1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Европа во траен карантин?

Штефани Хепнер
13 јануари 2021

Поради наглиот скок на бројот на новоинфицирани со коронавирус, многу земји во Европа веќе со недели се наоѓаат во повторен локдаун, но резултатите сепак досега изостануваат.

Island I Geschlossener Pub THE IRISHMAN in Reykjavik
Фотографија: T. Seeliger/snapshot-photography/imago images

Многу европски земји поради пандемијата на Ковид-19 од пред неколку недели воведоа повторен карантин. Сепак, без оглед на рестрикциите, најчесто ретко некаде се гледа крај на порастот на новозаразени. Наведуваме неколку примери.

Германија: Локдаун до Велигден?

Ограничувањата во Германија првично требаше да важат само до Божик, така гласеа ветувањата на политичарите. Но, од тоа не бидна ништо, напротив. Од „лајт локдаун“, поради континуираните високи бројки на инфекции, повторно стана вистински карантин: продавниците кои не се неопходни за живот и сите други институции се затворени до 31 јануари, вклучувајќи ги и училиштата и детските градинки.

Германската канцеларка Ангела Меркел вчера зборуваше за „осум до десет тешки недели“ кои ѝ претстојат на Германија. Таа посебно предупреди на мутираниот коронавирус. Кога ќе се разлабават рестрикциите, останува нејасно. Здравствениот експерт од СПД Карл Лаутербах како цел најави седумдневна инциденција од 25, моментно таа изнесува 165 на 100.000 жители.

Холандија: Построги анти-корона мерки на видик

И покрај локдаунот, во Холандија бројот на инфицирани речиси не се менува, земјата е тешко погодена. Инциденцијата за седум дена на крајот на декември изнесувала 760, според ЕУ-Службата за заштита од инфективни болести.

Училиштата и продавниците остануваат затворени најмалку уште три недели. Заострените мерки се воведени во средината на декември, иако има гласни повици за отворање барем на основните училишта. „Ако нема видно намалување на бројките на инфицирани и се рашири англиската мутација на коронавирусот, веројатно ќе воведеме уште подрастични мерки“, изјави вирологот Мено де Јонг за ТВ АТ5. Во изминатата недела се регистрирани веќе 50 случаи на мутираниот коронавирус во Холандија.

Австрија: Кавги околу училишната настава

Од крајот на декември во Австрија во сила се повторно строги мерки, третиот локдаун стартуваше на 26 декември. Трговијата не работи, освен супермаркетите, воведени се ограничувања на контактите. Целта е постигнување инциденција под вредноста 100, моментно таа изнесува 163 на 100.000 жители и не се менува подолго време.

Првично беше планирано од 18 јануари повторно да се одвива настава со физичко присуство, но засега сите знаци укажуваат на продолжување на карантинот, канцеларот Себастијан Курц споменал пролонгирање од една недела, а се дискутира и можноста училиштата да останат затворени до средината на февруари.

Италија: Поделба на зони

Италија пролетоска доживеа тежок удар од корона-пандемијата и со месеци беше во карантин. Земјата и зимава посегна по строги мерки, но во зависност од регионалната погоденост. При инциденција од 250 или повеќе, регионот се прогласува за „црвена зона“ со драстични мерки – полициски час, затворени продавници и локали и онлајн настава. Просечната инциденција во земјата изнесува 203. 

Зрак надеж е што досега се вакцинирани веќе половина милион жители, со што Италија предничи во Европа. За популаризирање на вакцинирањето придонесе и поглаварот на католичката црква, папата Франциско, кој упати повик до луѓето да се вакцинираат. 

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

02:17

This browser does not support the video element.

Ирска: Во трет локдаун

Ирска сега е посебно силно погодена од пандемијата. За време на Божик и Нова година, бројките повторно вивнаа во височина, а новата варијанта на вирусот може уште повеќе да придонесе за ширење. Вредностите на инциденцијата за седум дена се високи – 129 (состојба на 9 јануари) на 100.000 жители. Одделни општини имаат двојно повисоки инциденции.

Кратко пред крајот на годината ирскиот премиер Мајкл Мартин најави нов локдаун, најмалку за еден месец. Мерките се строги – приватни посети се целосно забранети, исклучоци важат само за свадби со присуство до шест гости, а на погреби до десет лица. Спорт на отворено е дозволен само во радиус од пет километри од местото на живеење, сите продавници освен тие за храна се затворени.

Шведска: Претстои промена на курсот

Скандинавската земја досега беше позната по својот делумно оспоруван посебен пристап во справувањето со пандемијата на коронавирус. Додека лани пролетта многу европски земји го парализираа јавниот живот, Шведска се потпираше врз свеста на луѓето. Тоа успеа само делумно, бројот на новоинфицирани е катапултиран. Сега седумдневната инциденција изнесува 515 на 100.000 жители.

Во Шведска уште не е воведен карантин, но владата може да воведе строги мерки, на пример затворање на трговските центри и фитнес студија, ако сака. Новиот закон за пандемија кој тоа го овозможува беше усвоен во петокот по итна постапка. Медиумите пишуваат за „демократска вонредна состојба“. Какви мерки навистина ќе бидат воведени, ќе се покаже во следните недели.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми