1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коронавирусот ја зарази и економијата

Александар Манасиев
1 април 2020

Од осамостојувањето на земјата се издадени шест еврообврзници од преку 2 милијарди евра. Сите се со различна камата и различен период на отплата, а вкупната камата што треба да ја плати државата за нив е 634 милиони евра

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Коронавирусот ја зафати и македонската економија, а еден од излезите e државата да позајми пари од меѓународните кредитни институции во време кога нема доволно време да издаде еврообврзница. Седмата по ред еврообврзница од 500 милиони евра планирано беше да биде издадена во втората половина од 2020 година. Сепак, кога економијата има потреба од брз извор на пари, планираната еврообврзница не може да биде ефикасна „вакцина“ против економските последици од коронавирусот.

За да се издаде еврообврзница, која всушност е обврзница деноминирана во странска валута на меѓународен пазар, потребни се повеќе од два месеци. Поради ова Владата гледа побрзо решение во досега неискористен инструмент- таканаречен bridge to bond facility или заем до еврообврзница. Тој се зема кога државата е во процес на издавање еврообврзница, но поради низа причини не може да се спроведе до времето кога се потребни парите. 

Министерката за финансии Нина Ангеловска најави дека станува збор за краткорочен заем во вредност од 400 милиони евра со рок на исплата од 12 месеци. Според најавата, државата ќе земе кредит од странски банки кој ќе биде целосно исплатен кога ќе биде издадена и седмата еврообврзница во висина од 500 милиони евра. Речиси истовремено кога се планира да биде земена новата еврообврзница доспева и еврообврзницата од 2015 година во вредност од 270 милиони евра (доспева на 1 декември 2020 година). Сето ова укажува дека на државата и е потребно поголемо позајмување од досега планираното.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ објаснува дека државата секако требаше да се задолжи оваа година на странските пазари.

„Во Буџетот за 2020 е предвидено надворешно задолжување од околу 500 милини евра. Да беше сѐ нормално, тоа веројатно ќе се реализираше во третиот квартал од годината, по конституирањето на новото Собрание и Влада. Сега, поради кризата со коронавирусот тоа веројатно ќе треба да се направи порано“, вели Јовановиќ.

Според него, нема ништо страшно во задолжувањето со цел да се надмине кризата предизвикана од коронавирусот.

„ММФ кажа дека ќе стави на располагање дури 1.000 милијарди долари за надминување на кризава. Иран, кој нема земено долг од ММФ уште од 1960 година, сега побара 5 милијарди долари“, вели тој. 

- Анализа: Популистичко трошење- генерациски долгови

Еден од најчесто употребуваните инструменти за задолжување досега беше еврообврзницата. Досега биле издадени вкупно шест еврообврзници и сите биле проследени со бурни политички препукувања помеѓу власта и опозицијата.

Секогаш, првите тврдат дека се задолжувале со ниски камати и под добри услови, а вторите тврделе дека земајта се става во должнички окови од кои нема да се спасат идните генерации. Како се започна?

„Еврообврзница со историски најниска камата!“ Оваа вест се појави во македонските медиуми најмалку два пати во последнива неполна деценија. Првпат во јули 2014 година, а потоа и во јануари 2018 година најавувајќи дека државата се задолжила по дотогаш најповолни услови.

Во 2014 година на прес конференција оваа вест ја сподели тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески. Тврдеше дека се обезбедени 500 милиони евра кои ќе се користат за „капитални проекти и потреби на буџетот“. Вистината беше поинаква: Точно дека дотогаш власта под раководство на ВМРО-ДПМНЕ немаше издадено обврзница со пониска камата, но факт е дека каматите не беа приоритет, туку свежиот дотур на пари за да се финансираат популистичките проекти како „Скопје 2014“.

Четири години подоцна тогашниот министер Драган Тевдовски исто така се пофали со рекордно ниска камата за еврообврзницата. И двете еврообврзници, од 2014 и од 2018 година, беа во вредност од 500 милиони евра, со рок на доспевање од седум години, но со различна каматна стапка. Првата беше со камата од 3,975%, а втората со камата од 2,75%.  Од денешна перспектива оваа разлика во камати значи разлика и во вкупната сума што државата треба да ја врати и тоа за 42,8 милиони евра. 

- Кој ќе го плати цехот по корона-кризата? 

Вкупната сума на досега издадените еврообврзници достигна преку 2 милијарди евра. Сите се со различна камата и различен период на отплата, а вкупната камата што треба да ја плати државата за нив е 634 милиони евра.

Најпроблематично во издавањето еврообврзници е фактот што никој не знае за што се користат парите за разлика од одредени наменски позајмувања со кои се финансира изградба на инфраструктура. Па така најчесто парите земени преку издавање на еврообврзници се користеа за покривање на дупки во државниот буџет или за финансирање на популистички мерки и проекти, за пораст на платите на администрацијата и за пораст на пензиите, најчесто пред изборните циклуси.

