1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зошто се умира најмногу на Балкан и во централна Европа?

Мадлен Пит
30 април 2021

Од Чешка, преку Словенија, БиХ, Црна Гора, Северна Македонија до Бугарија...таму е највисока смртноста од Ковид-19 по глава на жител. Причина е што малку луѓе можат да работат од дома и што довербата во власта е помала

Slowakei | Coronavirus | Massentest in Bratislava
Фотографија: Tomas Tkacik/SOPA/ZUMA Wire/dpa/picture alliance

Ланската година поминуваа уште солидно, но оваа година, според статистиките, осум држави од Западен Балкан и централна Европа се на првите девет места на светската листа според бројот на смртни случаи поврзани со коронавирус на еден милион жители.

Според Оксфордската банка на податоци (Our World in Data), таа црна листа ја предводи Унгарија (2.812 смртни случаи на еден милион луѓе), следат Чешка (2.721), БиХ (2.579), Црна Гора (2.364), Бугарија (2.342), Северна Македонија (2.290), Словачка (2.126), Белгија (2.082) и Словенија (2.037).

Според истите податоци, во Србија со коронавирус се поврзува смрт на 927 луѓе на еден милион жители. Порано истражувачките новинари и експертите искажуваа сомнеж во официјалните српски статистики.

Токму тоа е најголемата слабост на овие листи – бројките од различни земји тешко се споредливи. Има земји каде епидемијата се игнорира или премалку се тестира, а различни се и методологиите на впишување на коронавирусот како причинител на смртта. Така испаѓа дека во земји како Нигерија, Венецуела или Авганистан речиси никој не умира од коронавирус.

Коронавирус во Русија: на кои бројки да се верува?

03:10

This browser does not support the video element.

Ако сепак се придржуваме на достапните листи, работата не е во тоа што болеста е посебно смртоносна во централна Европа и на Балкан, туку во тоа што таму има премногу заразени. Досега починале речиси 1,8 % од регистрираните заразени во Чешка, додека уделот во западните земји е многу повисок, на пример во Велика Британија  (2,9%) или Германија (2,5%).

Но, официјално дури 15 проценти од  Чесите имале или имаат Ковид-19. Реалните бројки, како и во секоја земја, се веројатно повеќекратно повисоки.

Повеќе:

Во борбата против коронавирусот се брои секој килограм

С. Македонија и третиот бран го дочека со висока смртност од Ковид-19 во регионот

Ковид-19: Ситуацијата во Европа и натаму сериозна, над еден милион починати

СЗО: Бавното вакцинирање ја продолжува пандемијата во Европа

Од друга страна, земјите со бројно население како Индија и Бразил, каде се заканува хуманитарна катастрофа, според официјалните податоци досега не се во толку голем обем погодени од вирусот. Во Индија од почетокот на пандемијата досега официјално се регистрирани само 1,2 % како заразени, во Бразил – 6,7 %

Сепак, во централна Европа и на Балкан, за разлика од Бразил и Индија, овој бран на коронавирус конечно полека се смирува. Но, зошто дојде до толкав поголем број инфицирани и починати отколку во западна Европа?

Кога работата од дома не е опција

Дел од одговорот лежи и во разликите во стопанството на запад и исток во Европа. Во текот на децении, производните ленти од запад се извезувани на исток. На пример, 37,3 % од вработените во Чешка работат во индустријата. Тој процент во Унгарија и Полска е 32, додека според Светската банка, во западна Европа уделот е многу понизок (20% во Франција и 18% во Велика Британија).

Чешка и Словачка, без оглед на малубројното население, се трета и четврта земја во ЕУ според бројот произведени автомобили, таму меѓу другите, се фабриките на германските автомобилски гиганти.

Тоа едноставно значи дека во тие земји повеќе луѓе мораат да одат на работа, зашто фабричката работа не може да се премести на хоум офис, вели Марјан Хајдук, директор на Институтот за молекуларна медицина на чешкиот универзитет Палацки.

Слично мисли и Рихард Колар, математичар кој прави епидемиолошки модели и ја советува словачката влада. Тој вели – разликата добро се гледа според региони. Братислава на пример е помалку погодена од помалите словачки места, зашто 60 % од жителите на главниот град можат да работат од дома.

Во првиот бран на коронавирус лани прво и фабриките го намалија или запреа производството, а денес тоа не е случај. Словачка, како најголем светски производител на автомобили по глава на жител, привлекува и многу гастарбајтери од кои понекои секој ден патуваат во фабриките. Тоа го зголемува ризикот од ширење на вирусот.

Хајдук вели дека во овој поглед Полска, Унгарија, Чешка и Словачка се многу слични. Покрај тоа, во Чешка има многу луѓе кои одеа на работа зашто во карантин добиваа само 60 % од заработувачката.

„Тоа ги демотивираше луѓето да одат во карантин ако треба или да пријават со кој биле во контакт. Политичарите тоа го променија дури неодамна така што и во карантин се добива речиси полна плата. И тоа веднаш наиде на прифаќање кај населението“, вели Хајдук.

Слично, Словачка доцна почна со исплата на работниците кои губат заработувачка во текот на пандемијата. „Во посиромашните региони во источниот и во северниот дел, кога некој ќе добие позитивен тест на корона, тешко може да си дозволи да остане дома“, вели Колар. „А луѓето кои ионака работат на црно, ништо не би добиле. Мислиме дека токму затоа најсиромашните региони се најмногу погодени од короната.“

Голема неодверба во власта

Можеби постои уште една причина зошто бившите комунистички земји се повеќе погодени. Некои истражувачи имено гледаат директна врска меѓу довербата во власта и штетите кои ги носи пандемијата.

Според една студија на Еурофонд, граѓаните на Словачка, Унгарија, Полска, Бугарија и Чешка  имаат далеку помалку доверба во власта отколку просекот во ЕУ. Според Транспаренси интернешнл, во сите нив корупцијата претставува голем проблем.

На тоа политичарите се обидуваат да се спротистават на погрешен начи, велат соговорниците на Дојче веле. На пример, така што донесуваат популарни и едноставни мерки, наместо ефикасни. Хајдук истакнува дека Чешка во една година смени четворица министри за здравство. Не помогнаа ни изборите за Горниот дом на парламенгтот пред кои властите се колебаа да воведат мерки и со тоа да ја загрозат својата популарност.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми