1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус во Шпанија: „Беше како во војна“

Никол Риз
23 декември 2020

Шпанија беше меѓу земјите најтешко погодени од Ковид-19 во првиот бран пролетоска. Медицинскиот персонал уште не се опоравил од таа криза, а на прагот е веќе вториот бран на пандемијата.

Spanien Madrid | Intensivstation für Covid-19 Kranke
Фотографија: Juan Carlos Lucas/NurPhoto/picture alliance

2020 година беше тешка. Колку тешка, лекарката Кармен Гијон тоа дури сега го чувствува. Останати ѝ се уште неколку слободни денови пред повторно да преземе дежурства на одделението за интензивна нега во една болница во Мадрид. Од моментот кога пролетоска болницата молневито беше оптоварена со пандемијата, помина извесно време. Но, тогашните случувања лекарката уште не успева да ги преработи. Тогаш, заедно со колегите, очајнички се борела за животот на пациентите, често на раб на очај, фрустрација и немоќ.

Кармен Гијон сведочи како коронавирусот тогаш однел бројни животи. Гледала како пациенти со кои кратко претходно разговарала, ги пакуваат во пластични вреќи за трупови и ги изнесуваат. Некои од нив биле стари, други само што станале родители. Многумина од нив умирале само со присуство на болничкиот персонал. Ретко било можно роднините да стигнат покрај смртната постела.

„На пат кон дома плачев"

Младата лекарка се бори со солзите секогаш кога раскажува за таквите моменти пролетоска. Таа и нејзините колеги работеле по осум дена без прекин со само еден ден пауза. „По пат плачев, тоа малку ми носеше олеснување." По доаѓањето дома, исцрпена паѓала во немирен сон. „Кога денес го враќам погледот наназад, се прашувам како воопшто ја издржавме таа битка во текот на првиот бран", се присетува Кармен Гијон.  На многу нејзини колеги им била потребна дури и психолошка поддршка, некои дури морале да земаат и лекови.

Повеќе на темата:

Нов вид на коронавирус од Шпанија се шири низ Европа

Зошто Шпанија е „плодно тло“ за коронавирусот

Фотографија на денот: Исцрпени од Ковид-19

Зошто здравствениот систем на Шпанија потклекна пред коронавирусот?

Летото им донесло кратко здивнување, но во септември креветите на интензивна нега повторно почнале да се полнат. Кармен веќе сега е физички и психички исцрпена. По пролетното искуство, ова е голем шок. Лекарката е лута поради фактот што повторно порасна бројот на новозаразени и тоа не само поради благите мерки, туку и поради однесувањето на граѓаните.

Ново чувство на слобода за милиони Шпанци

01:20

This browser does not support the video element.

„Нови мртви во празниците"

Кармен не е осамена меѓу своите колеги во уверувањето дека новиот бран со нови жртви на пандемијата е на прагот. Многумина медицинари стравуваат посебно од Божиќните празници, кога се собираат цели семејства. Зависно од регионот, во Шпанија е дозволено собирање на шест до десет лица, но останува отворено дали тие сите навистина ќе се придржуваат на пропишаните мерки за носење маски и држење дистанца.

„Сите знаат како треба да се однесуваат. Тоа е прашање на поединечна одговорност", вели Лаура Санз. На нејзината клиника во Мадрид многумина се тестираат пред празниците, што таа го смета за позитивен сигнал.

Лекарката Лаура Санз покажува сликовито во каква опрема мора да работиФотографија: Nicole Ris/DW

Оваа 37-годишна специјалистка за интензивна медицина, почетокот на пандемијата, кога малку кој верувал во постоењето на коронавирусот, го преживеала како пациентка. Две недели лежела во болница и се борела за воздух. Од болничкиот кревет посматрала како се менува светот околу неа. Таа на почетокот на пандемијата имала дури и среќа, зашто уште имало слободни кревети. Подоцна ситуацијата се променила.

„Пациенти лежеа по ходници"

„Личеше на војна: по ходниците лежеа пациенти. Некои од нив умираа толку брзо, што немаа време ни да повикаат за помош", вели Лаура Санз. Тоа тешко време, вели таа, го преживеала благодарение на Жоакина, својата 78-годишна цимерка во болничката соба. „Во тие десет дена поминати заедно ми беше како баба", се присетува Санз. За жал, Жоакина не преживеала. Од коронавирус починал и шефот на одделението. 

По болеста, Лаура сакала што поскоро да се врати на работа за да им помогне на колегите. Но, тоа уште не е целосно можно. Лекарката страда од подоцнежни последици на инфекцијата со коронавиус. Има проблеми со системот за варење на храната, а нејзините медицински наоди се дел од истражување во кое се испитува поврзаноста на бактеритите во системот за варење со коронавирусот.

Зашто бактериите, вели лекарката, се „кралеви на прашумата": тие добрите го бранат организмот, го штитат од напаѓачи, на пример коронавирус. Постојат индиции дека бактериите играат голема улога во спречување на подоцнежни последици од заболување со Ковид-19. Засега Санз не работи во смени, но најдоцна од јануари се враќа на полно работно време. Се надева дека заеднички со колегите ќе има доволно сила. Зашто, 2020 година беше навистина тешка.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми