Вакцинирање во Германија уште пред крајот на 2020?
СН/агенции
23 октомври 2020
Дали вакцината за коронавирусот ќе дојде порано отколку што многумина веруваат? Според весникот Билд, германската влада направила конкретни подготовки за можно вакцинирање против Сарс-КоВ-2 уште во текот на оваа година.
Реклама
Германија се подготвува да започне со вакцинирање против коронавирусот пред крајот на годината, пишува најтиражниот германски весник Билд во неговото денешно издание. Министерството за здравство планира да направи 60 посебни центри за вакцинирање и писмено побарало од 16-те сојузни германски сојузни покраини да достават можни адреси за овие центри до 10 ноември, пишува Билд не наведувајќи ги своите извори.
На видео конференција на почетокот на неделава, министерот за здравство Јенс Шпан, кој и самиот во средата доби позитивен тест на коронавирусот, рече дека германската компанија БиоНТеk е близу до добивање одобрување за неговата вакцина.
Вакцина во Германија до крајот на годината?
„Тоа би можело да се случи до крајот на годината“, изјавија за Билд учесници на оваа конференција, кога Шпан одговорил на прашањето кога ги очекува првите вакцини.БиоНТек развива вакцина во партнерство со Физер.
Минатиот месец Германија насочи 745 милиони долари за компаниите БиоНТех и КјуреВак да ја забрзаат работата на вакцината и да ги прошират германските производни капацитети.
Тече финалната клиничка фаза на корона-вакцината на Модерна
01:24
Заразата во Германија се забрзува, а податоците од четвртокот покажаа дека за првпат бројката на новозаразени за 24 часа надмина 10.000. Институтот Роберт Кох во последните 24 часа пријави 11.242 нови инфекции на коронавирусот и 49 починати лица. Од почетокот на пандемијата во Германија се заразени 403.291, а починаа 9954 лица.
Држење дистанца- креативно!
Многу експерти нагласуваат дека и по доаѓањето на вакцината најважните заштитни мерки против коронавирусот- маските и физичката дистанца- уште некое време ќе бидат секојдневие. Но, тие можат да се следат и покреативно.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert
Љубов на далечината
Да се оствари пријатно познанство или да се флертува со убава девојка или убаво момче седејќи на клупа? Зошто да не! Само не заборавајте да држите дистанца. Оваа клупа укажува дури и колкава.
Фотографија: picture-alliance/ANP/B. Grösse
Мечиња на маса
Во моментов, во многу ресторани во Германија, на секоја втора маса има натпис „Ве молам, не седнувајте“. Сопственикот на ресторанот „Beef'n Beer“ во Хофхајм на Таунус го решил овој проблемот духовито: на секоја маса на која не треба да се седи ставил плишни мечиња.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert
Во друштво на кралицата
Ресторанот „Клостервирт“ во центарот на Минхен избра друга опција. Од 25 мај тука можете да вечерате со британската кралица и со други светски познати личности. Големи фотографии од нив „седат“ на масите кои треба да останат празни.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel
Максималната шапка на Максима
Шапката со широк обод ќе ви помогне да држите дистанца со стил. Каква што е, на пример, оваа шапка на кралицата на Холандија Максима. Иако е пожелно таа да биде уште поголема.
Фотографија: picture-alliance/Dutch Photo Press/P. van Katwijk
Разреден аудиториум
Драмскиот театар „Берлински Ансанбл“ во германската престолнина се подготвува повторно да ја пречека публиката. Но, сè уште не во целост. За идните настапи одлучија значително да ги „разредат“ редовите со места за гледачите.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen
Во својот круг
За да не се преполнат одморалиштата во парковите и тревниците, властите во германскиот градХајделберг решија да исцртаат кругови на тревата со креда. Ем безбедно, ем сите спокојни.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Anspach
Куче со елизабетанска јака
И сопственикот носи маска, и кучето е заштитено со јака, која им е позната на многу љубители на кучиња и пред пандемијата на коронавирусот. Се нарекува ветеринарна или елизабетанска јака или конус. И сопственикот може да носи нешто слично (ако сака!).
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/A. Widak
Плисирани здолништа
Овие меки здолништа (добро, можеби малку потесни) се носеа во ерата на англиската кралица Елизабета I. Со нив, растојанието е загарантирано!
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Marchi
Држете го клунот на растојание
Ова е маска од познатиот карневал во Келн. Слични се носеле уште во Средниот век. Но, тогаш се верувало оти со нив се заштитувале од чума. Сега - од коронавирусот.