Дознајте се за еврообврзниците од нашиот инфографик (кликнете на линкот до инфографикот)

Интересен е и фактот дека досега издадените еврообврзници имале драстично различни каматни стапки кои варираат од 2,75% до рекордните 9,875%. Реално најнеисплатлива била обврзницата од 2009 година која е на сума од 175 милиони евра, а за која се платени дури 86 милиони евра камата за само пет години. Само за споредба, еврообврзницата од 2018 е на 500 милиони евра, а каматата од 96 милиони евра се однесува на 7 години.

Излегуваме од претпазливото ниво на јавен долг

Од граѓанската организација Центар за економски анализи (ЦЕА) велат дека задолжувањето преку издавање на еврообврзници овозможува предности од аспект на стабилност на валутата и пазарот каде се издаваат и ликвидност. Тие се вообичаено со фиксна каматна стапка иако се долгорочни.

„Во однос на потребата од финансирање (gross financing need), таа потреба на средства во следниот период ќе се зголеми. Ова посебно се однесува при доспевање на обврзниците во следниот период  2021, 2023... што пак го вклучува и веројатното надминување на границата на 10 % за бруто потребите за финансирање (збир на буџетскиот дефицит и средствата потребни за сервисирање на долгот кој доспева во дадената година)“, објаснува Весна Гарвалиева Андонова од ЦЕА.

Ангеловска најави дека станува збор за краткорочен заем во вредност од 400 милиони евра со рок на исплата од 12 месециФотографија: DW/P. Stojanovsk

Додава дека висината на каматите  зависат од финансиските пазари каде се издава обврзницата.

„Каматата на обрзницата зависи од очекувањата на инвеститорите за нивото на ризик кои го преземаат и повратот  на инвестицијата, а за една држава тоа значи, стабилност односно очекувања дека има низок ризик, сигналите од централните банки, економска состојба и планови, ниво на корупција и слично, па оттука и висините на каматите на претходните обврзници“, објаснува Гарвалиева Андонова.

Според оценките на ЦЕА, претпазливо ниво за јавен долг според пристапите на ММФ за земји како нашата се до 50% од БДП, но и 10 % бруто потреби за финансирање. Според пресметките на ЦЕА, базирани врз алатката на ММФ за одржлив долг, за да се стабилизира јавниот долг, примарниот дефицит (debt-stabilizing primary balance) не треба да биде повисок од 0,8%. Со вакво ниво би го стабилизирале нивото на јавен долг меѓутоа за негово намалување потребни се и други мерки и политики.

Инаку, според ревидираната Фискална стратегија за периодот од 2020 до 2022, голем товар за македонската економија, покрај кризата предизвикана од коронавирусот, ќе биде фактот дека треба да се вратат преку 2 милијарди евра позајмени пари.

„Во периодот 2020-2022 треба да се отплатат вкупно 2 милијарди евра по основ на главница на долг на централна власт и гарантиран долг. Притоа, во 2020 и 2021 година ќе треба да се отплатат околу 835 милиони евра само по основ на три големи претходни задолжувања (втора рата од гаранцискиот заем од Светската банка- заем склучен во 2013 година во износ од 155 милиони евра, евро-обврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година и остаток од еврообврзница од 180 милиони евра издадена во 2015 година), како и други отплати на долгови на домашен и странски пазар“, стои во ревидираната Фискална стратегија од декември 2019 година.

Во превод самата Влада, кога ја носела Фискалната стратегија, предвидела дека јавниот долг ќе се зголеми од сегашните 49,3% од БДП на 50,4% од БДП годинава и 50,4% од БДП наредната 2021 година. Тоа значи излегување од претходно споменатата претпазлива зона на јавен долг. Сепак, овие прогнози се правени пред да се случи кризата со вирусот па најверојатно јавниот долг ќе порасне далеку повеќе поради нефункционалноста на голем дел од економијата која не генерира приходи и даноци со кои ќе се полни државата каса, а од друга страна има дополнителна потреба од позајмување на пари преку кредити и обврзници.

Коронавирус: Колку е пореална заканата, толку повеќе панично купување

01:33

This browser does not support the video element.

Ниските камати измамуваат нови задолжувања

Според Стеван Габер, вонреден професор на катедра Финансии на Економски факултет во Штип, голем дел од средствата од емитуваните еврообврзници, освен за долгорочни капитални инвестиции, се користат и за покривање на буџетскиот дефицит.

„Тоа многу помогна кога имаше повисоки стапки на буџетски дефицит во однос на БДП. При користење на овој начин на финансирање, Министерството за финансии има поголема слобода во поглед на начинот на трошење на овие средства, што секако не е случај при користење на средства од други меѓународни извори (како ММФ, Светска Банка и сл.), кои одобрените средства ги врзуваат за конкретни проекти“, вели Габер.

