1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коронавирус: Германските покраини ги заоструваат мерките

ЖА / Тагесшау
3 ноември 2021

Поради растечките бројки на новоинфицирани со коронавирус, повеќе германски сојузни покраини воведуваат или најавуваат повторно построги епидемиолошки мерки.

Deutschland | Weihnachten in der Coronakrise 2020
Фотографија: Rupert Oberhäuser/dpa/picture alliance

Во покраината Баден-Виртемберг уште денеска во сила влегуваат порестриктивни мерки, зашто е стигната предупредувачката граница. Таа се достигнува кога два работни дена по ред во одделенцијата за интензивна нега се зафатени 250 кревети или ако осум од 100.000 жители во рок од пет дена се примени на болничко лекување.

Заострените правила ги погодуваат луѓето кои досега  не се вакцинирани  против коронавиус, а изземени се лицата кои од здравствени причини не можат да примат вакцина.

Брз тест веќе не е доволен

Во принцип, за присуство на манифестации, посета на културни установи или за гастрономијата и натаму важи  правилото 3Г  (вакцинирани, оздравени, негативни на тест), но невакцинираните лица сега мора да приложуваат ПЦР тест, кој е доста поскап отколку брзите тестови. И во кино, базен или забавен парк е дозволен влез само со ПЦР тест.

Освен тоа, за  невакцинираните,  односно за оние кои не ја прележале болеста, при достигнување на предупредувачката граница повторно важат ограничувања на контактите, членовите на едно домаќинство смеат да се среќаваат со пет други лица, исклучок се млади под 17 години како и вакцинирани или излечени лица.

Ќе следат Саксонија и Баварија?

Покрај Баден-Виртемберг, и други сојузни покраини размислуваат за заострување на  корона-правилата. Во Саксонија за манифестации и приредби во затворен простор и за влез во ресторан ќе важи само правилото 2Г – значи само вакцинирани и оздравени. Покраинската влада в петок треба да реши дали ќе почне примената на овие мерки.

Табла пред ресторан: влез само за вакцинирани или излечени гости Фотографија: Sebastian Kahnert/ZB/picture alliance

Покраинската влада на Баварија уште денеска расправа за повторно воведување построги корона-правила. Покраинскиот премиер Маркус Зедер се изјасни за поширока примена на правилото 2Г, кое поради високите бројки на нови инфекции, веќе важи во одделни окрузи. Можно е и повторно воведување на обврската за носење маски во училиштата, мерка која во Баварија беше укината пред еден месец.

Институтот Роберт Кох има регистрирано 20.400 нови инфекции

Меѓу германските сојузни покраини, Баварија моментно има трета по големина седумдневна инциденца, како што произлегува од статистиката на Институтот Роберт Кох – 228,4. Вредноста на инциденцата покажува колку луѓе на 100.000 жители се инфицирале со вирусот во рок од седум дена. Пред Баварија се Саксонија со инциденца од 289,7 и Тирингија, засега рекордер со инциденца од 338,2.

Земено во целина, во Германија во изминатите 24 часа инциденцата бележи мал пад – од 153,7 на 146,6. Во рок од еден ден Институтот Роберт Кох регистрирал 20.398 нови инфекции,  но можно е поради празникот во понеделникот, односно  продолжениот викенд во пет покраини, да се пријавени помалку новоинфицирани.

Бројот на починати во врска со коронавирус во изминатите 24 часа изнесува 194. Од почетокот на пандемијата во Германија досега починале 96.000 луѓе кои се инфицирале со Ковид-19. Во земјата досега има 4,6 милиони заразени со вирусот, а 4,3 милиони се сметаат за излечени.

Дебата за нов состанок на покраините и сојузната влада

Утре и в петок за развојот на пандемијата ќе дискутираат министрите за здравство на покраините. Новоизбраниот покраински премиер на Северна Рајна Вестфалија, Хендрик Вист, пледира за нов состанок меѓу покраините и сојузната влада за идната недела, но тоа не го сметаат за неопходно сите покраински шефови на влади.

„За натамошните чекори во поглед на короната разговаравме пред десет дена“, изјавил покраинскиот премиер на Долна Саксонија, Стефан Вајл, сметајќи дека оттогаш нема нови сознанија. И премиерот на Шлезвиг-Холштајн, Даниел Гинтер, не гледа итна потреба за нова рунда советувања, според него, покраините веќе ги имаат сите потребни инструменти за борба против пандемијата. 

Тириншкиот премиер Бодо Рамелов одговорноста ја гледа кај сојузното министерство за здравство, кое би требало, врз оснива на заклучоците од последната конференција на покраините со сојузната влада, да предложи препорака за натамошно постапување во пандемијата, за која потоа треба да гласа Бундестагот. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми