1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кучи: До вчера профитиравме, сега да бидеме солидарни

Костадин Делимитов
18 март 2020

Владиниот пакет-мерки за кризата со коронавирусот не ги израдува сите стопанственици. Дел бараат повеќе, но дел апелираат да се биде реален и солидарен. Најпрво ќе се помагаат транспортот, туризмот и угостителството

Länderfinanzausgleich Symbolbild Geldscheine Spritze
Фотографија: imago

Владата воведе иницијален пакет мерки за поддршка на бизнис секторот во одбрана од епидемијата на коронавирусот. Бескаматни кредити, субвенции за придонеси, ослободување на акотации од даниок на добивка. Ова се клучните сегменти од владината поддршка која е насочена кон компаниите кои го претрпеа главниот удар.

Директна поддршка

Секторите туризам, транспорт и угостителство во наредните три месеци-  април, мај и јуни ќе добиваат по 50% субвенции за придонесите за платите, но и достапност до поволни, бескаматни кредити во износ до 30 илјади евра кои ќе се обезбедат преку Развојната банка. Обезбедени се 5,7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компании чија ликвидност е на удар:
„Кредитите се дизајнирани со големо внимание водејќи се од тоа да може да се поддржат што поголем број компании. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра кредит. Оние до 10 вработени ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании од 10 до 50 вработени - кредит од 10 до 15 илјади евра, средните компании од 50 до 250 вработени ќе може да земат кредит од 15 до 30 илјади евра. Овие кредити се бескаматни, со грејс период на отплата од 6 месеци, а период на отплата 24 месеци. Администрирањето на кредитите исто така ќе биде бесплатно“, изјави вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Низа ослободувања

Дополнително, секторите погодени од кризата ќе бидат ослободени од плаќање аконтации од данок на добивка за април, мај и јуни. Услов е да не исплатиле дивиденда во текот на 2020, односно да не исплатат бонуси и годишни награди и да не го намалат бројот на вработени, објави министерката: 

Министерката за финансии Нина АнгеловскаФотографија: DW/P. Stojanovsk

„Во вакво време чесно е државата да се откаже од претплаќање на дел од данокот од погодените компании. Тука најпрво спаѓаат транспортот, туризмот, угостителството, а потоа и другите погодени компании од различни дејности погодени од превентивните мерки на Владата како одговор на справувањето со страшниот вирус“, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.

Задоцнети мерки

Интервенцијата на Владата е по барање на бизнис заедницата која уште во старт покажува незадоволство од она што денеска се презентираше. Стопанствениците сметаат дека е добро што конечно се објавија мерки, но реагираат дека тие се недоволни:

„Овие мерки ги штитат компаниите кои имаат изгубени приходи и бизниси, но останатата индустрија која најмногу ќе трпи поради изгубените работни места не е во овој дел опфатена. Затоа треба во следните мерки да се мисли на тие индустрии“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
„Најважниот проблем е да се заштитат работниците од откази во фабриките. Сите напори треба да бидат насочени кон тоа затоа што повторно вработување и ново отворање на фабриките ќе не чини многу. Јас веќе имам информации дека дел од работодавачите ги сменија договорите на скратено работно време, а дел од нив планираат комплетно затворање на погоните. Со одредена субвенција на тие изгубени часови по примерот на Германија верувам дека може состојбата да се ублажи на некој начин и да се охрабрат бизнисмените да издржат и да не ги затвораат компаниите“, вели Димитров.

Голема е опасноста за работниците во кризатаФотографија: Dräxlmaier Group

Дел од стопанствениците сметаат дека иницијалниот пакет мерки ќе има ограничен ефект и бараат брза интервенција со дополнителни мерки во делот на ликвидноста и поддршката за оние работници кои принудно поради вирусот се надвор од работниот процес: 

„Ослободувањето од придонесите нема да има голем ефект затоа што и така компаниите немаат приходи, па нема да можат да исплатуваат плати. Немаат за плати, немаат приходи, не се во добра состојба фирмите. Почнаа да одјавуваат работници, а работниците нема каде да одат. Дури не може ни да се иселат како што беше тоа досега. Донесените мерки се добри, но можеби вакви требаше да се донесат пред две недели. Сега треба да се подлабоки и да ја следат реалната ситуација“, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.

Апел за солидарност

Дел од бизнис заедницата пак предупредува дека во овие моменти не треба да се претерува, туку треба да се размислува трезвено, реално и да се покаже солидарност:

„Лично како бизнисмен сметам дека ако до вчера како бизнис профитиравме од сите можни ситуации и притоа не го делевме ќарот со другите, сега кога имаме вонредна ситуација во која некои од гранките дури ќаруваат дополнително, некои дури и надвор од етичката норма, треба да бидеме солидарни. Ако имаше земјотрес што ќе правевме, ќе собиравме помош, тоа треба и да го правиме сега, а не само да бараме од државата. Оти што ќе се случи, знаеме дека буџетот е ограничен. Тоа не е партнерство. Наместо да бараат и кукаат, партнерство е да се нуди, а не само да се бара. Да гледаме која гранка е најзагрозена и да им помогнеме и да им се олесни“, изјави за Дојче веле Мендерес Кучи, стопанственик кој е дел од Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Банкарска стабилност
Дополнително, во пакетот мерки се предвидува и намалување на законската казнена камата за 50%. Како што информираше министерката за финансии таа ќе се корегира од 10% на 5% за правни и физички лица. Дополнително, ќе се промени и периодот за кој се зема предвид референтната каматна стапка што ја пропишува Народната банка, за да има поповолни услови. За половина, ќе се намали и казнената камата за јавни давачки, а министерството за финансии и Управата за јавни приходи ќе препорачаат до провајдерите да ги намалат за 50% цените за одржувањена фискалните каси.
Освен Владата, дополнителни мерки донесе и монетарната власт. Народната банка донесе одлука да ја намали задолжителната резерва за сите новоодобрени кредити што ќе им овозможи простор на банките да бидат послободни и потолерантни периодов во однос на кредитната изложеност на фирмите, но и на граѓаните. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска порача дека најновите податоци покажуваат стабилност на макроекономската состојба, високо ниво на девизните резерви и здрав банкарски систем. 

Празни авиони, празни ресторани

01:23

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми