Заболена директорка испрати во изолација цела клиника
БГ
9 март 2020
Четвртиот регистриран случај на заболен од коронавирус во Северна Македонија испрати речиси 200 луѓе- повеќето лекари- во изолација и ја затвори Клиниката за кожни болести во Скопје.
Реклама
Клиниката за кожни болести во Скопје ќе биде затворена, 64 вработени во оваа институција се испратени во домашна изолација и ќе бидат тестирани, а истата мерка ќе опфати и уште стотина лица- претежно лекари- кои учествувале на стручно предавање за време на викендот. Во изолација се и пациенти на клиниката, како и други лица кои се лекувале во амбулантата.
Тоа е краткорочниот епилог од откривањето на коронавирус кај директорката на Клиниката за кожни болести. Таа престојувала во Северна Италија- регион кој е најтешко погоден од вирусот Ковид-10 на европско тло- но по враќањето во земјава не се тестирала ниту доброволно ги пријавила симптомите, туку пет дена одела на работа. Нејзината состојба е добра, но дали заразила и други лица, ќе се знае во следните денови.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.
Фотографија: picture-alliance/Ch. Mohr
8 фотографии1 | 8
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека сака да ја разреши од функцијата директорката, но вели дека му се врзани рацете поради предизборниот период. Тој остава простор таа и кривично да одговара, доколку таква одговорност утврдат другите надлежни институции.
„И покрај тоа што антиципиравме ризици многу пред време и и уште многу пред соседните земји ги спроведовме сите мерки на претпазливост како на аеродромот, така и на влезовите во државава, ова со што се соочивме денеска е нешто што навистина многу не разочара“, изјави на прес-конференција Филипче.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинија министерот дека потфрлил и бараат оставка од него и кривичен прогон на директорката. Расправала и комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ која меѓудругото препорачува “распуст за децата од предучилишна и училишна возраст и строго евидентирање на сите лица што влегуваат во државата од кризни зони со коронавирус.“
Филипче денеска уште еднаш повика да не се шири паника и да се почитуваат препораките, особено од страна на лицата кои престојувале во ризични региони.
*Вкупниот број на заразени од коронавирус во земјата, во меѓувреме, порасна на седум лица, откако вечерва (09.03.2020) Министерството за здравство информира дека болеста била откриена уште кај три лица кои претходно беа испитувани.
*Информацијата беше ажурирана со дополнителен број на заболени од коронавирус во 23:49 часот на 09.03.2020.