Како течеше задолжувањето со еврообврзниците (Погледнете во нашата Инфографика)

 Според него, каматите на еврообврзниците се различни бидејќи секоја држава има конкретен рејтинг при задолжувањето на меѓународниот пазар на капитал кој влијае на висината на каматните стапки.

„Во минатото висината на каматните стапки беше под сериозен притисок од европската должничка криза што резултираше и со многу повисока каматна стапка за еврообврзниците, покрај добрите макроекономски показатели на нашата земја. Зголемената побарувачка за капитал во однос на понудата во услови на должничка криза доведе до зголемување на цената на капиталот по која се задолжуваат државите на меѓународниот пазар на капитал“, објаснува професорот.

Вели дека сега состојбата е обратна- каматните стапки се ниски поради економската стабилност во делот на пазарот на капитал.

„Витален фактор се ризиците на кои е изложена одредена земја. Во минатото имавме политичка криза што се одрази на порастот на цената на капиталот (пр. зголемен политички ризик). Денес, кога имаме стабилна економија и отсуство на посериозни ризици се очекува каматните стапки да бидат далеку пониски. Тој моментум треба да биде искористен од Владата за консолидација на постари долгови кои биле емитувани по повисоки каматни стапки“, заклучува професорот Габер.

Годишно по 140 милиони евра за камати

Според аналитичарот Јовановиќ каматите што ги плаќаме на јавниот долг во последните неколку години изнесуваа околу 140 милиони евра годишно.

„Добрата вест е дека веќе неколку години стојат на тоа ниво, односно не растат. Лошата е што во 2008 година беа околу 40 милиони евра, односно, сега даваме 100 милиони евра повеќе за камати отколку тогаш, наместо да ги вложиме тие пари во образование или здравство.“, објаснува Јовановиќ.

Вели дека нереално е да се очекува каматите да паднат на тоа ниво од 40 милиони евра, но добро би било доколку се одржат на сегашното ниво.

Според Благица Петрески исплатлив долг не е оној со ниска каматна стапка, туку оној со кој позајмувачот ќе создаде нова вредностФотографија: Privat

„За тоа да се случи, потребни се две работи. Првата е да не се дозволи нивото на јавен долг многу да порасне. „Замрзнувањето“ на прогресивниот данок и непродуктивните трошења од последниве месеци неминовно ќе направат нивото на долг да порасне, но она што е важно сега е тој раст да биде само краткотраен, а не долготраен“, оценува тој.

Втората работа, според него, за каматите да не растат е да се продолжи со намалувањето на каматните стапки на новите задолжувања.

„За илустрација, сега каматната стапка на 15-годишните домашни обврзници со девизна клаузула изнесува 2,45%, на почетокот на 2017 изнесуваше 4,1%. Слично, каматната стапка на последната еврообврзница од 2018 беше 2,75%, додека на претходната од 2016 беше 5,625%. Намалувањето на каматните стапки делумно е поради подобрување на политичката состојба, но делумно и поради поодговорното менаџирање на јавните финансии. Ако продолжи трендот на неодговорно управување со јавните финансии од изминативе неколку месеци, и каматите може да почнат да растат, па ова е уште една причина за властите да се навратат на курсот од 2017 и 2018.“, објаснува Јовановиќ.

Според Благица Петрески, од невладината Фајнанс Тинк исплатлив долг не е оној со ниска каматна стапка, туку оној со кој позајмувачот (во случајов државата) ќе создаде нова вредност со повисок принос од платената каматна стапка.

„Во последните 2-3 години, притисокот за позајмувањето не беше толку висок, поради што и тезата дека сме позајмиле со ниска каматна стапка, пари кои државата потенцијално не ги вложува, односно стојат на сметка, е релативна слаба. Исклучок е рефинансирањето на стар долг кој доспева, кое е секогаш добро да се прави со нов долг со пониска камата, ако веќе отплатата не е од сопствени средства“, смета Петрески.

Инаку државата го подобри кредитниот рејтинг во минатата година. Тој според кредитната агенција Фич е ББ+ што е прво подобрување по 13 години.

Државниот кредитен рејтинг е всушност оцена на кредитоспособнаоста на одредена држава навремено да ги покрива обврските кон своите доверители. Кредитниот рејтинг на државата зависи од условите под кои е задолжена, а од кредитниот рејтинг се одредува и каматната стапка на должничките инструменти (обврзници) кои ги издава државата, како и цената на тие инструменти на пазарот на капитал. Колку е поголема кредитоспособноста на државата толку е помала каматната стапка, а поголема цената на должничкиот инструмент.

Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската влада.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми