1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Сиромашните земји „извисија“ за вакцините

ДТЗ /ДВ
26 јануари 2021

Ниту една од 29 најсиромашни земји во светот официјално не започна со масовнa вакцинациja против Ковид-19, додека 69 проценти од вакцините им биле дадени на најбогатите.

Deutschland | Coronavirus | Impfstoff
Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Ниту една од 29-те најсиромашни земји во светот официјално не започна со масовнa вакцинациja против Ковид-19, додека најбогатите држави добија повеќе од две третини од вакцините. Европската Унија се сомнева дека компаниите за лекови може да продаваат дози на оние коишто ќе дадат највисока понуда, а Јужна Африка предупредува против „национализам со вакцини“, АФП открива дека 69 проценти, или 47,5 милиони дози од вакцините им биле дадени на најбогатите земји во светот. 
„Богатите земји се вакцинираат, додека најмалку развиените земји во светот гледаат и чекаат“, се пожали во понеделникот генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебреизус. „Секој ден што поминува, поделбата станува поголема меѓу оние што имаат и они што немаат“, рече тој на прес-конференција на која предупреди на „национализмот со вакцините“.

-повеќе на темата: 2 милиони починати од Ковид-19: Гутереш ја критикува „несолидарноста“ при вакцинацијата

Во фаворизираните влегуваат 49 земји главно во Северна Америка, Европа и Заливот кои веќе започнаа со масовна вакцинација. Од сиромашните земји Гвинеја дејствува како пионер, пробно вакцинирајќи неколку десетици. Ниту земјите со среден приход не поминуваат добро, само најбогатите меѓу нив - вклучувајќи ги Кина, Русија, Турција и Бразил, добиваат 28% од вкупните понуди на вакцини. 

Загриженост

Состојбата ја зголемува загриженоста дека билатералните зделки меѓу побогатите влади и производителите на вакцини за коронавируси можат да ги зголемат цените и да го ограничат снабдувањето во некои региони.

-повеќе на темата: Големата трка за вакцини 

Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса ги обвини богатите земји за набавка на големо на вакцините и нивно складирање на штета на другите. Обраќајќи се на виртуелниот Светски економски форум 2021, Рамафоса рече дека земјите со низок и среден приход се ставени настрана од побогатите нации кои можат да побараат „четири пати повеќе отколку што им е потребно на нивното население“.
Германската канцеларка Ангела Меркел исто така изрази загриженoст, повикувајќи на „фер“ дистрибуција на вакцините низ целиот свет.

Израел води во трката

Израел е убедливо водечка земја во трката со вакцини, со тоа што 31 процент од населението примило барем една доза. Обединетото Кралство вакцинирало околу 10% од населението, а САД, најтешко погодената земја во светот речиси шест проценти од нејзините жители. Побогатите земји во светот имаат 97 проценти од дозите во своите раце. Останатите три проценти се дадени во Индија, која инјектирала повеќе од два милиони дози.

-повеќе на темата: Вакцини – една чиста европска конфузија

СЗО и нејзината официјална коалиција за вакцини Гави воспоставија механизам за дистрибуција на вакцините во посиромашните земји, но сè уште не е применета ниту една доза. На програмата и недостигаат милијарди долари потребни за да се обезбедат дози за 20 проценти од населението во посиромашните земји до крајот на годината.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми