Претседателот Стево Пендаровски проценува дека државата нема ресурси да издржи продолжена кризна состојба на целата територија поради коронавирусот. Одлуката во следните неколку дена.
Реклама
Северна Македонија нема доволно ресурси за да си дозволи кризна состојба како онаа во Дебар и Центар Жупа на територијата на целата државата, изјави шефот на државата Стево Пендаровски вечерва во интервју за Телма. Претседателот од повеќе аспекти: правни, економски и политички, образложуваше зошто е подобро да се оди на варијантата за прогласување вонредна состојба поради пандемијата на коронавирусот, иако и самиот ден претходно, по седницата на Советот за безбедност, рече дека засега нема потреба од нејзино прогласување. Но, во меѓувреме работите забрзано се менуваат, како што призна и Пендаровски, алудирајќи на растот на бројот на заболени од Ковид-19, но и опасноста која полека се надвиснува над Скопје и неговите 600 илјади жители.
„Во двете општини Дебар и Центар Жупа, каде според пописот живеат 15 илјади граѓани, а веројатно сега се околу 10 илјади затоа што е иселенички крај, ангажирани се над 350 луѓе. Колку ќе чини една таква операција за Скопје?“, рече Пендаровски, додавајќи дека главниот град ќе биде тешко да се покрие не само финансиски, туку и кадровски и со квалификувани медицински кадри.
За вонредна состојба денеска се заложи и лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој, слично како и Пендаровски вечерва, објаснуваше дека тоа има предности и за владата во ситуација кога мора да се донесуваат итни мерки за помош и на граѓаните и на економијата. Потребата од ребаланс на буџетот веќе е актуелна, но таа не може да биде реализирана во актуелната ситуација, со техничка влада.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска го бранеше ставот дека најпрво треба да се прогласи кризна состојба на територијата на целата држава, па откако ќе минат 30 дена, да се оди на вонредна.
Доколку тоа се случи, согласно законите, со кризата ќе треба да управуваат Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, што според Заев, не е оптимално во актуелната ситуација.
Пендаровски најави дека „многу брзо“ во следните денови ќе ја донесе конечната одлука. Со оглед дека Собранието е распуштено, во негови раце е одлуката како земјата понатаму ќе се справува со кризата.
„Не сум избран само за да се сликам и да одам по црвен тепих“, порача Пендаровски.
Коронавирус: Кои залихи ви се потребни во кризни ситуации
Кризата со коронавирусот доведе до прогласување вонредни состојби во многу земји. Неретки се случаите на панично купување во супермаркетите. Дознајте што ви е потребно во домот во вакви ситуации, и избегнете паника.
Фотографија: Reuters/V. West
Подгответе се за криза
Германската влада во 2016 година изработи нов план за цивилна заштита со листа на неопходни производи кои во меѓувреме се ажурирани. Германците добија препорака да направат залихи на храна за 10 дена и питка вода за пет дена. Идејата е луѓето да имаат се што им е потребно, вклучително готовина и лекови, за да ја надминат кризната состојба.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Доволно течности
Листата со препораки опфаќа и список на залихи за период од 14 дена. Најважната работа на листата е водата- 28 литри по човек за период од 14 дена, или два литри дневно. Луѓето можат да преживеат неколку недели без храна, но без течности само четири дена.
Фотографија: picture alliance/KEYSTONE
Потребни залихи
Германското министерство нуди и онлајн „калкулатор“ со кој можете да пресметате каква храна да имате во резерва. Се препорачуваат 4,9 килограми ориз, леб и тестенини по човек за две недели. Потоа, 5,6 килограми зеленчук по човек, по 3,7 килограми млечни производи, овошје и јатки, и 2 килограми риба и месо. Водете сметка храната да трае и без ладење. По избор, снабдете се и со масло, шекер и сол.
Фотографија: Markus Mainka - Fotolia
Хигиената е витална
Иако храната и водата се клучни во вакви ситуации, хигиената е исто толку важна за превенција од болести. Имајте на располагање доволно сапун, детергент, паста за заби, влажни марамчиња, кеси за смет и тоалетна хартија.
Фотографија: picture-alliance/Eibner-Pressefoto
Лекови
Се препорачува да имате снабдено медицинско шкафче доколку се случи да не бидете во состојба да отидете до аптека или болница. Меѓудругото, тоа предвидува комплет за прва помош, неопходни лекови на рецепт, лекови за настинка, против болка, анти-диареа лекови и електролити, како и термометар и средство за дезинфекција.
Фотографија: picture-alliance/blickwinkel
Доколку снема струја
Не е честа појава, но може да се случи да снема струја на неколку часа или на подолго. Тоа значи дека ќе нема светлина, мобилни телефони и греење. За да се подготвите за таква евентуалност, чувајте во резерва батериска светилка и свеќи, како и кибрит или запалка.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Y. Badawi
Торба за итни ситуации
Создавањето залихи претпоставува дека мора да останете во домот, но некоја кризна ситуација може да ве натера и итно да заминете. Затоа е мудро да се има подготвена патна торба. Германската влада советува во неа да сместите: комплет за прва помош, храна за два дена, најважни лични документи, шише вода, вреќа за спиење, неопходна гардероба и дел од нештата кои беа наведени во претходната листа.