот во Европа, велат од Центарот.
За в понеделник (24.02) се планира нова проценка на ризикот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми