Коронавирусот може да преживее на мазни површини до 28 дена
ЖА /ДВ
12 октомври 2020
На мазни површини коронавирусот може да преживее до 28 дена, многу подолго отколку што се сметаше досега, тврдат австралиски научници. Меѓутоа, за тоа на вирусот му се потребни посебни услови.
Фотографија: Matthias/VisualEyze/picture-alliance
Реклама
„На 20 степени Целзиусови, отприлика на собна температура, откривме дека вирусот е екстремно робустен и на мазни површини, како стакло или екраните на мобилните телефони, може да преживее и до 28 дена", објасни заменичката директорка на австралискиот Центар за инфективни болести, Деби Иглс.
Тоа што коронавирусотможе толку долго да опстои на стакло е важно откритие, зашто банкоматите, касите за самопослужување во супермаркетите и автоматите за чекирање на аеродромите имаат површини кои се изложени на чести допири и можеби не се чистат и дезинфицираат редовно. Студијата на австралиските експерти беше објавена во магазинот „Виролошки журнал".
Без светлина
Експериментот бил вршен во темница, истражувањата веќе покажаа дека сончевата светлинаможе брзо да го убие вирусот, се вели во студијата. Поранешните испитувања доведоа до резултат дека вирусотможе да преживее до три дена на површини од пластика и метал. Слични истражувања со инфлуенца А покажаа дека вирусот има способност за преживување на површини до 17 дена.
Други резултати
Меѓутоа, според германскиот Сојузен институт за проценка од ризици, досега не постојат случаи кај кои е докажан пренос на коронавирусот врз луѓе преку контакт со контаминирани предмети или површини и настаната инфекција по тој пат. Минатата недела претседателот на Аптекарската комора Клаус Рајнгарт оцени дури дека чистењето на површините во борбата против коронавирус е непотребно и надминато.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.