Пазарот на труд ќе се опорави од Ковид-пандемијата дури во 2023 година – загубата на работни места доведе до уназадување од пет години, констатира нов извештај на ОН. Милиони луѓе се доведени до сиромаштија
Реклама
Корона-кризата дејствува разорувачки врз пазарите на трудот, констатираат ОН. Во тековнава година пандемијата предизвика губење на сто милиони работни места, соопшти Меѓународната организација за труд вчера во Женева. Според зборовите на нејзиниот генерален директор Гај Рајдер, во оваа година од невработеност ќе бидат засегнати 220 милиони лица, во 2022 година ќе бидат уништени дополнителни 26 милиони работни места, со што во светот од невработеност ќе бидат погодени вкупно 205 милиони луѓе. Во 2019 година, последната година пред пандемијата, глобално невработени биле 187 милиони лица.
Рајдер истакна дека попогодени од загубата на работни места се жените, како и помладите луѓе, чиј почеток на работниот век се пролонгира поради пандемијата.
Опоравувањето на пазарите на труд ќе оди различно во одделни региони, од една страна поради тоа што не насекаде во светот се врши вакцинирање со иста брзина, а од друга страна – сиромашните земји не се во состојба да организираат големи пакети за поттик на конјуктурата.
Доколку пандемијата не се влоши, во втората половина од годинава ќе дојде до подобрување на пазарите на труд, но тоа нема да биде доволно за да се компензираат загубите на работни места дури ни во идната 2022 година. Опоравување на пазарите на труд се очекува дури во 2023 година.
Покрај оние кои ќе се враќаат на работа по пандемијата, секоја година во потрагата по работно место се приклучуваат милиони млади луѓе.
Како некои заработија милијарди за време на корона-кризата
Додека многу индустрии поради пандемијата се во голема криза, други одеднаш станаа многу барани, произведувајќи така нови милијардери. Меѓу профитерите во време на корона-кризата има и Германци.
Фотографија: Dennis Van TIne/Star Max//AP Images/picture alliance
Богат, уште побогат, Џеф Безос
Основачот на Амазон, Џеф Безос (на сликата со девојката Лорин Санчез пред Таџ Махал) е надвор од секоја категорија. На компанијата Амазон за време на пандемијата и' оди подобро од кога било. Цената на акциите скока од рекорд до рекорд. Безос, најбогатиот човек на светот и пред пандемијата, сега стана уште многу побогат и има богатство од 160 милијарди евра.
Фотографија: Pawan Sharma/AFP/Getty Images
Елон Маск фрли око на врвот
Произведувате автомобили, но ве вреднуваат како технолошка компанија! На Елон Маск тоа му успеа со Тесла. Компанијата профитираше од полетот на речиси сѐ што има врска со технологијата, кој на берзата го предизвика пандемијата. Претприемачот, роден во Јужна Африка, неодамна го престигна Бил Гејтс со богатството, кое во моментов се проценува на 110 милијарди евра и цели кон врвот, на кој е Безос.
Фотографија: Getty Images/M. Hitij
Работа од дома- Зум
Работењето од дома во време на пандемијата е голем благослов за Ерик Јуан. Основачот на платформата за комуникација Зум дошол во САД од Кина кога имал 27 години. По неколку години работење за ВебЕкс основаше сопствена видео платформа и во 2019 година отиде на берзата. Цената на акциите на Зум експлодираше. Нето вредноста на љубителот на кошарка Јуан се проценува на 16 милијарди евра.
Фотографија: Kena Betancur/Getty Images
Спортување дома - Пелотон
Затворените фитнес студија и ограничувањето на контактите му донесоа предност на Џон Фоли. Во 2013 година бил почетник и се обидувал да дојде до капитал за неговите вмрежени направи за вежбање- денес, пак го облетуваат инвеститори. Цената на акциите на фирмата Пелотон од почетокот на пандемијата се удвои и неочекувано го претвори Фоли во милијардер.
Фотографија: Mark Lennihan/AP Photo/picture alliance
Креирање продавници на интернет
Шопифај е софтвер кој им овозможува на трговците сами да креираат интернет продавници и да се поврзат со фирмите кои се занимаваат со логистика. Тобијас Литке стои зад концептот. Тој од Кобленц во 2002. емигрирал во Канада и започнал со работа- во гаража. Шопифај е сега највредна канадска компанија. Цената на акциите од март прасна повеќе од двојно, а 39-годишникот сега вреди 7,5 милијарди евра.
Фотографија: Wikipedia/Union Eleven
Милијардер преку ноќ
Вакцината против коронавирусот која ја разви Бионтек од Мајнц, фирма чии коосновач и сопственик е Угур Шахин, прва во Европа доби одобрување за масовна употреба. Тоа значи дека Шахин, кој се доселил од Турција, не само што одеднаш стана светски познат, туку и исклучително се збогати. Вредноста на неговите акции се проценува на преку 2 милијарди евра.
Фотографија: BIONTECH/AFP
Готвење дома
ХелоуФреш е фирма која ви предлага што да готвите и ви доставува пакет со сите состојки. Од почетокот на пандемијата профитот ѝ е тројно зголемен, а продажбата е повеќе од удвоена- според тримесечниот биланс од почетокот на ноември. Коосновачот и акционер Доминик Рихтер профитира од затворените ресторани и од трендот на готвење дома. Уште не е милијардер, но ги има вистинските состојки- и за тоа.
Фотографија: Bernd Kammerer/picture-alliance
Поранешна сопруга- и уште еднаш Амазон на врвот
Пандемијата и Амазон не го направија побогат само Џеф Безос, туку и Мекензи Скот, неговата поранешна сопруга, исто така, добро заработи благодарејќи на својот пакет акции. Сега е на првото место на листата на најбогати жени во светот- со богатство кое се проценува на речиси 60 милијарди евра.
Фотографија: Dennis Tan Tine/Star Max//AP/picture alliance